Растенија на терасите: 5 совети за правилна нега во лето


Високите летни температури поминаа, или можеби не? Август штотуку почна и не знеме точно што не очекува. Во врелите сончеви летни денови, нашите билки на терасите имаат потреба од зголемена нега, грижа, внимание и пред се вода. Меѓутоа со неколку мали трикови, вашите прекрасни цвеќиња и билки на терасите не само што ќе ги преживеат високите температури, туку ќе бидат поубави од секогаш.

Токму и целта на денешнава статија е таа да со вас споделам некои мали трикови кои за мене успешно делуваат и се однесуваат токму на летната нега на растенијата на нашите тераси.

1. Цвеќињата и билките на терасите летно време наводнувајте ги само навечер. Преку ден под дејство на високите температури водата брзо испарува и растенијата нема да може да ја добијат адекватната вода и нега, а и земјата во саксиите ќе ја најдеме сува. Доколку тоа се направи навечер, водата останува во почвата и тие рамномерно ја превземаат.



2. Наводнувањето на цвеќињата правете го секогаш од страничниот дел на саксијата. Никако не ставајте вода директно врз лисјата, цветовите или пак врз коренот на самата билка. Со самото излевање на водата на страната од саксијата овозможувате водата полека да стигне до корените на билката, без да предизвикате голем стрес за истата.

3. Ставајте вода секојдневно (во случајов секоја вечер) меѓутоа по малку. На тој начин ја оддржувате правилната хидратација на билките. Лично сум ставала и повеќе вода на два дена, а и по малку водичка секојдневно, и забележав дека овој вориов начин е многу поуспешен и дава подобри резултати.


4. Од време на време кога готвите зеленчук како тиквички, морков, спанаќ и др., водата од зеленчукот не ја фрлајте туку изладена додадете им ја на билките. Оваа вода и тоа како може да ги препороди билките.

5. Доколку гледате дека некоја билка почнува полека да умира, направете вода од коприва Потопете 250 гр. коприва со 2,5 литри вода, и оставете ја течноста на терасата покриена со една газа да отстои на сонце цел ден, а можете и повеќе денови за да биде поконцентрирана. По истекот на времето ќе добиете една зелена течност. Од оваа течност земете 100 мл. и растворете ја во литар вода, извадете ја билката од саксијата сосе земјата и коренот (доколку е мала билка) и намокрете ја во течноста од коприва неколку минути додека коренот да впие директно дел од течноста. Доколку станува збор за поголема билка, во тој случај ставете дел од течноста директно во саксијата од страничниот дел. Ова е одличен лек кој навистина може да ја спаси вашата билка доколку од било какви непознати причини почнала да се суши. За кратко време билката ќе стане како нова. За овој метод веќе ви говорев и во статијата како да ги оддалечиме паразитите од градината на следниов линк http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/blog-post_9.html).


Се надевам дека овие мали совети ви беа од корист и дека ќе се обидете да ги примените на вашите билки (ако досега веќе и не сте ги примениле).


Благодарам за вниманието и до скоро читање.

Вики

Comments