Најдобри етерични масла против акни и бубуљички


Еден од најпознатите алтернативни начини на лечење на многу неправилности кај масната кожа на лицето е токму употребата на етеричните масла. Меѓутоа при овој метод треба секогаш да се биде многу внимателни со оглед на тоа што етеричните масла се чисти и многу концентрирани, и нивната погрешна употреба може да доведе до сушење на кожата во најмала рака, или пак во најлош случај до изгореници. Затоа никогаш не треба да се користат чисти на кожата, туку секогаш разредени во базно масло и тоа во различен процент во зависност од тоа дали ги користиме за лице, тело или коса.

Во денешнава статија ќе говорам за четирите најпознати и најделотворни етерични масла (барем според мене) како лек за неправилностите кај масната кожа, односно: чајно дрво, лаванда, рузмарин и лимон.

1. Етерично масло од чајно дрво е можеби и најпознато како лек против акни и бубуљици. Има прочистувачка и антивоспалителна моќ и не само што ги суши евентуалните бубуљички, туку истовремено ја прочистува кожата и го спречува воспалението на кожата.

2. Лавандата има омекнувачко својство врз кожата, ја смирува, чисти и делува антибактериски. Ја подобрува обновата на клетките на кожата. Ова е можеби единственото етерично масло кое во одредени случаи може да се користи и директно на кожата, во случај на убоди од инсекти, болки во главата или мигрена (подетално ќе говорам во некоја од следните статии).


3. Етеричното масло од лимон има големо прочистувачко, дезинфекциско и антибактериско дејство врз кожата, помага кај лузничките предизвикани од акни и се користи и како природен лек за избелување на кожата.


4. Етерично масло од рузмарин има тонизирачки и прочистувачки ефект врз кожата, и затоа е доста употребувано како лек против акни. Одлично ги затвара порите на лицето, а исто така ова масло дава одлични резултати и во избелување на темните дамки од кожата кои може да настанат како резултат од сонцето или за време на бременоста.


Откако ги разгледавме четирите најделотворни етерични масла, барем според мене, ајде да ви објаснам на кој начин може да ги употребувате.

1. Третман за испарување на лице

Овој третман има огромна прочистувачка моќ на кожата. Еднаш во две недели направете една парна купка од литар вода во која ќе додадете околу 6 капки етерично масло по ваш избор, или пак микс од две масла на пример 3 капки лимон и 3 капки лаванда. Кожата на лицето треба претходно да биде убаво исчистена и шминката секако извадена. Мој личен совет ви е откако ќе ја загреете водата да капнете 6 капки во неа и покријте го тенџерето и оставете да отстои така околу две три минути. Потоа многу внимателно (не го доближувајте лицето многу блиску до тенџерето), на поголема далечина наведнете го лицето врз тенџерето и покријте ја главата со пешкир и стојте така околу 5 мин. Пареата со етеричните масла ќе заврши во вашата кожа која секако ќе има многу бенефиции од третманот за прочистување. Како што напоменав, овој третман доволно е да правите еднаш месечно доколку немате поголеми проблеми или евентуално на две недели.

2. Тоник за лице

Од 3 до 5 капки етерично масло се раствораат во 100 мл. дестилирана вода и со оваа смеса се чисти лицето навечер, тапкајќи ја кожата со едно памукче. Доколку сакате одличен тоник за масна кожа кој навистина прекрасно функционира во тој случај еве ви еден рецепт кој веќе го имам објавено, ама во случај да сте го пропуштиле не е на одмет да го повторам. Станува збор за тоник со чај од ројбос.

Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички чај од ројбос и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлете го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло (јас секогаш користам лаванда). Протресете го добро шишенцето и нанесете го тоникот на лицето со помош на памук или дискета на исчистено лице. Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае од 2 до 3 недели. Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба со цел етеричните масла да се спојат со течноста.


3.Масло за лице

Растворете 10 капки од едно од горенаведените етерични масла во 50 мл. базно масло како на пример јојоба, арган или лешник кои се одлични како третман за масна кожа.

4. Маска за лице

Доколку сакате овие масла да ги употребите во една убава маска за лице, во тој случај капнете 2 капки (не повеќе од 3) од едно од горенаведените масла во дозата потребна за една маска за лице. Еве ви еден рецепт за супер прочистувачка маска за лице на база на глина.

1 лажица зелена глина се меша со една лажица зелен чај (или дестилирана вода), и на таа смеса се додава една лажица мед, една лажица масло по ваш избор (маслиново, кокос, јојоба, арган) и 2 капки етерично масло (од горенаведените). Ако смесата е прегуста ставете уште малку чај ако е течна ставете уште малку глина додека да добиете убава смеса која лесно се нанесува на лицето. Се нанесува на чисто лице со помош на четкичка и се држи 10 мин. Маскава е навистина одлична убаво ја затегнува и чисти кожата. Важно нешто е зелената глина да не се зема со метална лажица затоа што реагира во допир со метал. Може да се користи пластична или дрвена лажица. Исто така и садот во кој ја мешате не треба да биде метален.


Доколку имате чисто лице, а од време на време ви излегува по некоја бубуљичка (една до две за време на циклусот) на едно памучно стапче (она за чистење на уши) капнете една капка етерично масло (едно од четирите етерични масла кои ви ги предложив) и ставете го стапчето директно врз бубуљичката. Овој метод може да ви помогне многу брзо да ја исушите самата бубуљичка. Бидете навистина многу внимателни, допрете го стапчето само врз бубуљичката никако врз остатокот од кожата, за да нема несакани последици. Не претерувајте, доволно е еднаш дневно да го направите ова, се додека не видите дека бубуљицата почнала да се суши. Никако не ги стискајте бубуљиците затоа што на тој начин ја инфекцирате кожата наоколу и предизвикувате создавање на повеќе несакани бубуљици. Секако доколку имате нечистo лице и станува збор за повеќе бубуљици, во тој случај користете го методот со раствор на етеричните масла во базно масло.

Најискрено моето омилено масло од овие е секако лавандата и најчесто него го употребувам во третманите за чистење на кожата, само или во комбинација со рузмаринот.  Секако сите сме различни и можеби на вас подобро ќе ви одговара етеричното масло од лимон или чајно дрво. Само да напоменам дека лимонот никако не треба да го користите летно време затоа што е фотонестабилен и реагира во контакт со сонцето создавајќи темни флеки на лицето. Користете го само зимно време.

Исто така за време на бременоста мора да се биде многу внимателни со употребата на етеричните масла. На пример етеричното масло од рузмарин мора да се избегнува во текот на целата бременост и за време на доењето, додека дозволена е употребата на лавандата и тоа во многу мали количини. Максималната дозволена концентрација за употреба е 0.5% раствор за нега на телото, односно од 12 до 15 капки етерично масло во 100 мл. базно масло. За нега на лицето (со оглед на тоа што оваа статија се однесува токму на тоа), лично препорачувам 4 капки етерично масло од лаванда во 50 мл. базно масло како јојоба, лешник или арган. Сепак најдобро е да се биде умерени. Секако за било што консултирајте се со вашите гинеколози.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Голем поздрав и до скоро читање.

Вики

Comments