10 најчесто поставувани прашања за кокосовото масло

.Здраво на сите,

идејата за оваа статија ја добив откако во изминатиов период добив навистина илјадници прашања во врска со кокосовото масло и неговата употреба, како во козметички цели, така и во исхраната. Се решив да ги соберам сите најчесто поставувани прашања, да одговорам на нив и јавно да ги објавам за да ја разрешам дилемата кај многу девојки поврзана со квалитетите и употребата на ова масло. Ајде да започнеме.

Прашање бр. 1

Имам читано дека кокосовото масло е како путер или маст, но јас го купив и е течно како масло. Дали се расипало?

Не, кокосовото масло при високи температури е во течна форма како и сите останати масла, додека на ниски температури (во зима) се стврднува и наликува на маст.

Прашање бр. 2

Кога е многу жешко во лето, дали е подобро кокосовото масло да го чувам во фрижидер?

Ова потполно зависи од вас самите. Доколку го користите во козметички цели на пример како крема за лице и тело, во тој случај е покомотно да го држите во фрижидер, но само поради практичност. Што се однесува до квалитетот или составот на маслото, со оглед на тоа што кокосовото масло одлично поднесува високи температури, може слободно да го чувате и на собна температура.


Прашање бр. 3

Во моето кокосово масло има мала бледа трага на површината на маслото. Дали тоа значи дека се расипало?

Не, тоа е нормален дел од самото масло, доколку вашето кокосово масло е екстра девично ладно цедено. Може да претставува и делови кои потешко се стопиле кога маслото преминало во течна состојба.

Прашање бр. 4

Како да препознаам кое кокосово масло е квалитетно ладно цедено?

Обично на самото масло пишува ладно цедено, меѓутоа како главен показател нека ви биде декларацијата на која мора да има напишано само една состојка и тоа Cocos Nucifera Oil. Во никој случај не ги земајте мешавините со други масла или течен парафин со оглед на тоа што не добивате чисто кокосово масло.


Прашање бр. 5

Кога кокосовото масло е во тврда состојба, како да го земам од тегличката?

Со помош на една чиста лажичка земете ја онаа количина од маслото која ви е потребна. Внимавајте да не го земате со мокри раце затоа што доколку во него навлезе вода може да предизвика до расипување на маслото.

Прашање бр. 6

Слушнав дека кокосовото масло е одлично да се конзумира и по внатрешен пат. Како да го конзумирам?

Наједноставно може да додадете една лажичка кокосово масло во шоља чај или кафе или пак во колачи. Со оглед на тоа што ова масло дава енергија, не е препорачливо да се конзумира навечер за да не ви го поремети сонот.


Прашање бр. 7

Слушнав дека кокосовото масло е одлично за нега на лицето. Како треба да го нанесувам?

Кокосовото масло е одлично за нега на лицето како во летниот така и во зимскиот период, кога на кожата и е потребна дополнителна нега и влажност. Едноставно се зема мала количина од маслото и се нанесува на благо навлажнето лице наместо крема. Може да го нанесете и на суво лице, меѓутоа на благо навлажнета кожа полесно се впива во кожата.

Прашање бр. 8

Дали ова масло е комедогено?

Многу често го слушам ова прашање,и претставува дилема на многу девојки. Мое лично мислење ѐ дека е индивидуално и зависи од секоја кожа посебно. Кај мене лично кокосовото масло даде одлични резултати и не само што за време на зимскиот период ја заштити мојата кожа, туку и ја исчисти и воопшто не беше комедогено. Според мене тајната е во количината. Доколку нанесувате голема количина, било кое масло може да се покаже како комедогено. Следете ги советите во претходното прашање за нанесување на кокосовото масло на лице.

Прашање бр. 9

Дали е подобро да го нанесам на влажна или сува коса?

Доколку го користите како третман за коса (маска за коса), на благо навлажнета коса нанесете ја потребната количина (во зависност од должината и густината на вашата коса), ставете една ќеса и врз неа пешкир. Зимно време загрејте две мин. со фен, додека летно време нема потреба. Вака подготвениот третман држете го најмалку час време а најмногу преку ноќ. Косата треба да биде благо навлажнета затоа што кокосовото масло (како и било кое друго масло) доколку се нанесе на сува коса се врзува со маслата природно присутни во косата и со измивањето ги носи со себе. Ефектот ќе биде сува коса. Водата претставува еден вид на бариера која му дозволува на маслото да го негува влакното од надворешноста, меѓутоа го спречува да навлезе длабоко во внатрешноста на самото влакно . Доколку го користите како серум за заштита на врвовите, многу мала количина (две три капки) нанесете ја само на врвовите на сува или влажна коса пред фенирањето.

Прашање бр.10

Дали е вистина дека кокосовото масло може да се користи и како отстранувач на шминка?

Да, ова масло е еден од најекономичните отстранувачи на шминка кој одлично ја вади дури и водоотпорната шминка, а притоа е деликатно за очите. Ставете мала количина од маслото на едно памукче кое претходно го навлажнивте со малку вода, доближете го до оној дел од каде сакате да ја отстраните шминката (на пример окото), оставете да маслото неколку секунди го навлажни самото око, и потоа со многу нежни движења отстранете ја шминката.



Ете ова беа 10-те најчесто поставувани прашања во врска со кокосовотo масло и неговата употреба. Доколку имате уште некое прашање на кое не сум одговорила, слободно оставете коментар под текстот. Доколку ја немате прочитано мојата претходна статија за кокосовото масло еве ви линк http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/k.html.

Поздрав

Вики

Comments