Природни состојки и производи за отстранување на бебешка круста (корупки или теменици)


Бебешката круста (корупки или теменици) е еден вид на себореичен дерматит, кој најчесто се појавува на главчето на бебињата и има жолткаста боја (потсетува на првутот). Иако оваа појава исчезнува сама по себе, од естетска причина, а и како превенција и нега на самата кожа, од огромна важност се производите за нега на бебешката кожа во тие неколку месеци. Во продолжение на оваа статија би сакала да ви дадам неколку мали совети кои ќе ви помогнат при оваа проблематика:

1. Масла за нега на кожата

Половина час пред бањањето, со помош на едно памукче намокрено со масло, нежно поминете ја бебешката глава. Од маслата може да ги користите и наједноставните како бадемово или оризово. Внимавајте маслото да биде чисто, односно на етикетата да го пишува само ботаничкото име на маслото (на пример маслото од бадеми ќе го најдете како Prunus Amygdalus Dulcis Oil, додека она од ориз како Oryza Sativa Bran Oil) и тоа треба да биде единствена состојка во самиот производ. Во никој случај не ги земајте мешавините на масла со парафинско масло кое во декларацијата ќе го најдете како Parrafinum liquidum или во некои декларации и како mineral oil, затоа што ја запушуваат кожата, не и дозволуваат да дише и ја влошуваат состојбата на бебешките корупки наместо да ги лечат. Доколку сакате, во едно од горенаведените масла (бадемово или оризово), може да ставите малку чај од камилица кој секако ќе го зголеми ефектот на маслото.


2. Од огромна важност е и производот кој ќе го користите за бањање на бебето кој мора да биде нежен, да не ја суши бебешката кожа и пред се да не ја иритира.  Многу е важно да ја читате декларацијата на производите и да ги избегнувате оние агресивните кои може да ја влошат состојбата. Пожелно е производот за измивање како сурфактант да има глукозиди кои нежно измиваат, а воопшто не ја иритираат детската кожа. Еден пример за убав нежен производ е дерматолошкиот гел за бебиња и деца од Gamarde кој како состојки има: термална вода од Гамард, која е богата со сулфур и ги намалува иритациите на кожата, и вода од лаванда која има смирувачки ефект врз кожата. Содржи многу нежни сурфактанти за измивање како lauryl glucoside, coco-glucoside и decyl glucoside. На самата декларација пишува дека е од огромна помош при бебешките корупки. Детална рецензија на овој производ ќе најдете во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_17.html.


3. Оставете ја бебешката кожа да дише

Секако дека во лето и зима кога излегувате надвор со мало бебе мора да ја заштитите главата со соодветно капче, меѓутоа во домашни услови, обавезно оставете ја кожата да дише. Особено зимно време волнените капчиња понекогаш може да ги зголемат иритациите на кожата. 

4. Отстранување на корупките

Во никој случај немојте насилно да ги отстранувате бебешките корупки, иако на моменти ќе добиете нагон да го сторите тоа. Доколку ги следите советите за маслото и доколку користите убав производ, сами од себе ќе паднат. Важно е да не се прави притисок со насилно отстранување, затоа што тоа на некој начин може и да се зголеми појавата.

Се надевам дека овие совети ви беа од корист и дека ќе се обидете да примените еден или повеќе од нив. Секако секое бебе е различно и она што одговара за едно бебче, може и да не функционира за друго. 

Поздрав и до скоро читање.

Вики

Едит: секако за поголеми проблеми консултирајте се со вашите педијатри.

Comments