Четири совети како да се снајдеме во декларацијата на козметичките производи на пазарот


По многуте објавени статии за штетните состојки во козметичките производи и нивното лошо влијание врз кожата и косата, секојдевно добивав голем број на пораки од девојки кои имаа потешкотии да се снајдат со декларациите ме прашуваа како нејлесно да ја дешифрираат декларацијата на еден козметички производ и како да оценат дали истиот е добар или не. Затоа во оваа статија за цел имам да ви дадам мали, но многу корисни совети, како на најлесен начин да сфатите дали еден козметички производ е штетен или не и како да се снајдете во морето на козметички производи на пазарот.

Како правилно да ја дешифрираме декларацијата на производот наречена INCI

        Совет бр. 1:   распоред на состојките во декларацијата

Оние состојки кои се наоѓаат на почетокот на листата се всушност база на производот и нивната застапеност е најголема (90% од производот), оние во средината имаат помала застапеност, додека оние на крајот на листата се присутни во минимални количини (1% или 2% од целокупниот производ). Така може и да сфатиме кои состојки се најмногу присутни во еден производ а кои помалку.

       Совет бр. 2:  јазикот на кој се испишани самите состојки

Доколку во еден производ состојките се напишани во оригинал, односно со латинските имиња, значи дека се вметнати чисти во производот без никаква хемиска обработка. Ова пред сѐ се однесува на чистите масла или водени екстракти од етерични масла кои доколку се напишани со самото латинско име во тој случај се навистина чисти и користени во таа форма. Значи во декларацијата најнапред треба да стои латинското име на билката од која потекнува состојката (маслиново масло olea europea), после кое следи англиското име на делот од билката која е користена (root, leaf, fruit), и накрај видот на производот кој е секогаш напишан на англиски (extract, oil, water). На пример масло од арган: Argania spinosa kernel oil, масло од маслинка: Olea europea fruit oil, вода од лаванда: Lavandula angustifolia flower water и така натаму. Оние состојки кои се хемиски обработени, напишани  се комплетно на англиски јазик. 


Совет бр. 3: внимание на штетните состојки

Доколку е потребно и по стопати ќе ги повторам штетните состојки во еден производ кој мора да ги избегнувате доколку сакате убава и здрава кожа и коса. Тоа се:

1. Нафтени деривати
 -   Вазелин (Vaselina)
-   Парафин (Paraffina)
-   Минерално масло (Mineral oil)
-   Течен парафин (Paraffinum liquidum)
-   Петролатум (Petrolatum)
-   Cera microcristallina или Microcrystalline Wax

2. Силикони
- Dimethicone
- Amodimethicone
- Cyclomethicone
- Ciclopentasiloxane
- Dimethiconol
- Trimethylsiloxysilicate
- poliquaternium 80
 
3. Парабени
 - метилпарабен (methylparaben)
- етилпарабен (ethylparaben)
- пропилпарабен (propylparaben)
- бутилпарабен (butylparaben)
- бензилпарабен (benzylparaben)

4. Конзерванси (еве ги најштетните)
 -   imidazolidinyl urea,
-   DMDM hydantoin,
-   5-bromo-5-nitro-1,3-dioxane,
-   2-bromo-2-nitropropane-1,3-diol,
-    bronopol,
-    bronidox,
       -    diazolidinyl-urea
 
 

Совет бр. 4 внимание на последните состојки во листата

Како што ви кажав во советот бр. 1 колку една состојка е подолу во листата, толку нејзиното присуство во производот е помало. Последните неколку состојки во листата се присутни во процент понизок од 1%, и токму тука некои козметички фирми играат валкани игри. Според законот кога една состојка е присутна во процент помал од 1% во декларацијата на производот, производителот не мора да ги означи тие состојки по редослед на нивното присуство во производот, туку може да ги напише како сака. Она што сакам да го кажам е дека ако на пример една убава состојка како екстракт од камилица се наоѓа како прва од четирите крајни состојки во декларацијата и после неа следат парфемот и конзервансот, никој не ви гарантира дека процентот на камилицата е повисок од оној на парфемот, затоа што производителот има право да ги нареди последните состојки така како што сака со оглед на тоа што, како што веќе напоменав, нивниот процент е помал од 1%.

Овие четири совети на некој начин треба да ви помогнат во изборот на еден добар козметички производ. Секако од огромна важност е и самата формула на производот, но тоа е веќе друга тема и ќе говориме во некоја наредна прилика.

Како и секогаш ви благодарам за вниманието и ви посакувам фантастичен викенд.

Вики


Comments