Направи сам: прекрасен домашен путер за коса и кожа


Здраво драги мои,

одамна сакав да објавам една ваква статија за домашен путер кој може да го користите за коса (како маска, но и како серум за оштетени врвови) и како хранлива крема за тело. Има огромна потхранувачка и хидратантна моќ, дава прекрасен сјај на косата, а кожата ја прави екстра мазна и мека. Потребни ви се само три состојки кои, доколку редовно правите производи сами, сигурно веќе ги имате во вашите домови. Ајде најнапред да разгледаме како се прави, а потоа ќе ви објаснам како најдобро да го користите.

За подготовката на овој домашен путер потребни ви се:


- 5 лажици какао путер (или шеа путер);
- 5 лажици алое вера гел;
- 5 лажици кокосово масло (или друго по ваш избор);
- 20 капки етерично масло (јас користев комбинација од рузмарин и портокал)

Доколку користите шеа путер нема потреба да го загревате, меѓутоа за путерот од какао пожелно е малку да го омекнете за да биде полесен за работа. Во еден пластичен сад ставете ги путерот, алое вера гелот и маслото и со помош на рачен блендер почнете да ја матите смесата се додека не стане кремаста.


Откако ќе ја добиете посакуваната структура на овој путер додадете ги и етеричните масла и префрлете ја смесата во едно празно и стерилизирано кутивче за крема. Може да рециклирате и некое од веќе завршена крема, доколку убаво го измиете и стерилизирате.

Маслото може да го одберете сами според вашите потреби и според намената на путерот. Доколку сакате универзален путер кој ќе го користите и за тело и за коса ви советувам кокосово, бадемово, арганово или оризово масло. Ако вашата намера е производ кој исклучиво ќе го користите за коса во тој случај може да ставите масло од ленено семе, макадамија или пак мешавина од рицинус со бадемово масло. Исто така и изборот на етеричните масла зависи од намената. Јас сакам да го користам само за коса (за тело си направив друго и наскоро со вас ќе го споделам рецептот), затоа ставив рузмарин кој одлично влијае на циркулацијата на косата и секако на сјајот на самата коса, и портокал кој има за цел да го неутрализира силниот мирис на рузмаринот и секако придонесува за сјај на косата. Пропорцијата која јас ја употребив беше 8 капки етерично масло од рузмарин со 12 капки етерично масло од портокал.
Резултатот беше овој


Структурата на овој путер е доста густа, меѓутоа се топи под дејство на нашата телесна топлина, така да е многу лесен за нанесување.


Како третман за коса може да го користите на два начини и тоа:

- како маска за коса пред шампонирање: нанесете го на благо навлажнета коса и оставете да делува најмалку саат време;
- како серум за оштетени врвови: многу мала количина од производот нанесете го на влажна коса пред фенирање на врвовите, или на сува коса на врвовите за да ја измазните косата и да и дадете висок сјај, а воедно и заштита од надворешните услови.

Како крема за тело нанесете го после туширање со благи кружни движења и уживајте во прекрасно мазната и мека кожа.

Како што напоменав, јас го направив специјално за коса и веднаш го пробав за да ви го покажам резултатот. Го нанесов на благо навлажнета коса, го оставив да делува околу два ипол саати и потоа ја измив косата. Резултатот беше неверојатно мека и пред се сјајна коса. Еве, може да забележите и сами од сликите кои ги направив по сушењето на косата.


Еве како мојата коса изгледаше изутрината. Обично наутро косата ми е цела прекршена од спиењето, меѓутоа овојпат за среќа изгледа прекрасно како штотуку фенирана.


Се надевам дека ви се допадна овој навистина едноставен, а многу функционален, ефикасен и прекрасен домашен рецепт. Згора на сѐ е 100% природен без штетни состојки, така да сигурни сте дека вашата кожа и коса го добива само најдоброто.


Поздрав и до скоро читање.

Вики

ЕДИТ: Вака подготвениот путер трае месец дена и може да се чува на собна температура. 

Comments

  1. Редовно ти го пратам блогот и морам да ти кажам дека споделуваш ептен корисни совети и издржани информации.Едноставо,со нетрпение го чекам секој нов пост(и тука си многу ажурна,што е исто за пофалба!) и уживам додека го читам.
    Конкретно за ова,ме интересира дали е подобро шеа путер или путер од какао,ако се користи производот за коса? Се разбира,планирам да го направам :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Рената, ти благодарам многу на убавите зборови. Какао путерот одлично ја храни косата и ја враќа виталноста на влакното. Одлично ја штити косата од надворешните услови (ладно, ветар, сонце). Најмногу се препорачува кај оние девојки кои имаат многу оштетена коса, со испукани врвови или пак кај оние кои често ја бојадисуваат косата. Шеа путерот ги има горе доле истите својства. Јас одбрав какао путер пред сѐ поради фантастичниот мирис (ми доаѓаше да ја изедам маската), а и затоа што во последно време кај мене лично дава многу подобри резултати не само кај косата, туку и кај кожата. Инаку и двата путери се убави и одлично ја негуваат косата, зависи што тебе повеќе ти одговара. Јас ги имам користено и двата како база за многу рецепти. Поздрав и пиши кога ќе го направиш овој путер.

      Delete
  2. Здраво Вики,

    Морам да те пофалам дека статиите ти се одлични. Многу често те читам, а и неретко експериментирам со некои од твоите рецепти.

    Одамна сакам да го направам рецептов, ама цело време си одложувам (би го користела за тело). Дома имам растение алое вера, па се мислам дали можам да го искористам гелот од растението (наместо да купувам готов). Не знам дали е безбеден за користење свежиот, необработен гел, да не предизвика некоја реакција на кожата. Бидејќи е крема за кожа, а не е маска што се одмива. Ако имаш искуство со свеж гел пиши ми, а еве и идеа да пробаш, ако немаш користено. :)

    Поздрав.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена, најнапред голема благодарност за твојот коментар и убавите зборови. Што се однесува до растението кое го имаш дома, гелот може слободно да го користиш за нега на кожата иако не е обработен. Не се препорачува за внатрешна употреба затоа што самата билка содржи една состојка алоин која може да ги иритира цревата, и која се елиминира по индустриски пат при подготовката на сокот. Што се однесува стриктно до овој рецепт, јас би ти препорачала веќе готов гел од проста причина што е конзервиран. Доколку ти ставиш од чистиот алое вера гел кремот ќе ти трае најмногу две недели и тоа во фрижидер. Чистиот алое вера гел од билката најдобро е да се користи во моментот на вадење (доколку сакаш ќе то кажам и процедура, ама мислам дека веќе знаеш како се вади гелот). Откако ќе го извадиш од билката она што ќе ти остане може да го чуваш во фрижидер максимум до две недели (кога ќе почне да темнее значи дека се расипува и треба да го фрлиш). Поздрав

      Delete

Post a Comment