Домашен намаз од босилек (Pesto alla Genovese)


Здраво драги мои,

еве ме повторно  во рубриката за храна, овојпат со еден многу вкусен рецепт за намаз од босилек кој, верувајте ми, просто ќе ве воодушеви. Овој вид на намаз оригинално е познат под името песто ала џеновезе (Pesto alla Genovese), и е дефинитивно еден од моите најомилени намази кога станува збор за убав тањир паста. Во продажба може да најдете и готови теглички, меѓутоа во некои марки има конзерванси. Доколку обожавате да готвите и експериментирате во сопствените кујни, еве како да го подготвите сами дома.

За 4 лица потребни ви се:


- 100 гр. свеж босилек;
- 15 грама индиски ореви;
- 50 грама пармиџано;
- 1 чешне лук;
- малку маслиново масло


Во еден блендер ставете ги сите состојки и блендирајте се додека не добиете убава кремаста структура. Ете вашиот намаз е готов. Обично во оригиналните рецепти наместо индиски ореви се користат пињоли, меѓутоа прво многу е тешко да се најдат кај нас, а друго доколку успеете да ги најдете чинат 2500 денари за кило. Оваа замена со индиски ореви е најверодостојна по вкус на овој намаз.


Обично традиционално се подготвува рачно во сад за толчење на зачини, меѓутоа за тоа е потребно доста време. Доколку немате толку време или пак таков сад, може да го подготвите и во блендер како што ви прикажав погоре.


Откако ќе ги сварите тестенините (по ваш избор шпагети, макарони или друг вид на паста), нанесете малку маслиново масло врз тестенините за да не се залепат и потоа врз нив ставете го намазот и убаво промешајте.


Вкусот на овој намаз е фантастичен и незаменлив и доколку сакате да ги изненадите вашите гости со нешто уникатно ви препорачувам да го направите. Пастата може да ја конзумирате само со намазот, или по ваш вкус да ја збогатите со домат и моцарела.


Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.
Поздрав и до скоро читање.

Вики

Comments