Здрава есенска крем супа од тиква


Округла или долгнавеста, жолта или црвена, тиквата е дефинитивно една од моите омилени есенски намирници. Се смета за кралица на есента и тоа не е случајно. Таа е богата со витамините А и Ц кои се од неопходна важност за целокупниот наш организам, а и за убавината на кожата, ноктите и косата. Потоа, содржи бетакаротен и минерали како калциум, фосфор, цинк и потасиум. Богата со вода, а сиромашна со шеќери, оваа намирница содржи 15 калории на 100гр. и има навистина низок процент на масти помеѓу кои е присутен и најголемиот пријател на срцето: омега 3 масните коселини.

Еве ги најзначајните бенефиции на тиквата врз човековиот организам:

- го подобрува сонот;
- го намалува стресот и анксиозноста;
- ги зацврснува ноктите;
- ја подобрува структурата и убавината на кожата;
- го подобрува варењето на храната;
- го штити срцето;
- ја штити простатата;
- ја подобрува структурата на косата;

Мислам дека горенаведените податоци се доволна причина зошто тиквата треба да биде дел од нашата есенска исхрана. Токму затоа во оваа статија сакам да ви предложам како да направите кремаста супа од тиква и тоа на два начини, односно во две варијанти: солена и слатка варијанта.


1. Солена супа од тиква

За оваа варијанта потребни ви се следниве намирници:


- 1 поголем кромид;
- 4 моркови;
- 3 до 4 поголеми парчиња тиква

Во едно тенџере се ставаат исецкани сите намирници, се додава малку маслиново масло и лажица природна веѓета и се пропржува кратко за да омекне кромидот, а и намирниците да пуштат од своите сокови и вкус. Потоа се додава вода и се вари на тивок оган сѐ додека намирниците не омекнат. Готовата смеса се префрла во еден бледнер, се пасира и вашата супа е готова.


2. Слатка супа од тиква

Најнапред тиквата треба да ја сварите или испечете (ако имате голема тиква и сакате дел од неа да ја јадете печена а дел да ја направите како супа, тогаш испечете ја). Откако тиквата е готова, ставете ја во блендер заедно со малку млеко (доколку сте вегани употребете млеко од соја, бадем, ориз и.т.н.) и малку цимет. Секако количината на млекото и циметот регулирајте ја сами во зависност од тоа колку сакате да биде густа или слатка супата. Изблендирајте и вашата супа е готова, и може да ја комзумирате за ручек, но и како ужинка кога ќе посакате нешто слатко а здраво.


Се надевам дека ви се допаднаа овие две варијанти на супа од тиква и дека ќе ги направите. Во една од следните статии ви најавувам употреба на тиквата и во козметички цели.

Голем поздрав
Вики

Comments