Направи сам: природни “силиконски капки“ за коса


Здраво на сите,

многупати ви имам напоменато дека силиконските капки во продажба штетно влијаат врз косата затоа што го задушуваат влакното и ви даваат лажен изглед на убава и сјајна коса, а под него таа е сува и безживотна. Ова се должи на силиконската база во нив, а знаеме дека силиконот нема никаква улога во негата на косата. Компаниите го користат затоа што е евтин, издржува високи температури и навистина долго трае (па на тој начин трае и производот).

Многу девојки ме прашале зошто да се грижиме за тоа дали во производот има или нема силикони кога не станува збор за коренот, туку за врвовите кои практично веќе се “мртви“....Еве зошто: доколку редовно се нанесуваат на косата, силиконите се “лепат“ за влакното со таков интензитет што верувајте ми потребни се навистина многу миења на косата со шампон кој не содржи силикони за да ги “одлепите“. Кога ги користите редовно мора да напоменам дека тие создаваат филм врз самото влакно кој не дозволува да во косата допрат хранливите состојки на маските, маслата, путерите или третманите за коса, така да сѐ додека користите силиконски капки, џабе ви се третмани со било каков вид на масло со оглед на тоа што хранливите состојки остануваат врз самиот силикон а не врз влакното.

Многупати имам напоменато дека како алтернатива на силиконските капки може да користиме чисти масла кои не само што ќе ја измазнат косата туку и навистина ќе ја нахранат и ќе го живнат самото влакно, а токму тоа и ни е целта, не само да прикриеме, туку и да го лечиме проблемот и да ја спречиме појавата на расцветани врвови во иднина.


Ако ја анализираме формулата на било кои традиционални силиконски капки ќе забележиме дека на прво место има еден или два вида на силикони и тоа најчесто употребувани се cyclopentasiloxane и dimethicone кои навидум даваат мек и свиленкаст ефект на косата. Истиот тој ефект го има и маслото од јојоба кое во случајов негува и храни и што е најдобро, за разлика од силиконите, неговиот ефект е долготраен и вистински. Потоа во традиционалните силиконски капки има екстракт или масло од арган или ленено семе (најчесто на крајот од листата), па токму тоа ќе го додадеме и ние во природните капки. Еве каков би бил рецептот за природни силиконски капки за коса:

- 30 мл. масло од јојоба
- 1 кафена лажичка масло по ваш избор помеѓу: арган, рицинусово масло, макадамија или масло од ленено семе (кокосово не користете затоа што зимно време се стврднува и ќе ви прави грутки)
- 12 капки етерично масло по ваш избор помеѓу: лаванда, лимон, рузмарин и сладок портокал
- една ампула чист витамин  Е (доколку имате, не е обавезно)


Јас направив вака: во едно празно шишенце со пумпица (моето е рециклирано од серум за лице), најнапред ставив 30 мл. масло од јојоба. Потоа додадов половина кафена лажичка масло од арган и половина кафена лажичка рицинусово масло. Од етеричните масла ставив 4 капки рузмарин со 8 капки лимон (ги одбрав овие две затоа што даваат неверојатен сјај на косата, а ставив повеќе лимон за да го маскира мирисот на рузмаринот). На крај го додадов и витаминот Е, кој како што реков не е обавезно да се додаде, производот ќе биде успешен и без него, меѓутоа витаминот Е ја продолжува трајноста на маслата и секако убаво делува и врз косата. Убаво протресов и ете, производот е готов за употреба.

Може да се нанесе и на мокра и на сува коса, од средината па до врвовите (доволна е мала количина- неколку капки во зависност од должината и густината на косата).

Еве го ефектот врз косата:




Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој домашен и природен производ за здрава и убава коса.

Вие како и секогаш оставете коментар под самиот текст доколку имате прашање, или пак доколку сакате да споделите сопствено мислење на оваа тема.

Поздрав и до скоро читање
Вики

Comments

  1. Mnogu korisno, jas imam probano i navistina kosata mi e podobra, posjajna i pocvrsta :D

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво Inglelook ти благодарам многу на коментарот и на искуството што го сподели со нас. Голем поздрав до тебе и секое добро.

      Delete
  2. Многу корисен рецепт за силиконски капки, како што имам читано аргановото масло многу помага против оштетена коса. Единствено не знам од каде можат да се набават ампули витамин Е.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена, јас ги земав од Зегин. Побарај ги таму. Поздрав.

      Delete
  3. Здраво, дали капките се ставаат на веќе чиста и измиена коса и дали ја мрсат косата или се впива маслото ? Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Може да се стават на измиена влажна коса или пак на измиена сува. Доволно е капка до две, така да не ја мастат косата. Поздрав.

      Delete

Post a Comment