Природни начини за ублажување на подочници


Здраво драги мои,

очите се огледало не само на душата, туку и на општата здравствена состојба на организмот. Сите ние сакаме убав и свеж поглед и одморени очи, иако секогаш и не е баш така. Понекогаш се будиме со темни подочници или подуени очи и тоа воопшто не е пријатно, не само од естетска причина, туку истата таа појава укажува на некој проблем како бубрези, задржување на течноста во организмот или пак периоди на зголемен стрес. Пред да ви ги откријам природните методи со кои оваа проблематика може да се ублажи, ајде најнапред да ги разгледаме причините за оваа појава.

Најнапред подочниците се појавуваат како резултат на стресот, што е разбирливо со оглед на темпото на живот и начинот на кој живееме.

Потоа, тука како фактор доаѓа и начинот на исхрана, односно претстрога диета, недостаток на витамини или дехидратација, или пак обилен оброк навечер.

Честото триење на очите или алергија на некоја состојка може да доведе до подуеност на очите.

Откако ги разгледавме најчестите причини мора да напоменам дека постојат два типа на подочници и тоа:

 - темни вдлабнати подочници кои најчесто се резултат на дехидрираност на организмот;
- подуени подочници кои се знак на задржување на водата во организмот.

Најдобар начин е најнапред да се делува внатрешно во нивното подобрување, односно да се конзумира многу вода која помага во прочистувањето на организмот, да се намали или избегнува конзумирање на салами, солена храна, бел шеќер и путер. Треба да се зголеми внесувањето на свежо овошје и зеленчук кои го стимулираат исфрлањето на течностите и го подобруваат варењето на храната.


Еве неколку природни методи кои успешно ги ублажуваат и ја спречуваат нивната појава

-  млеко
Земете две памукчиња или дискети за вадење на шминка и намокрете ги во ладно млеко (од фрижидер). Ставете ги на пределот околу очите околу 5 мин. и измијте со ладна вода. Млечната киселина помага во намалувањето на подуеноста како и на темната боја на подочниците.

- компир
Исечете еден компир на тенки парчиња и ставете две на пределот околу очите. Оставете ги да делуваат од 15 до 20 мин. Измијте го лицето со ладна вода.

-  алое вера гел
Ставете на две памукчиња малку гел од алое вера (по можност ладен од фрижидер) и ставете го на пределот околу очите околу 15 мин. Освен што помага при оваа проблематика, алое вера гелот ги спречува евентуалните иритации и ја хидрира кожата.


- краставица
Исечете две кругчиња од свежа краставица и ставете ги врз затворени очи. Ова е одличен метод кој ја освежува кожата околу очите и ја ублажува оваа проблематика.

- филтер кесички од чај
Намокрете две филтер кесички од чај (најдобро зелен чај или камилица) и ставете ги во замрзнувач околу 15 мин. Потоа нанесете ги на пределот околу очите. Ова е одлично средство за моментален ефект на свежи очи кој одлично помага доколку имате некој важен настан и сакате да изгледате одморено.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист. Голем поздрав и до скоро читање.
Вики


Comments