Природни алтернативи како замена за тоник за лице и домашни рецепти за сите видови на кожа

Здраво на сите,

во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/11/blog-post_11.html ви говорев за важноста на тоникот во нашата секојдневна нега и ви реков дека во една од наредните статии ќе ви предложам природни алтернативи за тоник и секако рецепти за домашен тоник кои може да ги направите сами.

Најнапред, како замена за тоник може слободно да ја користите чистата ружина вода. За ова веќе пишував во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_11.html. Ружината вода е една од најдобрите работи кои може да и ги дадеме на нашата кожа, особено ако имаме проблем со масна кожа и акни, меѓутоа одговара и за нормална до сува кожа. Слободно испрскајте ја на лицето, а за поголема свежина чувајте ја во фрижидер.


За сува и чувствителна кожа како алтернатива на тоникот може да користите чиста термална вода која е богата со сулфур и ги спречува иритациите и црвенилата на кожата, ја хидрира и омекнува.


Во продолжение ќе ви дадам неколку рецепти за природен тоник кои може слободно да ги направите сами дома. Комплетно природни и без конзерванси овие тоници може да ги чувате во фрижидер одредено време, од недела дена па до две недели, во зависност од видот на тоникот и состојките.

Рецепти за сува кожа

1. Тоник со алое вера гел


- 50 мл. ружина вода (или дестилирана вода);
- половина кафена лажичка алое вера гел;
- 2 капки етерично масло од лаванда
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл.

Ставете ја во едно празно спреј шише најнапред водата, додадете го алое вера гелот и на крај етеричното масло од лаванда. Убаво протресете пред секоја употреба. Овој тоник ви советувам да го чувате во фрижидер и трае 10 дена.
Ефектот од овој тоник е мазна, мека и хидрирана кожа.

2. Тоник за лице од камилица и пантенол

- 50 мл. чај од камилица или лаванда
- половина кафена лажичка пантенол
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 

Ставете ги чајот и пантенолот во едно празно спреј шише. Пред секоја употреба убаво протресете. Вака подготвениот тоник трае 5 дена во фрижидер.
Овој тоник е навистина одличен за сите оние кои имаат многу сува кожа на лицето, затоа што одлично омекнува и хидрира. 

Рецепти за комбинирана до масна кожа

1. Тоник од црвен чај (ројбос)


- црвен чај (ројбос)
- деминерализирана вода
- етерично масло од лаванда
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 

Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички црвен чај и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлате го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една кафена лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло од лаванда. Протресете го добро шишенцето пред секоја употреба. Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае 2 недели. 
Овој тоник одлично ја негува комбинираната и масната кожа (јас лично го имам користено многу и кај мене се покажа екстра). 

2. Тоник од јаболко, лимон и рузмарин

- едно јаболко
- кора од еден лимон (само доколку е органски)
- едно гранче рузмарин
- 500 мл. вода
- празно обично или спреј шишенце од 100 мл. 


Во едно тенџере ставете ја водата, јаболкото сецкано на парчиња (доколку е органско и непрскано оставете ја кората во спротивно излупете го), кората од лимон (само доколку е органски, во спротивно исфрлете го лимонот) и гранчето рузмарин. Варете на тивок оган околу 10 мин. и филтрирајте ја течноста. Вака приготвениот тоник ставете го во едно празно шишенце (обично или спреј) и најдобро е да го користите навечер. Летно време секако не ставајте лимон, поради настабилноста на оваа состојка во допир со сонцето. Е сега, доколку немате органски и непрскан лимон во тој случај варете ги само јаболкото и рузмаринот, а потоа откако тоникот ќе се олади и кога ќе го префрлите во шишенцето, додадете половина кафена лажичка цеден сок од лимон или 3 капки етерично масло од лимон. Вака подготвениот тоник трае недела дена во фрижидер. Овој тоник за лице има освежувачко, затегнувачко и избелувачко дејство врз кожата на лицето.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и ви се допадна.
Поздрав до сите вас.
Вики

Comments

  1. Вики, може ли некој предлог за готов производ - тоник, кој е квалитетен и може да се најде кај нас?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Наташа, дефинитивно ја препорачувам ружината вода на Cassyopea која е фантастична замена за тоник. Инаку сеуште разгледувам разни производи низ продавниците па ќе ти пишам. Поздрав.

      Delete
  2. Направив тоник од деминерализирана вода + етерично масло од чајно дрво. Дали е во ред? Следен сакам да направам со црвен чај по твојов рецепт.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, апсолутно е ок деминерализирана вода со етерично масло од чајно дрво. Која пропорција ја направи? Поздрав
      п.с. тоникот со црвен чај е исто така многу добар

      Delete
    2. Мислам дека прочитав негде во темиве,околу 100-120 ml деминерализирана вода со 5 капки масло од чајно дрво,го земав тоа на ESI, кога ќе ми се потроши ке направам од другиот,голем поздрав

      Delete
    3. За почеток е супер оваа пропорција. После може и со повеќе капки етерично масло на пример 7. Етеричното масло на ЕСИ е одлично, мене многу ми се допаѓа, а и цената му е пристапна. Поздрав и пиши како ти се допаѓа тоникот.

      Delete

Post a Comment