Направи сам: парфем за простории


Отсекогаш сум ги обожавала парфемите за простории како оние спреј, така и оние со стапчиња. Колку е прекрасно кога во домот се шири пријатен мирис кој не опушта или освежува, и доколку тој мирис е природен (без многу хемикалии) уште подобро. Веќе подолго време сама си ги правам овие домашни парфеми или освежувачи за простории, па затоа се решив и да напишам статија за да ви кажам како тоа најчесто го правам.

За подготовката на еден ваков проект потребни ви се навистина малку состојки, и тоа:

алкохол
етерични масла по избор
деминерализирана вода
празно шишенце

Кога овие проекти ги правев во Рим користев 96% алкохол кој е и за внатрешна употреба (со него се прават ликери). Со оглед на тоа што овде не можев да најдам такво нешто (или барем не видов јас), како алтернатива ви предлагам доколку имате дома водка или џин. Процедурата е следнава:


Во празното шишенце најнапред се става алкохолот и етеричните масла и се протресува шишенцето за убаво да се спојат. Количината на алкохол е околу 100 мл. а етеричните масла додадете ги според јачината која сакате да ја добиете од 80 до 90 капки. Јас додадов 80 капки етерично масло и тоа: 50 од цимет и 30 од портокал, затоа што ја обожавам комбинацијата на цимет со портокал. Вие може да користите било какво етерично масло по ваш вкус или комбинација од две етерични масла.


Откако убаво ќе се спојат алкохолот и етеричните масла, додадете во шишето деминерализирана вода (околу 100 мл). На крај додадете и стапчиња од бамбус, благодарение на кои мирисот ќе се шири во просторијата.

Што се однесува до стапчињата кои треба да го шират овој мирис, јас лично купив стапчиња за скара (мали), ги исеков наострените врвчиња со ножици и добив оригинални стапчиња за овој мој освежувач за простории.



Ставете ги стапчињата во шишенцето и оставете така неколку саати. Потоа превртете ги стапчињата од обратна страна (делот кој бил внатре во шишето со течноста ставете го одозгора) со цел подобро да го почувствувате мирисот во просторијата. Ова правете го секои 3 дена за да го зголемите интензитетот на мирисот во просторијата.


Ете драги мои, колку беше едноставно да се направи еден ваков мирис кој не само што не содржи хемикалии, туку и може да го направиме според сопствениот вкус.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие доколку претпочитате повеќе спреј варијанта, во тој случај погледнете ја и статијата за спрејот од лаванда.
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_11.html

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments