Веган маска за перфектно мазна коса


Здраво драги мои,

откако го објавив рецептот за маска со какао за сјајна и совршено мазна коса http://biodevojka.blogspot.mk/2016/01/3-1.html, добив барања од некои девојки да направам веган варијанта на истата која секако може да ја користите сите, со оглед на тоа што е фантастична за косата. Како хранливост сјај и ефект би рекла дека и двете маски се тука некаде имаат горе долу сличен ефект, а вие може да си одберете една во зависност од состојките кои ги имате дома, или пак да ги пробате двете и сами да заклучите која повеќе ви одговара. За оваа маска потребни ви се следниве состојки:

- 2 супени лажици кокосово млеко;
- половина банана;
- сок од половина лимон;
- 1 супена лажица какао
- 1 кафена лажичка масло (јас користев маслиново);


Во еден сад помешајте ги сите состојки додека да добиете убава крема. Најдобро е бананата да биде многу зрела да може лесно да ја згмечите со вилушка или евентуално ако е потешка за рачна обработка ставете ја во блендер за да ја направите како каша. Смесата ставете ја на благо навлажнета коса и оставете да делува најмалку саат време. По истекот на времето измијте ја косата како и обично.

Зошто токму овие состојки.
Кога ми побараа да ги заменам јогуртот и жолчката, прво нешто што ми падна на ум беше кокосовото млеко затоа што пред две години правев редовно третман со кокосово млеко и имав одлични резултати во поглед на сјај, мека и свиленкаста коса. Најчесто се продава во конзерви како оваа на сликата и кога ќе го отворите на врвот се собира масниот дел односно еден вид на кокосов путер, а под него е течноста. Токму тој путераст дел ни е потребен за нашата маска.



Во комбинација со бананата која е богата со витамините  B1, B2, С и Е, минерали како фосфор, магнезиум, цинк, потасиум и железо, оваа маска е бинго за убавината на косата, која добива прекрасен сјај и голема мекост. Лимоновиот сок го користиме за да го зголеми сјајот на косата, а маслиновото масло додатно ја храни косата. Какаото секако дава убава структура на маската а и прекрасен мирис на косата.


Јас ја држев околу два часа и еве го резултатот по сушењето на косата.



Само да напоменам дека косата беше неверојатно лесна за обликување, послушна и мека на допир. Може да видите и од сликите колку е права изгледа како да сум ја пеглала (а не употребувам никогаш пегла).

Остатокот од маската го нанесов на лицето со оглед на тоа што бананата има големо антиоксидантно влијание и ја прави кожатна компактна и мазна. Лимоновиот сок има и избелувачко дејство (а сега е зима така да не мора да се грижиме за евентуална реакција со сонцето), а кокосовото млеко одлично ќе ја нахрани кожата особено ако е сува кое е почест случај во овие ладни денови.

Отвореното кокосово млеко трае недела дена во фрижидер и може да го употребите за да си направите милк шејк, колачи или пак да го употребите како природен чистач за лице во наредните недела дена. Сѐ што треба да направите за природниот чистач за лице е да помешате две супени лажици кокосово млеко (овојпат убаво помешајте го делот кој е тврд како путер со водестиот дел за да добиете убава кремасто млекаста структура) со една кафена лажичка густин (пченкарен скроб), и таа смеса да ја нанесете на лицето наместо гел или крем за миење.


Може да го нанесете со раце или памукче и направете блага масажа со многу нежни движења и измијте со млака вода. Кожата на лицето ќе ви биде перфектно мека.

Јас ве поздравувам и ви закажувам нова средба многу бргу, а вие секако пробајте ги овие предлози, коментирајте и споделете ваши импресии и искуства од истите.

Вики

Comments

Post a Comment