Направи сам: миризливи бомби за бањање во стилот на Lush


Здраво драги мои,

одамна не сме направиле еден интересен проект заедно, а овој кој имам да ви го понудам ќе ве израдува вас и вашите најмили, а воедно е мојот омилен проект со оглед на тоа што обожавам ваков вид на производи кои кога ќе ги ставиш во кадата прават шшшшшшшшшшшш.....
Станува збор за бомбите за бањање во стилот на Lush.

Секако во продажба може да најдете најразни производи од овој вид со прекрасни бои, форми и мириси, меѓутоа кога ќе си ги направиме сами прво заштедуваме, потоа може да ги направиме по сопствен вкус, а на крај и сигурни сме што сме ставиле во нив. Ајде да започнеме со подготовката.

Потребни состојки за овој рецепт се:



- пет супени лажици сода бикарбона;
- две ипол супени лажици лимонтус (citric acid);
- една супена лажица нишесте (густин);
- една супена лажица какао путер или кокосово масло;


 - една супена лажица масло по ваш избор (маслиново, арган, бадемово итн);
- 10 капки етерично масло по ваш избор и вкус;
- силиконски модли или лампиони на расклопување;


- сушени цветови од роза или лаванда за украс (може да користите и пластични цветови, бомбони во вид на срца или она што вам ви се допаѓа како украс). Оваа количина може да ја зголемите (на пример дуплирате) во зависност од големината на вашата модла и во зависност од тоа колку производи сакате да направите.


Во еден стаклен сад помешајте ги содата, лимонтусот и нишестето па потоа додадете ги маслата и етеричното масло на крај. Вие може да ставите и две лажици бадемово масло на пример, меѓутоа од личните експерименти сфатив дека подобро е доколку се стави едно масло кое се стврднува, на пример какaо путер или кокосово масло, поради цврстината на финалниот производ. Со рацете мешајте ја смесата додека да добиете смеса како влажен песок и кога ќе ја стиснете во раката ја задржува формата и не се рони.


Земете го кутивчето или силиконската модла каде ќе го правите овој производ и најнапред ставете малку суви цветови или она кое сте го одбрале како украс, и врз него ставајте од смесата.


Доколку користите лампион на расклопување или било какво пластично топче на расклопување, ставете обилна количина од смесата во двата дела и притиснете убаво за да се спојат.



Оставете го така околу минута-две и внимателно извадете ги деловите. Ете вашата мирисна бомба е готова. Доколку користите силиконски модли убаво стискајте ја смесата во нив за да избегнете создавање на воздушни меурчиња во производот.


Ставете ја на еден пешкир да се суши, покријте ја со пешкирот и оставете ја така 24 часа. Ова е неопхoднo затоа што ако има поголема влага, производов под дејство на влагата може да почне да шушка што би се рекло и да се растопи. Пешкирот на некој начин ќе го спречи тоа. По истекот на времето вашата миризлива бомба за бањање е готова и може да ја завиткате во целофан или во проѕирна хартија за храна за да го задржи мирисот. Доколку користите силиконски модли оставете ја смесата да се суши покриена со пешкир во самата модла. Извадете ги дури по 24 часа, инаку ќе ви се растурат.


Јас направив една со мирис на роза и една со мирис на лаванда. Во таа со лаванда додадов и малку боја за храна за да добијам благо виолетова боја, меѓутоа само малку затоа што премногу боја може да ви ја обои кадата, така да не ризикувајте!!!



Овие производи прекрасно мирисаат и да не ги користите за бањање одлични се како украс во купатилото, а и фантастично ќе ви мириса самото купатило. Прекрасни се како подарок за некого или пак за уживанција со саканата личност.

Без разлика на кој начин ќе ги употребите вашите сетила ќе ви бидат благодарни.
Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а ние се читаме наскоро со нови интересни содржини и предлози.

Вики

Comments