Направи сам: домашно кокосово млеко


Кокосовото млеко е растително млеко кое се добива од ренданата полпа на свежиот кокос и претставува одлична алтернатива на кравјото или козјото млеко за веганите. Ова млеко воопшто не содржи лактоза што е одлично за оние кои имаат проблеми со нејзиното варење во организмот. Како и сите останати млека од растително потекло, и кокосовото млеко не содржи холестерол. Богато е со лауринска киселина која го зголемува нивото на добриот холестерол HDL и одлично делува на срцето и крвните садови. Како и да е кокосовото млеко е доста калорично, купечкото обично содржи 197 калории за 100 грама, така да не треба да се претерува со козумирањето. Кога станува збор за домашно подготвено млеко, за жал не може со прецизност да кажеме колку калории има (ниту пак колку хранливи состојки извлекло од кокосот), меѓутоа сепак треба да се биде внимателни.


Кокосовото млеко може да го направиме од свеж кокосов плод и од кокосово брашно, меѓутоа од искуство ви кажувам дека од свежиот кокос добивате многу поквалитетно и повкусно млеко, барем според мој вкус. Ги имам пробано и двата методи, и овој што во продолжение ќе ви го претставам најмногу ми се допаѓа како вкус и квалитет. Ајде да започнеме.

Најнапред за да го отвориме кокосот, со помош за отворач на вино треба да направиме две дупчиња во оној дел каде има три темни точки на самиот кокос. Потребно е да се направат две затоа што од едното излегува водата, а од другото влегува воздух за да ја олесни процедурата. На овој начин ќе ја извадиме кокосовата вода која природно е присутна во плодот, и која верувајте ми е толку вкусна и здрава што ќе посветам цела една статија за неа.



Откако ќе ја извадите водата со помош на една цедилка и палома марамица за да спречите нечистотиите од кокосот да завршат во неа, со помош на еден чекан почнете внимателно да го кршите кокосот во средината. Откако ќе го скршите кокосот извадете ја со помош на еден нож (многу внимателно) кората од плодот. Ете вашиот кокос е готов за понатамошна обработка.



Исплакнете го кокосот со малку вода и едната половина изрендајте ја со помош на едно ренде (рачно или електрично). Измерете колку точно рендан кокос имате (јас користев чашки за мерење, а вие може да користите и сад со бројки за литар и грами). Откако ќе утврдите колку грама рендан кокос имате, знајте дека треба да ставите двојно повеќе вода за да добиете млеко. На пример, јас имав две ипол чашки рендан кокос, така да додадов пет чашки вода (значи дупло).



Ренданиот кокос ставете го во еден блендер, а во меѓувреме загрејте ја водата се до степен на вриење (не треба да врие, туку баш пред степенот на вриење тргнете го тенџерето од рингла). Врелата вода додадете ја во блендерот и убаво блендирајте ја смесата да ја иситните колку што може повеќе.


Потоа во еден сад врз кој ќе ставите цедилка и чиста крпа процедете го кокосовото млеко и она што ќе остане во крпата убаво истиснете го за да го испушти целото млеко. Префрлете го во едно стаклено шише, и ете вашето млеко е готово.


Зошто да го направиме сами дома?

Најнапред затоа што заштедуваме премногу. Една мала конзерва кокосово млеко (околу 400 мл.) чини 200 денари (барем јас го земав толку минатиот пат).
Свежиот кокос го платив 60 денари, за рецептов потрошив само една половина од него (значи 30 денари), а добив цел литар домашно кокосово млеко.
Потоа, задоволството е секогаш големо кога ќе направиме нешто сами дома (барем за мене), а и знаеме дека ова домашно млеко е без конзерванси, масла и шеќери. Вкусот е одличен вака, меѓутоа доколку сакате, засладете го со малку мед.


Полпата од кокосот од која сме го исцедиле цело млеко не ја фрлајте.
Може да ја користите за подготовка на бисквити, да ја додадете во корн флејкс за доручек, или да ја употребите како пилинг за тело со додаток на некое масло (бадемово, маслиново, кокосово).



Сетете се пред секоја употреба убаво да го протресете шишето со млеко.
Може да го конзумирате за доручек, како ужина, да го користите за готвење, или да си направите вкусен веган милк шејк со овошје.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете сами да го направите дома кокосовото млеко. Доколку е тоа така, споделете ги овде вашите импресии.

Доколку ве интересира како се прави оризово и бадемово млеко ви ги оставам следниве линкови:
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_30.htmlhttp://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_99.html

Едит: заборавив да напишам дека во фрижидер еден дел од млекото (оној помасниот) ќе се стврдне, така да пред конзумирање или оставете го малку на собна температура да парно да се стопли или со една подолга лажица (онаа за нескафе) помешајте го тој дел со остатокот од течноста.

До скоро читање.
Вики


Comments

  1. Направив кокосово млеко вчера прв пат,за ќерка ми која има 3 год,ама не и беше убаво за пиење се мрштеше,па и направив смуди,тоест како сокче испадна дека ставив повеќе кокосово млеко една банана,малку боровинки и си ја испи цела чаша. Фала Вики за споделениот рецепт,да не го прочитав немаше да направам :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Ана, фала тебе за прекрасните зборови и за тоа што си го направила рецептот. Многу ми е мило. Баш убаво што си нашла начин да и го сервираш на ќерка ти како смуди затоа што барем знаеш дека пие нешто природно без шеќери, вештачки бои и конзерванси. Голем поздрав и секое добро.

      Delete

Post a Comment