Минерална пудра во прав наспроти компактна крем пудра


Откако ги објавив статиите каков тип на пудра одговара според типот на кожата и потребите, добив навистина многу прашања каква пудра подобро издржува на лицето во однос на трајност, прикривност и хидратација за кожата. Јас моментално имам две пудри (минерална во прав и компактна крем пудра) кои лично ги користам и одговараат како за комбинирана кожа така и за сува (многу е важен и начинот на апликација), па еве ги ставив на тест, за да ви покажам како делуваат врз кожата и секако крајниот ефект по цел изминат ден со нив.


Да започнеме со минералната пудра во прав. Онаа која јас ја имам ја има следнава декларација

Kaolin, Mica, Zinc Stearate, Silica, Magnesium Silicate, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Isoamyl Laurate, Tocopherol, Tourmaline, Aloe Barbadensis Leaf Juice Powder*, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, [+/- CI 77891, CI 77499, CI 77492, CI 77491, CI 77163]

Пудрава дава мат ефект на лицето поради присуството на каолин и силика во самиот производ, меѓутоа одлично прикрива проширени пори, односно ја намалува нивната видливост. Може да ви кажам дека ги минимизира малите брчки на лицето, затоа што минералите присутни во овој тип на пудра на нежен начин ја рефлектираат  дневната светлина и даваат многу убав свиленкаст сјај и изедначен тен. Покривноста не е голема, би рекла дека има средна покривност и одлично ја оддржува кожата сува, во смисла дури и по цел ден со овој вид на пудра кожата нема воопшто да ви светне или пак минимално ќе светне (зависи од видот на вашата кожа). Ова е доколку ја користите пудрата таква каква што е, односно во прав со помош на една четка или пак сунѓерче (лично ги пробав двата методи и со четка апликацијата е доста полесна). Доколку имате комбинирана до масна кожа, нанесете ја пудрата на овој начин затоа што верувајте ми кожата многу минимално ќе светне и тоа веќе при крај на денот.

Еве слика од пудрата кога ја нанесов околу 12 часот на пладне


Еве слика од лицето во 23 часот навечер


На втората слика кожата е благо светната само на челото, меѓутоа е доста сува кај носот и образите, што верувајте ми не е секогаш случај со оглед на тоа што со некои пудри знам да светнам како лампион.

Доколку имате сува кожа, пробав два начини на апликација на овој производ кои се одлични за да го потенцираат крајниот ефект на сјајна и убаво изедначена кожа. Едниот е доколку пудрата ја нанесете со додаток на термална или обична вода или тоник за лице. Четката намокрете ја со малку вода или испрскајте малку термална вода или тоник, па земете малку од пудрата. На овој начин нема да ја чувствувате кожата дека ви затега, а сепак ќе имате убав изедначен тен и природен сјај.
Вториот начин е оној за кој веќе имам говорено, односно мал дел од пудрата помешајте ја со вашата дневна крема за лице и со помош на прстите нанесете ја на лицето. На тој начин кожата ја добива целата потребна хидратација од вашата крема плус сите бенефиции од минералната пудра во прав. Подобро не може да биде!!!

Кога станува збор за компактната пудра онаа која ја имам јас ја има следнава декларација



Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Magnesium Silicate, Tricaprylin, Mica, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Euphorbia Cerifera Cera, Cera Alba, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Copernicia Cerifera Cera, Rhus Verniciflua Peel Cera, Silica, Hydrolyzed Silk, Tocopherol, Hydrogenated Palm Glycerides Citrate, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum**, Linalool**, CI 77891, CI 77492, CI 77491, CI 75470

Јас најчесто ја аплицирам директно со сунѓерчето кое е во самиот производ без да го мокрам со вода. Текстурата на оваа пудра е доста богата и кремаста и има одлична покривност (за нијанса подобра покривност од минералната), а делува сепак природно. Кожата има убав природен сјај. Што се однесува до светењето кое обично се појавува кај масната кожа, морам да напоменам дека кај мене лично добро издржува меѓутоа ова е секако индивидуално. Подобра од овој аспект е минералната пудра во прав која одлично ја оддржува кожата без да светне, затоа што оваа по неколку часа може да направи кожата малку да свети (доколку имате помасна кожа). Многу е важен и изборот на крема за лице која ја користите.

Еве ја апликацијата во 12 часот на пладне


Оваа крем пудра дава неверојантен сјај на кожата и изглед на здрава кожа.

И еве по скоро 11 часа односно во 23 часот навечер


На крај направив експеримент користејќи ги двете заедно. Најнапред ставив тенок слој на минерална пудра само на Т зоната, а врз неа малку од комактнава. Резултатот беше фантастичен. Пудрата навистина долго траеше, кожата светна минимално, а покривноста е поголема отколку двете пудри посебно. Секако ова е одлично за вечерно излегување или доколку имате потреба од поголема покривност.

Ете, ова е моето искуство со пудрите, а вие секако во согласност со вашите потреби и можности изберете една, или пак двете заедно за подобар ефект.

Поздрав и се читаме наскоро.
Вики

Comments