Домашна природна маст за изгореници


Здраво драги мои,

на сите ни се случило да се изгореме со огин (рингла, рерна) или пак од сонцето. Во денешнава статија ќе ви предложам рецепт за една домашна маст која одлично ја негува кожата во присуство на било каква изгореница и на некој начин помага истата побрзо да заздрави и кожата да ја задржи еластичноста.

Еве што ни е потребно за оваа домашна маст:

- 10 гр. пчелин восок;
- 40 мл. кантарионово масло;
- 10 гр. шеа путер (доколку немате во тој случај ставете 50 мл. кантарионово масло)


Во еден сад растопете ги на пареа пчелиниот восок и шеа путерот и откако ќе преминат во течна состојба, додадете го маслото од кантарион (не веднаш, меѓутоа не да се стврдне). Ова го направив затоа што кантарионовото масло не сакав да го загревам за да може да ги задржам што повеќе неговите убави својства. Користев домашно направено кантарионово масло во чисто маслиново масло. На крај додадов една ампула витамин Е и оставив да се стврдне.


Зошто токму овие состојки

Кантарионовото масло е клучна состојка во оваа домашна маст со оглед на тоа што има огромно позитивно дејство кога станува збор за изгореници. Ако се стави веднаш по горењето веќе после неколку минути ја ублажува болката. Кожата многу брзо ја враќа еластичноста и доста брзо ги избледнува изгорениците. Доколку станува збор за изгореница од прв степен доволни се две три апликации за да се видо огромно подобрување.

Шеа путерот го ставив за на некој начин да го зголеми ефектот на кантарионовото масло во поглед на задржување на еластичноста на кожата. Доколку немате шеа путер а сепак сакате да ја направите оваа домашна маст, во тој случај, како што веќе нагласив погоре, ставете 50 мл. кантарионово масло со 10 гр. пчелин восок.

Пчелиниот восок го користиме не само затоа што дава убава структура на производот, туку и поради тоа што има и заштитно дејство врз надворешниот слој на кожата.

За подобро и полесно да ја нанесете на кожата, со помош на една пластична шпатула измешајте ја убаво маста сѐ додека да добиете еден вид на маслено кремаста структура.


Оваа маст нанесете ја по потреба на местото каде сте се изгореле.


Доколку ја направите и испробате, пишете импресии и искуства.

Поздрав и до следната статија.
Вики

Comments