Масло од авокадо за прекрасен тен и мазна и сјајна коса


Маслото од авокадо се добива од пулпата на авокадото кое претходно се остава да се суши (да излезе од него водата која е присутна до 65% во самиот плод). По сушењето ова масло се добива со метод на ладно цедење или пак по пат на рафинација. Структурата на ова масло (во поглед на масните киселини) е многу слична на онаа на маслиновото масло со оглед на тоа што и двете масла се многу богати со олеинска киселина. Маслото од авокадо може да се употребува како во исхраната, така и во козметиката. Во денешнава статија ќе се задржиме на дејството, ефектот и употребата на ова масло во козметички цели.

Ладно цеденото масло од авокадо со врвен квалитет се препознава најнапред според бојата која е изразито зелена, а и според густата структура и мирисот.


Рафинираното масло има бледо жолтеникава боја која е знак дека ова масло е посиромашно со хранливи состојки. Маслото од авокадо е многу богато со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли. Токму поради ова маслото од авокадо е предуслов за прекрасна еластична кожа и убава негувана и сјајна коса. Ајде подетално да ги разгледаме неговите дејства врз кожата и косата.

1. Масло од авокадо за лице

Маслото од авокадо има огромно својство да навлезе во кожата олеснувајќи ја апсорбцијата на активните компоненти кои ги набројав погоре. Тие компоненти го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обновување на клетките на кожата, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и имаат големо анти ејџ влијание. Редовната апликација на ова масло на кожата на лицето ја намалува појавата на брчки на лицето и ја оддржува елстичноста на кожата, а со тоа и самиот сјај и свежина. Одлично е за сува или многу сува кожа, како и за возрасна кожа и кожа без сјај.

Доколку се користи навечер на местото на крема околу очи и уста, ова масло одлично ги намалува малите брчки кои се појавуваат во тој дел од лицето. Може да го користите и како замена за дневна крема (во тој случај пожелно е да го користите или чисто, или во комбинација со некое друго масло на пример јојоба или арган за комплетно дејство), или пак навечер како ноќна крема на убаво исчистено лице, само масло од авокадо како анти ејџ третман. Ставете многу мала количина на благо навлажнето лице (на пример после тоникот или претходно испрскајте го лицето со термална вода). На тој начин кожата многу подобро ќе го прифати маслото и освен хранлив ќе има и хидратантен ефект. Веќе по две недели користење, ќе забележите први знаци на подобрување во смисла на поголема еластичност и сјај на кожата на вашето лице.


Еве ви предлог за една маска анти ејџ која истовремено го враќа сјајот на кожата, а има и благо избелувачко дејство на самата кожа.

Помешајте една кафена лажичка масло од авокадо со една кафена лажичка мед и сок од половина лимон. Смесата нанесете ја на убаво исчистено лице и држете ја околу 15 минути. По истекот на времето измијте го лицето со млака вода и нанесете масло од авокадо за подобар ефект на маската.
Маслото од авокадо одлично ја храни кожата и е одличен анти ејџ, медот има прекрасно омекнувачко дејство и го потпомогнува хранењето на кожата, а лимонот има избелувачко дејство врз самата кожа.


Еве ви предлог за секојдневен анти ејџ серум за лице:

15 мл масло од авокадо
15 мл. масло од арган (или масло од пченични никулци)
половина лажичка вит. Е
7 капки етерично масло од лаванда

Овој серум користете го секојдневно како замена за крема или пак како серум пред да ја нанесете кремата на лицето. Нанесете го на благо навлажнета кожа од тоникот или пак испрскајте тенок слој на термална вода. Маслото од авокадо во комбинација со маслото од арган и пченични никулци е вистинска бомба за здрава и еластична кожа, интензивно ја храни кожата, ја спречува или намалува појавата на брчки  и дава прекрасен сјај и тен на самата кожа.

2. Масло од авокадо за тело

Маслото од авокадо одлично ја оддржува елстичноста на кожата на телото и ја храни самата кожа, и идеално е за сите оние кои имаат сува кожа на телото. Ова масло е одлично и како превенција за стрии, ги намалува веќе постоечките и спречува појава на нови. За оваа намена користете комбинација од масло од авокадо со бадемово масло. За време на летниот период, доколку сакате што повеќе да го оддржите потемнетиот тен на кожата, ви советувам после секое туширање (за време и по одморот) на кожата да нанесувате комбинација од бадемово и масло од авокадо. Истиот овој микс од масла може да се користи и за масажа на кожата, а во смесата може да додадете и неколку капки етерично масло по ваш избор (лаванда, сладок портокал, лимон идр.) во зависност од ефектот кој сакате да го постигнете. Само да напоменам дека маслото од авокадо е идеално и за нега на бебешката кожа.


Предлог за масло за спречување на стриите на телото

50 мл. масло од авокадо
50 мл. бадемово масло
14 капки етерично масло од сладок портокал или лаванда (може и двете заедно)

Со оваа смеса масирајте го секојдневно цело тело, особено оние делови каде имате стрии. Секако оваа смеса нема да направи да исчезнат стриите особено ако се бели, меѓутоа многу ќе ја подобри еластичноста на кожата, а со тоа видно ќе ја намали појавата на нови стрии на тие делови.

3. Масло од авокадо за коса


Маслото од авокадо одлично ја негува сувата коса, дава одгромен сјај, интензивно ја храни и ја враќа мекоста и свежината на косата. За нега на косата ова масло го препорачувам во комбинација со кокосовото масло или пак со шеа путер. Ова масло е идеално и кај сите оние кои имаат проблем со првутот со оглед на тоа што ја омекнува и храни кожата и ја спречува неговата појава.

Еве ви предлог за една маска за коса која не само што ќе ја негува и нахрани косата, туку истовремено и ќе ја зацврсне:


во една чашка на пареа ставете две лажици масло од авокадо со една лажица кокосово масло и убаво мешајте се додека кокосовото масло не се стопи и додека маслата убаво не се спојат. Потоа тргнете ги од пареата, оставете малку да се смлачи смесата и додадете две до три капки етерично масло од рузмарин (доколку немате  не мора или пак додадете етерично масло од лаванда или портокал доколку имате). Вака добиената смеса ставете ја на благо навлажнета коса и оставете да делува најмалку саат време. Кокосовото масло дава сјај и ја храни косата, а во комбинација со маслото од авокадо претставува бомба на витамини и хранливи состојки кои ја прават косата многу мека, сјајна, убава и поцврста. Етеричното масло од рузмарин придонесува за зајакнување на косата, додека етеричното масло од лимон дава неверојатен сјај на самата коса.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист и дека дознавте нешто повеќе за волшебните својства на маслото од авокадо и неговата примена во козметиката.

Јас ве гушкам и се читаме наскоро.
Вики



Comments

Post a Comment