Одговори на вашите најчесто поставувани прашања

Здраво драги мои,

секојдневно добивам најразлични прашања што значи дека вашиот интерест расте што ме прави екстремно среќна. Со оглед на тоа што многу од нив се одлични како прашања, решив од време на време да објавувам вакви статии каде ќе ги собирам вашите прашања и ќе одговарам за сите да може да прочитате корисни информации. Како што реков редовно ќе пишувам вакви статии така да ова ќе биде само една од многу.
Ајде да почнеме.

1. Зошто секогаш советуваш маслата за нега на кожата (лице или тело) да се нанесуваат на благо навлажнета кожа?


Точно е дека секогаш во статиите ви велам маслото нанесете го на благо навлажнето лице од тоникот или по испрскување на термална вода, или пак маслото нанесете го на телото по туширање на благо навлажнета кожа затоа што кожата подобро го апсорбира и на некој начин добива сѐ што и е потребно. Верувајте ми има свое зошто.

Кожата има свој природен заштитен слој кој се нарекува хидролипиден слој. Самиот збор хидролипиден е составен од два збора и тоа хидро (вода) и липиди (масло) што значи дека природниот слој на кожата содржи воден и масен дел. Затоа, за една состојка убаво да навлезе во кожата и да ја нахрани но и хидрира треба во својот состав да има воден и масен дел.

Со оглед на тоа што маслото (како што кажува и самото име) е масна состојка, кожата нема да може комплетно да ги искористи сите убави состојки во самото масло со оглед на тоа што истото ќе остане на површината и нема да може убаво да навлезе во кожата доколку истата е сува.

Кожата може да ја навлажните со тоник за лице, термална вода или обична вода, важно е да биде благо навлажнета. На тој начин кожата ќе биде не само убаво награнета туку и хидрирана, а двете овие состојби се важен предуслов за убава кожа.


Доколку се сеќавате во статијата како да ја подобриме кремата за лице во случај да истата не одговара на нашиот тип на кожа, ви советував ако кремата ви е помасна да ја користите заедно со алое вера гел http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_31.html. Истата таа техника може да ја примените и овде.

Доколку користите масло за нега на лицето, наместо да го ставите на благо навлажнето лице, пробајте да помешате мал дел од маслото со малку алое вера гел во вашата дланка, и смесата нанесете ја на убаво исчистено лице. Маслото не само што лесно ќе се впие благодарение на алое вера гелот, туку и двете заедно ќе имаат комплетно дејство во негата на кожата.

2. Зошто третманите со масла најдобро е да се нанесат на влажна коса?


За ова имам веќе говорено, ама еве ќе повторам доколку некој не прочитал. Во скоро сите статии препорачувам маслата да се нанесат на благо навлажнета коса затоа што маслото кога ќе се нанесе на косата се врзува со маслата природно присутни во влакното. При миењето со шампонот, маслата кои сме ги нанеле на косата како третман со себе ги носат и маслата кои се природно присутни во косата, за кои претходно се врзале, и резултатот може да биде сува коса, односно сув ефект.

Откако ќе се нанесат маслата на благо навлажнета коса, таа влага треба да се задржи со помош на една обична пластична ќеса (онаа од супермаркет) или пак пластична фолија за храна и врз неа да се стави пешкир. На тој начин ја задржуваме влагата во влакното и топлината за време на третманот.


Понекогаш сакам да ја исправувам косата, меѓутоа никогаш не користам пегла туку само фен и четка. Со оглед на тоа што имам тенко влакно кое е доста лесно за обликување косата лесно ја исправувам, меѓутоа мојот проблем е кога има поголема влага или ветар, по саат време откако сум излегла косата воопшто не личи на она што сум го направила пред да излезам.

И овде направив еден експеримент. Откако ја засушив малку косата (никогаш не чешлајте или фенирајте мокра коса, оставете ја да се исуши некаде околу 80%), на неа нанесов мешавина од алое вера гел со масло (малсата кои ги пробав беа кокосово, арганово и авокадо, секако наизменично не сите одеднаш). Потоа поминував со фен и четка за да ја измазнам и исправам дел по дел, и косата ми беше права и мазна во текот на целиот ден. На овој начин најдолго ми траеше фенираното.

Еве го ефектот од фенирањето по употребата на алое вера гел со масло на скоро исушена коса.



3. Како да ги препознаам силиконите во шампонот?


За силиконите имам говорено во многу статии и имам кажано дека обично завршуваат на наставките -one; -xiloxane; -silanoil. Во листата на штетни состојки која ја имам објавено во една од статиите на блогот има и еден силикон кој е quaternium 80 (претходно имав напишано polyquaternium, меѓутоа мислев на quaternium и ја поправив грешката во статијата)

Некои од вас кога ме прашуваа за шампоните ми покажуваа состојки како quaternium и polyquaternium каде одредени од нив се силикони, додека одредени не се. Многу важна улога имаат бројките до зборовите quaternium и polyquaternium и секако хемиската формула на истите. Доколку се двоумите дали еден quaternium или polyquaternium е силикон, мој совет ви е (секако доколку сакате) да ја побарате на интернет хемиската формула за тој quaternium или polyquaternium. Доколку во формулата е присутна ознаката Si во тој случај станува збор за силикон. Еве ви еден пример за quaternium 80

Immagine

како што може да забележите ја има ознаката Si така да станува збор за силикон.

Еве ви ознака на пример за polyquaternium 10

Immagine

овде нема Si така да не станува збор за силикон.

Е сега, која е разликата помеѓу силиконите и оние quaternium или polyquaternium кои не се силикони? Силиконите како што знаете создаваат филм врз косата односно врз влакното и на некој начин го задушуваат. Како структура се многу масни (нешто слично како масло) и остануваат залепен на косата дури и кога ќе го измиете производот (доколку се миете со силиконски шампони секако).

За разлика од силиконите оние quaternium или polyquaternium кои не се силикони исто така создаваат еден вид на филм на косата кој не е баш лесен за одмивање, меѓутоа многу полесно се отстрануваат од силиконите и што е најважно не мастат. Во еден шампон процентот на несиликонските quaternium или polyquaternium обично не е многу голем, додека најчесто силиконите се обилно присутни. 

Во една од следните статии ќе се обидам да ви направам една листа на некои quaternium и polyquaternium кои не се силикони (ќе ми треба секако малку повеќе време за да ги проверам формулите).

Како и да е, и двата типа на кондиционатори на косата воопшто не се во согласност со органската козметика и во добро формулираните органски шампони воопшто и нема да ги најдете.

Мислам дека ова беа доволно информации за една статија. Вие секако продолжете да прашувате сѐ она што ве интересира.

Ве поздравувам и се читаме наскоро.
Вики

Comments