Направи сам: богат крем за нега на сувата кожа на рацете


На сите ни се допаѓаат прекрасни и убаво негувани раце со налакирани и убаво обликувани нокти, кои на некој начин се наша визит карта. Меѓутоа честопати кожата на рацете е сува, пецка и недоволно нахранета, а тоа се должи на многубројните миења на рацете со агресивни гелови, атмосферските услови или миењето на садови без заштитни ракавици.

Доколку сте во потрага по еден навистина богат крем кој одлично ќе ја негува кожата на вашите раце, а притоа е комплетно природен во тој случај продолжете да читате. Во денешнава статија ќе ви предложам еден навистина прекрасен крем за раце кој јас лично го обожавам. Може да го направите според она што го имате во сопствените кујни и секако да го персонализирате според вашиот сопствен вкус. Ајде да започнеме.

За овој рецепт потребно ви е:


- четири супени лажици маслиново масло;
- една ипол полна кафена лажичка шеа путер (ако немате може и кокосово масло);
- една супена лажица пчелин восок;
- една ипол супена лажица деминерализирана вода (или ружина вода);
- пет капки етерично масло по ваш вкус (доколку немате не мора)

Во една чашка ставете го шеа путерот (или кокосовото масло), маслиновото масло и пчелиниот восок и топете ги на пареа (врз тенџерче со вода).


Откако ќе се стопи ставете врз тенџерчето со пареа чашка во која ќе ја ставите водата и кратко стоплете ја за да и двете фази бидат приближно топли. Јас користев ружина вода.


Ставете ја водата во маслото и ставете ја чашката во едно тенџере со ладна вода.


Почнете енергично да мешате со една лажичка или пак, доколку сакате да си ја олесните процедурата, употребете мал миксер. Малку промешајте па доколку сакате додадете пет капки етерично масло по ваш избор. Јас користев етерично масло од роза.


Смесата како што се лади под дејство на ладната вода станува сѐ погуста и покремаста, и откако ќе ја добие посакуваната структура престанете да матите.


Префрлете ја смесата во едно чисто кутивче и ете вашиот крем е готов.

Овој крем е навистина многу хранлив и одлично ја негува кожата на рацете. Може слободно да го употребувате и како крем за нега на петиците, доколку имате суви петици. Доволна е сосема мала количина како оваа на сликата за да ги покриете двете раце.



На почетокот ќе ви се чини дека не се впива ама откако ќе ја нанесете почекајте околу минутка и ќе видите дека кожата ќе ја впие. Важно е што не остава бела трага како некои креми кога ќе ги намачкате на рацете.


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Доколку е тоа така, оставете кометар под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments

  1. Многу убав рецепт за крема денес ја направив и сум многу задоволна,одлична е хранлива,бргу се впива,мене ми излезе по течна незнам дали така треба,но не ставив етерично масло па го осеќам мирисот на шеа путер. Дали можеш да ми кажеш дали се добри етеричните масла на фитофарм според цената се многу поефтини од другите затоа и се мислам? Поздрав и благодарам за рецептов

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво мојата е погуста, не знам зошто ти излегла потечна, истите пропорции ги направи? Инаку доколку сакаш поевтини етерични масла со одличен квалитет и 100% чисти земи ги оние на Меи Лаб, најголем избор имаш на штандот на Логона во т.ц. Сити Мол. Цената им е од 150 до 250 денари во зависност од маслото. Има лаванда, лимон, рузмарин, мента, еукалиптус, портокал и др. Јас ти препорачувам да земеш три: лаванда, рузмарин и лимон затоа што најмногу ќе ги користиш и за сѐ може да ги употребуваш. Лимонот само летно време никако на кожа, или пак доколку го користиш само навечер, а на коса може слободно доколку правиш како последно испирање 500 мл. вода со 1 супена лажица оцет и 7 до 10 капки етерично масло од лимон. Ова етерично масло дава огромен сјај на косата. Доколку сакаш антицелулитни рецепти тогаш освен овие, земи плус и мента. Поздрав.

      Delete

Post a Comment