Колку е важна ph вредноста на козметичките производи?

Здраво,

еве ме со уште една многу корисна тема за здравјето и убавината на кожата, која се однесува на ph вредноста на козметичките производи кои ги користиме. Многупати на самите производи читаме “ја почитува ph вредноста на вашата кожа“ или “ph вредност во склад со вашата кожа“ и.т.н., но што всушност тоа значи и колку е навистина важна оваа вредност кога станува збор за козметика?

Рh всушност претставува хемиски симбол со кој се мери базната или киселата вредност на водата и обично ph вредност потребно е да се мери само во оние козметички производи во кои има поголем процент на вода (кога станува збор за путери, масла, кремите т.н. cold cream или емулзиите вода во масло ова не важи). Скалата со која се мери ph вредноста на производите оди од 0 (екстремно кисело) до 14 (екстремно алкално) каде 7 се смета за неутро и е всушност ph вредноста на самата вода.

Нашата кожа е благо киселкаста и има ph вредност од 5,5 (во интимната зона е покиселкаста) и тоа секако не е случајно. Киселкоста на кожата има функција да ја заштити кожата од бактериски реакции, да го спречи процесот на оксидација и секако да ја оддржи цврстината и структурата на кератинот.


Како што напоменав скалата на ph вредноста оди од 0 до 14 каде:

ph од 0 до 2 воопшто не се сретнува во козметиката;
ph од 3 до 4.5 се сретнува во производите за интимна хигиена и балзамот за коса;
ph од 5 до 6 во кремите за лице и тело, шампони, гелови за туширање и купки;
ph 7 во бебешките производи и кремите околу очи;
ph  од 8 до 9 креми за лице во кои како емулгатор се користи еден вид на сапун (за ова ќе говорам подоцна во самата статија);
ph од 8 до10 во природни сапуни (синтетичките т.н. syndet имаат ph вредност пониска од 8);
ph 12 во кремите за депилација
ph 13 до 14 обично не се користи во козметиката

За производите за интимна хигиена веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/aloedermal.html, меѓутоа еве ќе повторам дека ph вредноста зависи и од годините. Во здрави услови на интимната зона, за жените во плодните години идеалниот производ за интимна хигиена треба да биде со рh 4,5. Девојчињата пред пубертетот и жените во менопауза треба да користат производи со рh неутро.


 Кога станува збор за производите на измивање обично оние кои се во гел или млека за измивање најчесто имаат ph вредност која е блиску до природната ph вредност на кожата. Сапуните од друга страна забележавме дека имаат алкална ph вредост обично над 8, која е доста различна од природната ph вредност на самата кожа. Меѓутоа ова не значи дека треба да ги избегнуваме затоа што станува збор за производ на измивање. Во статијата во која говорев како да го препознаеме добриот сапун http://biodevojka.blogspot.mk/2016/01/blog-post_10.html напоменав дека многу е важен начинот на изработка и состојките кои се користени во еден сапун и дека не сите сапуни се исти. Постојат и многу убаво формулирани сапуни кои се одлични како производ. Сапуните (оние добрите) може слободно да се користат за измивање на лицето (со оглед на тоа што се производ на измивање), затоа што во здрави услови кожата има способност сама да ја поврати својата природна phвредност. Исто така и тониците за лице служат да ја повратат ph вредноста на кожата (повеќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/11/blog-post_11.html).


Проблемот е кога се користат производи кои не се на измивање и кои се оставаат на кожата, како на пример кремите со ph вредност различна од онаа природната. Најдобар вид на крема е секако онаа со благо киселкаста ph (како и повеќето креми во продажба) или пак еве максимум неутро (иако е подобра онаа под 7). Во ретки случаи постојат и креми во кои како емулгатор се користи една алкална солуција слична на сапун со што ph вредноста на самата крема станува алкална (внимавајте, не е возможно да се спушти ph вредноста на еден вака емулзиониран проивод). Овој тип на креми апсолутно треба да се избегнуваат затоа што со текот на времето прават алтерација на ph вредноста на самата кожа и може да предизвикаат многу проблеми со кожата. Овие креми може многу лесно да ги препознаете од самата декларација, односно кога во декларацијата ќе ги видите овие две состојки заедно: stearic acid и triethanolamine.



Затоа следен пат кога ќе одите во потрага на производ за нега или хигиена внимавајте како на ph вредноста, така и на состојките (декларацијата) на производот.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека ви се допадна.

Поздрав
Вики

Comments