Прво балзам па после шампон или “Reverse Hair Washing”


Да да, убаво прочитавте од насловот. Станува збор за методот “Reverse Hair Washing” каде за да се измие косата не се почнува класично со шампонот, туку се започнува со балзамот.

Кога за прв пат прочитав дека постои ваков метод си реков, леле како е возможно вакво нешто, сигурно на овој начин косата ќе ми биде цела заплеткана после шампонот и нема да можам да ја средам. Бев навистина доста скептична, меѓутоа сепак се решив да експериментирам (нема шанси да ви предложам нешто пред јас лично да го испробам) и еве веќе 5-то миење го правам на овој начин и, верувајте, немам намера да се вратам на стариот начин на миење на косата. Еве за што станува збор.

чекор 1: намокрете ја вашата коса;
чекор 2: ставете балзам (пожелно без силикони) и оставете да делува околу 2 мин.
чекор 3: не го одмивајте балзамот со вода туку измијте ја косата со шампон, најдобро растворен во малку вода (едно до две миења);
чекор 4: исушете ја косата како што нормално правите  (со масло, пена, гел итн.)



Која е предноста и што забележав по миењето на косата на овој начин?

Кај себе најнапред забележав поголем волумен, а и самата коса беше почиста повеќе денови (не се масти бргу), најверојатно затоа што кога најнапред ја миеме косата со шампон, а потоа нанесуваме балзам, дел од балзамот на некој начин останува во косата и ја прави потешка, а со тоа и побрзо се масти (разликата помеѓу шампонот и балзамот е што едниот мие а другиот “масти“ или подобро кажано омекнува). Со оглед на тоа што само со вода не може комплетно да се отстрани балзамот за коса и мал дел сепак останува на влакното (тоа му е секако и фукцијата), побргу се масти косата. Девојките кои имаат масна коса ќе бидат воодушевени од овој метод и резултатите на косата.

Како што реков, кога за прв пат го пробав овој метод ми беше страв дека по миењето косата ќе ми се плетка и нема да може да ја средам како што треба. Меѓутоа кога прво го ставив балзамот на масна коса и кога потоа измив со шампон, сфатив дека балзамот ја омекнал косата без разлика на тоа што потоа го измив со шампонот. Косата беше мека на допир и лесно ја расчешлав со прстите (ве потсетувам да не ја чешлате косата со чешел кога е мокра).

Еве ви слики од неколку миења на косата на овој начин



Верувајте ми вреди да се проба.
Доколку го испробате овој необичен метод на миење на косата, кажете ми што мислите, како ви се допаднал и секако какви резултати забележавте.

Ве поздравувам и до скоро читање.
Вики

Comments