Направи сам: природен лак за коса


Лакот за коса е нешто без кое не може да се замисли стајлингот, особено кога станува збор за некој вид на фризура која треба да трае подолго време, или доколку ја собираме косата во пунџа и не сакаме да летаат мали непослушни влакненца на сите страни.

Во продажба се нудат голем број на производи кои ветуваат сјајна и послушна коса и фризура која подолго трае. Сите тие навистина го прават она за кое се наменети, меѓутоа поголемиот дел од нив содржат состојки кои не се баш најпожелни ниту за нас, ниту за околината со оглед на тоа што овој производ е на испрскување и завршува токму во околината.

Секако постојат и природни и органски лакови за коса, меѓутоа скоро сите содржат висок процент на алкохол кој со редовна употреба постепено го суши влакното, а тоа секако не ни е цел.


Затоа во денешнава статија ќе ви предложам еден навистина лесен и природен лак за коса кој одлично го прави своето, а воедно е пријател и на околината која не опкружува. За неговата подготовка ќе ви требаат 10 мин., а ефектот ќе ве остави без зборови.

Состојките кои се потребни за околу 60 мл. лак за коса се:

- 3 супени лажици деминерализирана вода;
- 2 супени лажици ружина вода (доклку немате ставете деминерализирана вода);
- 2 до 3 кафени лажички шеќер;
- 1 кафена лажичка јаболков оцет;
- 1 кафена лажичка алое вера гел
- 2 капки етерично масло (доколку немате не мора)


Во една чашка ставете ги најнапред водата и ружината вода (доколку немате ружина вода во тој случај ставете 5 лажици деминерализирана вода) и додадете го шеќерот. Убаво измешајте додека да се стопи. Потоа додадете го алое вера гелот и јаболковиот оцет и повторно убаво промешајте. На крај додадете една до две капки етерично масло по ваш избор (јас додадов масло од роза). Целта на етеричното масло е да на некој начин го замаскира мирисот на оцетот, да не се чувствува во косата. Ставете ја смесата во едно чисто пластично или стаклено шишенце и вашиот лак за коса е готов.

Зошто токму овие состојки

Алое вера гелот е одличен за косата, ја омекнува и хидрира. Во една книга имам прочитано дека алое вера гелот содржи аминокиселини кои се многу слични на оние присутни во фоликулите на нашата коса, па затоа алое вера гелот има регенерирачко својство и дава голем сјај на косата.


Оцетот има киселкаста ph вредност која е од огромнo значење за убавината и здравјето на нашата коса и дава огромен сјај. Идеалната ph вредност на нашата коса е помеѓу 4 и 5 така да јаболковиот оцет навистина помага во оддржување на истата. Исто така јаболковиот оцет ја затвора кутикулата на влакното и како резултат на тоа косата е сјајна и мазна. Ова е многу важен факт затоа што на тој начин ја задржуваме природната влага во косата, и на некој начин ја спречуваме појавата на расцветани врвови.

Шеќерот во овој рецепт е оној кој го прави всушност зацврстувањето на косата односно ефектот на лак. Јас лично ставив околу две ипол кафени лажички шеќер затоа што според мене цврстината која ја дава на косата е идеална, ни многу јако ни многу меко. Направив обид и со бел и со интегрален шеќер и според мене белиот дава подобар ефект.


Ружината вода ја ставив за да даде убав мирис на производот, но и затоа што ружината вода е одлична за косата, меѓутоа доколку ја немате, секако ставете само деминерализирана вода.

Етеричното масло како што нагласив го маскира мирисот на оцетот и дава фантастичен мирис на косата (како да сте ставиле парфем на вашата коса).

Овој природен домашен лак се користи исто како и купечкиот (оние лакови кои се без гас), односно се испрскува на косата од средна далечина (ни многу блиску ни многу далеку). Ефектот е навистина прекрасен, а мирисот неодолив.



Со оглед на тоа што овој лак е без конзерванси трае две недели, доколку го чувате во фрижидер и до три. Затоа и дозите кои ви ги препорачав се за 60 мл производ. Доколку го користите секојдневно ќе го завршите за три недели, во спротивно може да направите помала доза.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие доколку се одлучите да го направите, пишете импресии под самата статија.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments