Подобрa e ладна или топла вода?


Можеби и не сте си го поставиле ова прашање, меѓутоа сигурно скоро секогаш сте одбрале многу топла вода за миење, особено зимно време, со оглед на тоа што грее и е попријатна. Водата е извор на живот и присутна е во голем процент во нашиот организам. Меѓутоа освен внатрешни бенефиции (знаеме дека е потребно да се пие околу два литри вода дневно за оддржување на правилната хiдратација на организмот) водата има и надворешни бенефиции врз нашата кожа и коса, а од огромна важност е на кој начин ја употребуваме и пред сѐ на која температура. Во продолжение ќе ги разгледаме ефектите од миење со топла и со ладна вода врз кожата и косата.

Миење на лицето


Јас лично, секогаш (зима или лето) лицето го мијам со ладна вода, прво затоа што подобро ме буди, а и затоа што не сакам многу топло на лицето.

Топлата вода предизвикува проширување на порите (а со тоа и зголемено лачење на себум), меѓутоа и црвенила кај оние кои имаат чувствителна кожа. Со честа употреба на топлата вода, кожата ја губи здравата боја и станува посива и без сјај. Од друга страна ладната вода ја затега кожата, ја подобрува циркулацијата и ги затвора порите на лицето. Помага во исфрлувањето на токсините од кожата преку порите и го оддржува младешкиот изглед на кожата.

Доколку шминката ја отстранувате со маслен отстранувач, во тој случај измијте го лицето со млака вода (затоа што ладната не може да го отстрани маслото), па потоа со ладна вода. Истото важи и кога треба да отстраните некоја маска од лицето. Најнапред отстранете ја маската со млака вода, а дури потоа измијте се со ладна вода.

Миење на косата


Многупати имам напоменато дека топлата вода е непријател на нашата коса со оглед на тоа што ја ослабнува, а според некои истражувања одговорна е и за губитокот на косата, односно опаѓањето. Топлата вода ги проширува порите на темето и го зголемува лачењето на масти во косата, со што се добива ефект на масна коса, или подобро кажано косата се масти побргу. Ладната вода од друга страна, ја затвора кутикулата на влакното и како резултат на тоа косата е сјајна и мазна. Ова е многу важен факт затоа што, на тој начин ја задржуваме природната влага во косата и на некој начин ја спречуваме појавата на расцветани врвови.

Ова секако не значи дека веднаш треба да почнете да ја миете косата со ладна вода, туку со млака. Јас еве, косата секогаш ја мијам со млака вода, а последното измивање го правам со ладна вода (онолку колку можам да издржам) и тоа не нагло туку постепено. Значи од млака вода постепено доаѓам до онолку ладна колку што ми е пријатно на главата.


Миење на телото

Што се однесува до туширањето, советите во продолжение се однесуваат во услови на нормална и добра здравствена состојба. Во случај на било каков здравствен проблем, ви советувам да се исконсултирате со вашите матични лекари и да не правите ништо на своја рака.

Топлата и многу топлата вода е пријатна за туширање, меѓутоа поладната вода има милион бенефиции не само врз кожата на нашето тело, туку пред сѐ и врз здравјето и добросостојбата на целиот организам.

Ладната вода вода го стимулира имунитетот и одбрамбената способност на нашиот организам. Спротивно на она што се верува, ладната вода е одлична за спречување на настинки со оглед на тоа што го зголемува бројот на лимфоцитите и моноцитите (резултат добиен од медицинско истражување во Прага).

Ладната вода ја подобрува циркулацијата, го забрзува метаболизмот (а со тоа го помага и губитокот на телесна тежина), ја ублажува депресијата и го зголемува нивото на енергија и добросостојба.

Јас најискрено за туширање користам секогаш млака вода, а кон крајот користам ладна. Сеуште не сум успеала комплетно да се истуширам со ладна вода.


За на крај важно е да напоменам дека не треба драстично да ја промените водата со која се миете или туширате со оглед на тоа што може да предизвикате стрес на целиот организам. Преминот треба да биде постепен (од топло, кон млако, кон ладно) и секако во консутација со вашите матични лекари (во случај на некој здравствен проблем). Правете разни проби со различна температура на водата и забележувајте како вашата кожа или коса реагира на таа промена. На крај вие самите најдобро може да процените која температура одговара за вас лично кога го миете лицето или косата, и што е она што ви дава најдобри резултати како на ниво на убавина, така и кога станува збор за добросостојба.

Со каква вода најчесто го  миете вашето лице или коса? Вашите коментари се добредојдени под самиот текст.

Вики


Comments