Направи сам: интересни и креативни велигденски кошнички


Здраво на сите,

после велигденското дрвце кое ја краси нашата дневна соба, време е да се подготвиме за кошничките во кои ќе ги ставиме велигденските јајца, или пак ќе ги наполниме со мали чоколадни јајца и ќе ги подариме на нашите намлили и најмлади.

Доколку се сеќавате лани направив кошнички со една техника со помош на балон и конец (доколку ја немате прочитано кликнете овде   и овде ), така да оваа година сакав малку да сменам и да направам нешто ново. Се одлучив да направам два вида на кошнички со материјали кои лесно може да ги најдете (јас моите ги земав од Џамбо) и секако да ги направите според ваш вкус, бирајќи бои и украси кои ви се допаѓаат.

Ајде да започнеме.

За првиот вид на кошнички потребни ви се:


материјал во боја (нешто слично на чоја ама потенко);
едно пластично канче од павлака, урда или сладолед;
ножици;
лепак;
украси (јас користев вештачки листови и цветови)

Најнапред со помош на еден нож исечете го најгорниот дел на пластичното канче


и потоа израмнете го со помош на ножици.


Измерете дел од материјалот и со помош на лепакот залепете го врз пластиката. Употребете штипки (оние за алишта) за да го држите материјалот на место и да го олесните лепењето.


Откако сѐ ќе биде залепено може да започнете со декорацијата.
Јас имав мала слатка помошничка, внука ми, која беше воодушевена заедно да ги правиме овие креативни проекти, така да заедно ги одбравме формите и боите на украсите за оваа кошничка.


Откако ќе ги нанесете украсите оставете убаво се да се залепи и исуши, па направете ја рачката за кошничката. Јас користев плута која одозгора ја обвиткав со истиот материјал кој го користев за кошничката. Еве го финалниот производ


За вториот вид на кошнички не користев пластична поддршка туку сама ги направив формите од плута. Она што ви е потребно за да ги направите е:

плута;
материјал во бои;
лепак;
ножици;
украсна лента;
разни украси по ваш избор


Одберете си форми и димензии кои ви се допаѓаат (евентуално може да ги направите најнапред од картон како модли и да ги користите за изработка на конечните форми за кошничката).




Исечете ги и со помош на лепак залепете ги меѓусебно. Врз нив нанесете од материјалот во боја, оставете убаво да се залепи и декорирајте по ваш избор.

Иако станува збор за Велигден, една кошничка направив во стилот на Фрозен како благодарност за мојата прекрасна внука, која беше пресреќна. Еве како изгледа.




Другата ја направив во лила верзија со цветови кои претходно со помош на конец и игла ги сошив на една лилакова лента која потоа ја заврзав за кошничката.


Рачката за оваа кошничка ја направив розева и врз неа замотав дел од истата украсна лента која ја користев за шиење на цветовите. Еве го конечниот изглед.



Се надевам дека ви се допаднаа идеите за овие интересни кошнички и доколку е така, ножиците в рака и почнувајте да ги правите. Најважно е што ќе се забавувате, а и ќе имате оригинални кошнички многу поразлични од оние во продажба.

Вики

Comments

  1. Драга Вики,пиша дека материјалите си ги набавила од џамбо,конкретно за материјалите во боја и плутата,денес се утепав барајќи низ џамбо нигде не видов,ако можеш да ми кажеш каде поточно стојат следен пат одма да ги најдам :) интересни кошнички сакам да ги направам исто и тие со балон,па ке видиме како ке испаднат. Поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ана, ќе ги најдеш на приземје од лева страна (на средина на Џамбо)таму каде што се продаваат лепаци, ножички, колаж хартии, монистра за деца и боенки за деца. Баш кај колажните хартии ќе ги најдеш на вториот ред подолу. Ги има ама треба ептен убаво да ги забележиш. За помош може да прашаш некој од персоналот. Поздрав и прикачи слика овде кога ќе ги направиш да ги видиме.

      Delete
    2. п.с. Цената е околу 59 денари за шарените материјали и мислам дека исто толку ја платив и плутата.

      Delete

Post a Comment