Комплетен домашен третман за поголем сјај на русата коса


Русата коса (природна или фарбана) има потреба од особена нега со специфични состојки со цел да се продолжи нејзиниот сјај и да се оддржи бојата. Во продажба постојат навистина многу маски и третмани специјално наменети за нега на русата коса, меѓутоа сепак домашно си е домашно. Во продолжение на оваа статија ќе ви предложам комплетен третман кој не мора да го правите целиот одеднаш (во зависност од времето кое го имате на располагање) кој освен што ќе ја живне русата боја, ќе ја направи самата коса посјајна, помека и поубава. Ајде да започнеме.

1. Третман за руса коса пред шампонирање

Станува збор за еден вид на маска за коса која има за цел да ја живне бојата, да ја омекне косата и на некој начин што подолго да ја задржи убавата руса боја. Потребни состојки за овој третман се:

2 кафени лажички природен балзам или маска;
2 кафени лажички чај од камилица:
1 кафена лажичка пиво;
1 кафена лажичка масло од невен;
1 кафена лажичка сок од лимон;
1 жолчка


Ден претходно отворете едно пиво, земете една кафена лажичка и оставете ја во една чашка да изветрее алкохолот. На тој начин пивото ќе биде помалку агресивно за косата. Наредниот ден на пивото додадете му две кафени лажички чај од камилица, две кафени лажички балзам или маска за коса, жолчката, една кафена лажичка масло од невен и една кафена лажичка сок од лимон. Убаво помешајте и нанесете ја смесата на коса. Со оглед на тоа што во маската има и масни и водени состојки, нема потреба да ја навлажнувате косата, може да ја нанесете маската директно на сува коса. Покријте со една пластична фолија или ќеса, ставете врз неа пешкир и оставете да делува околу саат време. Потоа измијте ја косата како што обично правите.

По употребата на оваа маска навистина ќе забележите дека вашата коса е посјајна, поубава и помека. Оваа количина беше доволна за мојата коса (должината ја гледате на сликата подолу), меѓутоа доколку вие имате подолга и погуста коса, зголемете ги количините, или ако имате пократка намалете.


2. Маска за коса по шампонирање

Станува збор за една прекрасна и многу едноставна маска/балзам за коса која се нанесува по шампонирањето на косата, се држи околу 2-3 минути и се одмива со млака вода. Оваа маска има огромно омекнувачко дејство на косата и е особено наменета за фарбана коса со испукани врвови. Со честа употреба косата ќе стане помека и посвиленкаста.

Во еден сад помешајте една кафена лажичка маска или балзам со една кафена лажичка мед. Нанесете ја смесата на косата по  миењето (како што правите со балзамот), оставете да отстои 2-3 минути и исплакнете со млака вода.

Како што напоменав оваа маска е идеална за фарбаните русокоси кои често имаат ефект на сува коса и испукани врвови. Со оглед на тоа што кога врвовите ќе се оштетат тие сами се кинат ни се чини дека косата не ни расте, а воопшто не е така. Благодарение на овој третман косата ќе стане се поздрава и посвиленкаста и на некој начин ќе расте побрзо (или подобро кажано ќе расте поздрава и нема да се кине на врвовите со што ќе ни се чини дека расте побргу).


3. Исплакнувач за коса со мед и камилица

Откако сте ја измиле косата и сте нанеле балзам на ред следува последното плакнење на косата кое не бара одмивање. Станува збор за наједноставниот можен исплакнувач за коса кој се состои од: 500 мл. чај од камилица и една кафена лажичка мед. Чајот од камилица направете го навистина јак, во 500 мл. вода ставете 4 филтер ќесички камилица или пак 5 супени лажици суви цветови од камилица. Оставете да одстои околу 20 мин. па потоа додадете ја лажичката мед. Остевете комплетно да се олади и нанесете го на косата како последно плакнење. Подобро е да го нанесете оладен или евентуално млак доколку не трпите ладно, затоа што на тој начин се затвора кутикулата на влакното од ладното и косата добива поголем сјај. Потоа исушете ја косата како што обично правите.

Јас ги направив првиот и третиот третман заедно (маската пред шампонирање со исплакнувачот од мед и камилица) и еве го резултатот:



Вие, секако, како што реков може да направите сѐ заедно или да одберете една или две работи од горе предложените (или да правите по едно на секое миење). Што и да одберете, косата ќе ви биде навистина благодарна, а и вие самите ќе забележите голема разлика што ќе ве поттикне да продолжите со овој вид на третмани.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие секако вашите прашања или коментари, слободно оставете ги под самиот текст.

Вики


Comments