Убави со малку пари: 5 нискобуџетни домашни рецепти


Понекогаш немаме на располагање многу состојки за да направиме некој рецепт, или пак одненадеж сме останале без нашиот омилен производ и мора набрзина да направиме некаква негова замена.

Доколку и вие сте се нашле во една од овие ситуации, без гајле, во продолжение ќе ви дадам 5 навистина многу лесни и нискобуџетни рецепти за лице, тело и коса, кои може да ги подготвите секогаш кога ќе останете без вашиот омилен производ.

За нивната подготовка се потребни навистина малку состојки, а скоро сите веќе ги имаме во нашите кујни.


Домашна маска за коса

Доколку сте останале без вашата омилена маска за коса, а дома немате многу состојки, оваа која ќе ви ја предложам во продолжение е идеална за секој вид на коса. Ја враќа мекоста на косата, допринесува за поголем сјај и длабински чисти, што ја прави идеална и за сува коса и за масен корен.

Сѐз што ви е потребно е:

2 супени лажици млеко или јогурт
2 супени лажици нишесте
1 кафена кажичка мед

Во еден сад помешајте ги најнапред нишестето и јогуртот или млекото, па потоа додадете го медот. Нанесете ја смесата на благо навлажнета коса за полесна апликација. Се остава да отстои најмалку половина час и се мие со млака вода и шампон.

Нишестето одлично ја чисти косата ссо оглед на тоа што врз себе ги лепи сите масти и нечистотии, медот неверојатно омекнува а јогуртот придонесува за поголем сјај.


Домашна пудра за лице во прав за комбинирана до масна кожа

Оваа домашна пудра во прав е идеална доколку користите пудра во прав и одненадеж сте останале без неа. Многу лесно се подготвува, одлично го изедначува тенот на кожата и што е најважно ја остава кожата да дише.

Сѐ што ви е потребно за да ја подготвите е:

2 супени лажици нишесте
1 супена лажица цинк оксид (во аптека)
течна црвена боја за храна (ќе ја најдете во супермаркет)

Во еден сад најнапред ставете го нишестето и додадете ја бојата во прав (неколку капки) и убаво мешајте сѐ додека да добиете убава интензивна розева боја. Оставете го нишестето убаво да се исуши. Потоа додадете го и цинк оксидот и продолжете убаво да мешате додека да добиете убава розе боја како пудрите.

Цинк оксидот како што реков може да го најдете во аптека и служи за да ја подобри покривноста на пудрата, меѓутоа доколку го немате во тој случај може да користите само нишесте.


Како боја може да ги изберете следниве:

црвена: доколку имате жолтеникав тен и сакате да го подобрите

лила: доколку сакате нежно да ја избелите кожата

портокалова: доколку имате розевкаст тен и сакате да ја подобрите бојата

зелена: доколку имате некоја неправилност за прикривање (на пример црвенила)

со какао: доколку имате потемен тен или летно време кога сте потемнети

Пропорциите правете ги сами. Пробувајте колку боја одговара на вашиот тип на кожа и како сте задоволни од изгледот. За секој поединец е различно.

Доколку имате дома малку арома за торти и слатки (онаа течна) додадете неколку капки за вашата пудра да мириса убаво (доколку користите течна арома, оставете малку да се исуши нишестето). Доколку немате течна арома, може да користите малку ванила во прав.

Домашен крем за тело за сува кожа

Во последен момент сте сфатиле дека ви завршил вашиот омилен крем за тело и сега што ќе правите? Без гајле на помош доаѓа медот.

Земете една супена лажица масло (било кое масло, она што имате дома) и една супена лажица мед. Убаво помешајте ги во една чашка и нанесете ја смесата на кожата на телото по бањањето на благо навлажнета кожа.

Оваа смеса е идеална за сува кожа на телото со оглед на тоа што длабински ја храни и омекнува кожата. Не грижете се медот воопшто не лепи, а ќе добиете прекрасна мазна и мека кожа за две минути.


Миризлива пудра за тело за во лето

Освен пудра за лице, со нишестето може да направите и пудра за тело, доколку летно време  сакате кожата помалку да се поти, а сепак убаво да мириса.

Потребно ви е нишесте (количината одберете ја сами во зависност од тоа колку производ сакате да направите), течна црвена боја за храна и ванила во прав за подобар мирис.

Најнапред обојте дел од нишестето со црвената боја и оставете да се исуши. Потоа додадете уште нишесте во зависност од бојата и тоналитетот кој сакате да го добиете. Додадете ја ванилата во прав и убаво промешајте сѐ додека смесата да стане изедначена. Доколку имате етерични масла, наместо ванила може да ги користите нив или пак да ставите течна арома за слатки и торти.

Прфрлете ја смесата во едно кутивче и вашата миризлива пудра за тело е готова.

Домашен скраб за тело за сите видови на кожа


Доколку останете без вашиот омилен скраб најлесно нешто е да земете малку шеќер и некое масло што го имате дома. Убаво помешајте ги двете состојки и направете пилинг на целото тело.

Доколку сакате може да направите и комбинација од сол со шеќер.

Се надевам дека овие пет лесни рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги направите.

Поздрав
Вики

Comments