Направи сам: природен серум за поубави трепки и веги



Трепките и вегите кај една девојка се дефинитивно најважните адути за изразување на длабочината и интензитетот на погледот. Заводливиот и секси поглед е дефинитивно протагонист број еден на секој вид на шминка и окото изгледа поубаво со една долга низа на густи трепки, уоквирено од убаво обликувани и густи веѓи.

Меѓутоа многу често токму трепките и веѓите комплетно не излудуваат: ги сакаме погусти, подолги, поинтензивни, поцрни и.т.н. Постојат голем број на препарати за оваа намена, меѓутоа за среќа мајката природа ни дала на располагање многу природни состојки кои одлично помагаат во оддржувањето на здравјето и убавината на трепките и веѓите.

Во оваа статија ќе споиме неколку од нив заедно и ќе креираме домашен природен серум за веѓи и трепки.

За овој проект потребни ни се:

рицинусово масло
маслиново масло
масло од јојоба (или некое друго масло)
празно кутивче од потрошена маскара

Пред да преминеме на рецептот, најнапред мора да го подготвиме (исчистиме) кутивчето од маскара каде ќе го чуваме производот и полесно ќе го нанесеме со помош на четкичката.

Откако ќе ја потрошите маскарата, најнапред со помош на една игла или турпија за нокти (онаа железна со остар врв) отстранете го делот на врвот од кутивчето маската (она кое го регулира количеството на маскара која излегува со помош на честката).


Сите три дела (четкичката, малото делче и кутивчето) потопете ги во еден сад со топла вода околу 30 мин.



По истекот на времето доаѓа најтешката работа. Со помош на четкичката од самата маската чистете ја најнапред маскарата со помош на вода и сапун или сјај за садови. Убаво тријте и мијте се додека водата од кутивчето не биде чиста (за ова  ви треба многу трпение затоа што секогаш има многу производ внатре).

Потоа со помош на една мала четкичка за нанесување ајлајнер (доколку ја немате земете тенка четка за сликање, секако нова) убаво исчистете го дното на кутивчето. Ќе се изненадите уште колку маскара ќе излезе од доле.


Откако убаво сте исчистиле од сите страни наполнете го шишенцето со топла вода и оставете го така цела ноќ.

Убаво исчистете ја и четкичката, особено оној внатрешен дел кој се завртува кога ја затворате маскарата. И ова може да го направите со четкичката за ајлајнер или пак може да употребите и чепкалка за уши.

Утредента уште еднаш убаво проверете дали кутивчето е чисто (поминете го повторно со сапун или сјај и вода) и остевете да се исуши комплетно. Обично потребен е ден ипол убаво да се исуши кутивчето. Важно е да нема ниедна капка вода внатре затоа што може да придонесе до побрзо расипување на производот.


Откако ќе се исуши подготвени сме за експериментот.

Најнапред како база во кутивчето ставете маслку рицинусово масло (околу една кафена лажичка не многу полна). Доколку сакате да користите само маслиново како дополнување на рицинусовото додадете половина лажичка. Меѓутоа доколку сакате да направите комбинација од повеќе масла на пример маслиново со некое друго како масло како јојоба, арган, бадемово, невен или друго масло по ваша желб, важно е збирот на сите масла да биде половина кафена лажичка.

 Базата треба да биде рицинусовото масло, па затоа неговата количина е поголема.

За да ми биде полесно јас рицинусовото масло го ставив во едно вакво кутивче со пумпица и на тој начин го нанесував во кутивчрто, меѓутоа за да бидете сигурни дека нема да ви се истури може да купите шприц од аптека (секако без игла) и со него полека да го додавате маслото во кутивчето.



Откако ќе го наполните кутивчето, прво ставете го затворачот (она делче како кругче кое го извадивме), па потоа затворете го кутивчето со четкичката.

Ете вашиот домашен природен серум е готов.


Рицинусовото масло е фантастично за нега на трепките и веѓите со оглед на тоа што ги зајакнува и прави посјајни.

Малиновото масло е исто така едно од најдобрите масла за оваа намена и во рецептов го надополнува и подобрува ефектот на рицинусовото масло.

Јас додадов и масло од јојоба кое исто така е одлично, меѓутоа вие може да одберете друго масло или пак да ги оставите само маслиновото и рицинусовото.

Серумот се нанесува со помош на четкичката на веѓите и трпките навечер. Со редовна употреба навистина ќе забележите големо подобрување.

Вашите трепки и веѓи од ден на ден ќе бидат се поздрави, погусти и посјајни.

Се надевам дека ви се допадна овој навистина едноставен а сепак функционален рецепт.

Вики



Comments