Како да ги ублажиме агресивните производи за миење на кожата и косата


Здраво,

на сите нас ни се случило да купиме шампон или гел за туширање и по неколку употреби сме го фрлиле затоа што бил премногу агресивен за темето на косата или пак за нашата кожа. Ни предизвикал чешање, иритации или други проблеми.

И јас пред да почнам активно да ги истражувам не само состојките туку и формулите на она што може да го најдеме како производ во продажба, честопати бирав производи кои потоа се покажале агресивни за мојата кожа или темето на косата. Знам дека прво што ќе ви падне на памет е да ги фрлите, меѓутоа во оваа статија ќе ви покажам како истите може да ги ублажите.

Секако овде не станува збор за шампоните со силикони и нафтени деривати. Да не ме сфатите погрешно па да купувате производи со силикони со надеж дека ќе ги подобрите. Станува збор за поприроден производ кој меѓутоа има поагресивна формула.

Шампони за коса


Имам навистина многу говорено за шампоните и за состојките кои како примис пожелно е да се избегнуваат затоа што не се од корист за влакното ниту за темето на нашата коса. Меѓутоа понекогаш не е доволно шампонот да не содржи силикони и нафтени деривати, туку од голема важност е истиот да биде и добро формулиран во целост.

За формулациите на шампоните имам детално говорено во статијата на што да внимаваме при изборот на еден добар шампон која ја напишав во соработка со Дама.мк.

Меѓутоа, доколку веќе сте го купиле шампонот и за него сте платиле повеќе пари, секако жалосно е да го фрламе (уште пожалосно е да си предизвикаме чешање), така да ќе го ублажиме на следниов начин:

- за масна коса

во едно празно стаклено или пластично шише (може и од завршен шампон), земете околу 125 мл. производ кое одговара на половина паковање на обичните шампони од 250 мл. Додадете една ипол супена лажица сончогледово или (летно време кога е во течна состојба) кокосово масло, затворете и убаво промешајте. Доколку имате дома додадете и околу 10 капки етерично масло како на пример лимон, чајно дрво или рузмарин. Овие етерични масла се идеални за масна коса.

- за сува коса

во едно празно стаклено или пластично шише (може и од завршен шампон), земете околу 125 мл. производ кое одговара на половина паковање на обичните шампони од 250 мл. Додадете две супени лажици маслиново масло и убаво промешајте. Додадете неколку капки етерично масло од лаванда и сладок портокал (околу 10 вкупно) и повторно убаво промешајте (протресете).

Вака добиениот шампон трае околу 2 до 3 месеци, иако количината која ви ја предложив ќе ја завршите за еден месец. Пред секоја употреба убаво протресете го шишенцето. Се користи на тој начин што мала количина од овој шампон се раствора со малку вода (во една пластична чашка) и се нанесува на многу мокра коса. Се масира темето и се плакне со млака вода.

Гел за туширање


Доколку гелот за туширање е премногу агресивен и ја суши вашата кожа, во тој случај ублажете го на слeдниов начин:

земете околу 125 мл. гел за туширање (половина пакување од 250 мл) и додадете четири лажици било кое масло кое го имате дома: маслиново, бадемово, сончогледово или (летно време кога е во течна состојба) кокосово масло.

При секое туширање земете мала количина од производот и користете го на начинот на кој нормално ги користите овој вид на производи.


Се надевам дека статијава ви беше од корист и дека ќе успеете да го дотрошите производот кој веќе сте го купиле.

Поздрав
Вики




Comments