Огромната козметичка моќ на спирулината


Спирулината претставува микроалга со зеленкасто- сина боја, природно богата со аминокиселини, витамини, протеини и минерали. Позната е од времето на старите Римјани, меѓутоа во последно време станува сѐ попопуларна благодарение на хранливите својства и екстремно корисното дејство врз човековиот организам.

Содржи осум пати повеќе калциум од млекото, три пати повеќе протеини од гравот, тиресет и чертири пати повеќе железо од спанаќот и 20 пати повеќе бета- каротен од морковите.

Составот на спирулината во прав може да го видите од следниов приказ:


Протеините кои се присутни во спирулината се оние со висока биолошка вредност, односно оние кои содржат аминокиселини кои нашиот организам неможе сам да ги произведе и мора да бидат внесени преку храната.

Мастите се оние “добри масти“ кои го снижуваат нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта.

Од витамини присутни се:

витамин Е кој има високо антиоксидантно дејство;

витамини од групата Б ( Б1, Б2, Б3, Б6, Б9, Б12)

витамин Ц кој има високо антиоксидантно дејство и го оддржува активен колагенот во кожата

Од минерали присутни се: железо, содиум, потасиум, јод, калциум, мегнезиум, манган и фосфор.

Исто така содржи и добар процент на бета каротен, зеаксантин и фикоцианин кои имаат огромно антиоксидантно дејство.

Како што веќе прочитавте од насловот во оваа статија ќе се задржиме на корисното својство на спирулината во козметички цели за кожата и косата.

Пред да преминеме на рецептите и ефектите врз кожата и косата, само да напоменам дека во козметички цели спирулината се користи од 1 до 30% од целокупната тежина на финалниот производ. Не претерувајте со количината.

Исто така важно е да напоменам дека спирулината е растворлива само во вода, така да маските (особено оние за коса) мора да содржат и воден дел


СПИРУЛИНА ЗА ПОГОЛЕМ ВОЛУМЕН И СЈАЈ НА КОСАТА


Благодарение на присуството на скоро сите витамини од групата Б, спирулината е одлична за убавината и здравјето на нашата коса особено ако станува збор за слаба и тенка коса без волумен и сјај.

Во продолжение ќе ви дадам еден рецепт за маска за коса кој лично го имам пробано и е фантастичен за сите оние кои имаат тенка коса на која и е потребен волумен и сјај.

За оваа маска потребни ви се:

1 супена лажица масло
1 супена лажица алое вера гел
1 кафена лажичка спирулина
1 кафена лажичка мед

Најнапред помешајте ги спирулината во прав со алое вера гелот, додадете го медот и на крај маслото. Јас користев масло од макадамија кое е одлично за косата, меѓутоа вие може да го користите она масло кое го имате дома како арган, маслиново масло, јојоба, кокосово масло и др. Во зависност од должината и густината на косата зголемете ги количините.


Се нанесува на влажна коса (за да биде полесна апликацијата) и се покрива со една пластична ќеса и пешкир. Се остава да делува најмалку 30 мин. и потоа се измива со шампон и млака вода. На крај миењето завршете го плакнејќи ја косата со ладна вода.

Доколку немате алое вера гел, ставете некој чај на пример камилица доколку сте русокоси или зелен чај доколку сте темнокоси. Иако маската има зелена боја, не ја бои ниту потемнува косата.

Уште по првата употреба, толку многу ќе се воодушевите од волуменот и сјајот на вашата коса  што оваа ќе стане вашата омилена маска за коса.

Спирулината според мене има ефект многу сличен на фитокератинот. Визуелно го здебелува влакното и на допир е подебело. Мој совет ви е откако ќе ја измиете оваа маска со шампон, да нанесете балзам за коса само по должината и врвовите. Еве го ефектот на маската



Откако ја измив маската со спирулина, на косата како и секогаш нанесов комбинација од една кафена лажичка балзам со една кафена лажичка мед. Ова е најдоброто средство кое, доколку имате многу сува коса и врвови, за месец дена неверојатно ќе ја подобри структурата на влакното.

Смесата од мед и балзам се измива само со вода како обичен балзам, по можност ладна, за да се затвори кутикулата на влакното.

Освен toa што дава поголем волумен и сјај, спирулината е спас и за масен корен со оглед на тоа што содржи витамин Б2. По оваа маска, косата ќе ви остане чиста повеќе денови.

СПИРУЛИНА ЗА ПОЗДРАВА И ПОСВЕЖА КОЖА

Спирулината има еден цел спектар на разни дејства врз кожата:

ја зголемува хидратацијата
го помага производството на колаген
ја подобрува еластичноста на кожата
одлична е во случај на акни
има високо антиоксидантно дејство
дава сјај и здрав изглед на кожата
погодна е и за чувствителна кожа


Маска со спирулина за комбинирана до масна кожа



половина кафена лажичка зелена глина
2 кафени лажички сок од краставица
половина кафена лажичка спирулина во прав
половина кафена лажичка мед
2 капки етерично масло од чајно дрво (доколку имате)

Најнапред изрендајте една краставица. Земете го ренданиот дел и од него убаво истиснете ја водата. Земете две лажички сок од краставица и во нив растворете ја убаво спирулината. Додадете го потоа медот, зелената глина и на крај етеричното масло од чајно дрво.

Доколку немате етерично масло не грижете се, маскава е успешна и без него. Етеричното масло од чајно дрво има големо антибактериско дејство и одлично е во случај на црнки и акни на кожата.

Мешајте убаво додека да добиете убава изедначена смеса. Маската нанесете ја на чисто лице и оставете да делува околу 15 минути. По истекот на времето отстранете ја со млака вода. Миењето звршете го со ладна вода, нанесете тоник и крем за лице.

Маска со спирулина за нормална до сува кожа

1 кафена лажичка јогурт или млеко
1 кафена лажичка маслиново масло
половина кафена лажичка мед
половина кафена лажичка нишесте
половина кафена лажичка спирулина во прав


Најнапред растворете ја спирулината во млекото. Потоа додадете го медот и на крај маслото. Доколку имате ставете една капка етерично масло од лаванда.

Добиената смеса ставете ја на убаво исчистено лице и држете ја околу 15 минути.
По истекот на времето отстранете ја со млака вода, миењето звршете го со ладна вода, нанесете тоник и крем за лице.

СПИРУЛИНА КАКО АНТИЦЕЛУЛИТЕН ТРЕТМАН

Благодарение на минералите присутни во неа, спирулината има големо прочистувачко и детокс дејство и одлична е во антицелулитните третмани.

За вас подготвив една навистина интересна антицелулитна маска која прочистува од токсини и помага во исфрлувањето на течноста од организмот.

За нејзината подготовка потребни ви се:

2 супени лажици зелена глина
1 супена лажица какао во прав
мало парче свеж ананас
2 до 3 супени лажици зелен чај
1 кафена лажичка спирулина во прав
5 капки етерично масло (доколку имате)

Во еден блендер најнапред ставете го ананасот и зелениот чај и убаво работете додека не добиете убава смеса. Потоа додадете ја спирулината и убаво промешајте. На крај додадете ги какаото, зелената глина и етеричното масло. По потреба додадете уште зелен чај доколку смесата е премногу густа. Од етерични масла може да користите лимон, рузмарин, лаванда, и сладок портокал. Доколку немате без грижа, маската сепак ќе биде делотворна.


Маската нанесете ја на чиста кожа, завиткајте со пластична фолија за храна и оставете да делува околу половина час.

По истекот на времето измијте ја со млака вода и на крај завршете со малку ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Кожата ќе биде помека и помазна, а со редовна употреба ќе забележите и големо подобрување.


Comments