Направи сам: шампон за суво миење на косата


Гледам дека овој вид на шампони стануваат сѐ попопуларни и доста користени од страна на девојките кои имаат масна коса. Јас лично не сум голем фан на овој вид на производи и никогаш и немам пробано вакво нешто, меѓутоа знам дека во одредени ситуации и тоа како може да биде спас за масната коса.

Токму поради големото барање на пазарот на ваквиот вид на производи почнав да го разгледувам составот на повеќето познати шампони од овој вид и во продолжение ќе ви дадам декларации на неколку, без секако да говорам за која марка станува збор.

Пример бр. 1

BUTANE, PROPANE, ALCOHOL DENAT., ORYZA SATIVA STARCH,  CETRIMONIUM CHLORIDE, PARFUM

Пример бр. 2

BUTANE, ISOBUTANE, PROPANE,ORYZA SATIVA STARCH, ALCOHOL,PARFUM, BUTYLPHENYL METHYLPROPIONAL, LINALOOL, DISTEARYLDIMONIUM CHLORIDE, CETRIMONIUM CHLORIDE

Пример бр.3

BUTANE, PROPANE, ISOBUTANE, ORYZA SATIVA STARCH, ALCOHOL DENAT, ALUMINIUM STARCH OCTENYLSUCCINATE, AVENA SATIVA KERNEL OIL, CYCLODEXTRIN, CYCLOMETHICONE, PARFUM, ISOPROPYL MYRISTATE, SILICA

Пример бр. 4

BUTANE, PROPANE, ISOBUTANE, ORYZA SATIVA STARCH, ALCOHOL 39-C, LUMINIUM STARCH OCTENYLSUCCINATE, URTICA DIOICA EXTRACT,CYCLOMETHICONE , PARFUM, ISOPROPYL MYRISTATE, SILICA

Пример бр. 5

BUTANE, ORYZA SATIVA STARCH, ALCOHOL DENAT., PARFUM, DISTEARYLDIMONIUM CHLORIDE.  

Како што може да забележите од дадените примери, главна и основна состојка во скоро сите шампони е  ORYZA SATIVA STARCH која е всушност нишесте од ориз и заслужна е за ефектот на косата, односно за апсорбирањето на мастите од косата.


Се обидов во домашни услови да експериментирам со нишестето (јас имам пченкарно и со него експериментирав) и во продолжение на оваа статија ќе ви ги изнесам моите импресии со слики пред и по употребата.

Најнапред во едно празно кутивче ставив три супени лажици нишесте и додадов три капки етерично масло и тоа една од чајно дрво и две од лимон. Овие етерични масла се одлични за масна коса а и даваат убав мирис на производот. Убаво промешав со едно дрвено стапче (може и со пластична лажичка), го затворив кутивчето и убаво протресов.

Доколку се сеќавате кога ви говорев за маслата кои ги користиме како третман, постојано ве потсетував да не ги нанесуваме на сува коса туку на благо навлажнета затоа што се врзуваат за природните масти на косата.... епа, во случајов ќе направиме обратно.

Земете мала количина на некое масло (бадемово, маслиново) и нанесете ја на коренот на косата со благи движења. Оставете да делува околу 10 мин. за да му дадете време да се врзе со природните масти во косата.


По истекот на 10-те мин. со помош на една стара четка од шминка или пак со прстите (може и со помош на едно чисто соларниче во кое ќе го ставите производов) нанесете го нишестето врз коренот (онаму каде го ставивте маслото и каде косата ви е масна) и направете со прстите блага масажа. Оставете околу минутка две и потоа со помош на една четка за коса убаво исчешлајте и отстранете го вишокот на нишесте.  На овој начин нишестето го апсорбира маслото кое ги апсорбирало природните масти во косата и резултатот е почиста коса.



Еве ви слики

мојата коса пред третманот


мојата коса со маслиново масло


мојата коса откако нанесов нишесте



Само да напоменам дека косата не е префектно чиста како кога би била доколку ја измиеме со вода и шампон, меѓутоа пристојно изгледа и ќе може да издржиме уште еден ден без да ја измиеме.

За русокосите овој рецепт е погоден, меѓутоа доколку сте црнокоси во тој случај наместо три лажици, ставете две нишесте и една какао во прав. На тој начин нема многу да се забележува нишестето во косата затоа што какаото ќе го ублажи.

Доколку сеуште забележувате нишесте во косата, дувнете ја малку со фен на ладна температура.

Важно е да напоменам дека шампонот за суво миење на косата треба да се користи во одредени ситуации а не постојано, затоа што сепак не станува збор за вистинско миење на косата. Исто така оние кои имаат суво или чувствително теме или страдаат од првут, пожелно е да го избегнуваат со оглед на тоа што нишестето суши (ги апсорбира мастите), и може да ја влоши состојбата.

Дали и вие некогаш сте пробале шампон за суво миење на косата и какво е вашето искуство?

Поздрав
Вики




Comments