Фен со јони vs обичен фен


Оваа статија ја пишувам како резултат на едно скоро искуство со фенот за коса кое, доколку не ми се случеше немаше воопшто да ми текне да напишам вакво нешто. Меѓутоа, за да може убаво да разберете за што станува збор, потребно е да се вратам малку поназад и убаво да ви објаснам сѐ.

Пред околу 6 години добив на подарок фен со јони кој го користам непрестајно цело време откако го добив. Дури и кога одам на патување го носам секогаш со мене затоа што, откако почнав да го користам забележав дека косата ми ја прави прекрасно мека, а има и додаток четка која се прикачува на самиот фен и го олеснува фенирањето.

Пред околу 2 недели косата не ја исушив со мојот фен (ја исушив со друг обичен фен) и забележав огромна разлика. Наместо мазна како и секогаш, косата ми се наелектризира и не можев да ја средам убаво. Дома повторно ја измив и ја исушив со фенот кој го користам и сѐ беше супер.


Направив уште една проба, ја измив косата и ја исушив со друг обичен фен и пак исто: наелектризирана, непослушна и помалку мека од вообичаено.

Почнав да се запрашувам како всушност функционира овој фен со јони и на што се должи овој убав ефект врз косата.

Со оглед на тоа што не сум инжињер и не се разбирам многу во технологија на фенови, направив мало истражување околу функцијата на јоните во фенот и еве што открив.

Фенот со јони не ја суши косата како обичните фенови.

Технологијата јони функционира на тој начин што наместо да ја “издува водата од косата“ ја разложува (трансформира во микромолекули) и истата се задржува подолго во косата со што придонесува за поголема хидратација на влакното. 

Овој тип на фен го елиминира ефектот на сува коса и дава поголем сјај на влакното.

Како што реков не знам како точно функционира технологијата, меѓутоа со оглед што го користам веќе 6 години, може да говорам за ефектот кој го забележав врз мојата коса.


Откако ќе ја исушам косата со фенот со јони забележувам навистина поголем сјај (добро ова се должи и на негата со масла секако) меѓутоа со обичните фенови истиот сјај не се забележува (направив повеќе проби). Косата е подисциплинирана, нема ефект на сува коса и на допир е помека.

Со оглед на тоа што мојот фен има функција и за ладење, ја користам секогаш кога ја сушам косата (одлично суши а не испушта топлина). Во споредба со нормалните фенови, овој и на ниска температура или со опцијата ладен возух, суши многу побрзо. Ова е одлично со оглед на тоа што се заштедува време (особено кај оние девојки кои имаат многу густа коса).

Друго нешто многу важно е што косата воопшто не се електризира. Не знам на кој начин се постигнува овој ефект, меѓутоа се забележува и тоа доста.

Никогаш не би рекла дека фенот може да направи ваква разлика.
Сметам дека фенот не е само инструмент кој испушта топол воздух и ја суши косата, туку многу повеќе. Од голема важност е да се одбере добар и квалитетен фен со оглед на тоа што преголемата топлина видно ја оштетува косата.

Без разлика на видот на фенот (со или без јони), знајте дека останува правилото дека при сушењето на косата (па дури и на најниска температура) фенот треба да се држи што подалеку од косата.

Дали и вие имате искуство со овој вид на фен и какви се вашите импресии?
Каков вид на фен за коса најчесто користите?

Вики

Comments