Стар и функционален кинески метод


Пред извесно време  прочитав за еден стар кинески метод кој одлично помага во случај на бубуљички на лицето, односно оцетот од кромид.

Се решив да го пробам, меѓутоа малку го персонализирав рецептот и освен кромидот додадов и две други состојки, односно свежа мента и рузмарин.



Ајде најнапред да започнеме од подготовката

Во една стаклена тегличка се става еден сецкан кромид, едно гранче свеж рузмарин и едно гранче свежа мента. Се полни тегличката со јаболков оцет (убаво до горе) за билките и кромидот комплетно да бидат покриени (притиснете ги со лажичка кон дното).


Тегличката се става на темно и суво место (на пример креденец во кујната) и се остава да отстои најмалку 20 дена. Во текот на тие денови од време на време протресете ја тегличката.

Јас лично ја оставив 30 дена после кои ја прецедив течноста и ја ставив во едно мало рециклирано темно шишенце од вино.


Зошто се одлучив токму за овие состојки?

Едноставно, освен кромидот (кој постои во оригиналниот рецепт) се одлучив за рузмарин затоа што според мене е универзална билка која одлично помага не само при проблематична и масна кожа, туку и кај косата. Без разлика на тоа дали имате сува или масна коса, рузмаринот ја подобрува циркулацијата и дава поголем сјај на влакното.

Ментата исто така е одлична за кожата и косата.


Откако го направив производов, го пробав на повеќе начини за кои ќе прочитате во продолжение на овој текст.


Третман за бубуљички на лицето

Доколку на лицето имате по некоја бубуљичка (за време на циклусот или во период на стрес), сѐ што треба да направите е да земете една чепкалка за уши (онаа со памукче) и да ја натопите со овој оцет. Внимателно допрете ја само онаму каде имате бубуљичка и оставете да делува. Најдобро е ова да го направите навечер пред спиење и да оставите да делува преку ноќ.

Тоник за лице за масна кожа


Доколку вашиот проблем е комбинирана или масна кожа со црнки, во тој случај возможно е да направиме еден тоник за лице кој се користи откако ќе ја отстраните шминката од лицето и ќе го измиете со убав и нежен гел.

Земете едно шишенце од 100 мл. и наполнете го со деминерализирана вода до половина. Додадете половина кафена лажичка растителен глицерин (во аптека) и половина кафена лажичка од овој оцет. Убаво промешајте.

Користете го на тој начин што мала количина од овој тоник ќе испрскате на едно памукче и со него нежно ќе го исчистите лицето.

Ви препорачувам да го чувате во фрижидер и да го завршите во рок од три недели (доколку во меѓувреме смени боја или мирис фрлете го и направете нов).

Убаво протресете го шишенцето пред секоја употреба.

Масажа со оцет за подобар и поздрав раст на косата


Со оглед на тоа што кромидот, рузмаринот и нането се фантастични за подобрувањето на циркулацијата на косата, се обидов максимално да ги искористам нивните својства правејќи масажа која го подобрува растот на косата со оглед на тоа што ја стимулира циркулацијата на темето.

Ова не значи дека косата ќе ви се згусне веднаш, меѓутоа ќе расте поздрава и со подобар квалитет.

Се користи на тој начин што во една чаша вода се додава една третина оцет и две третини вода. Се нанесува на косата, се масира кратко и се остава да делува околу 10 минути. Потоа се измива со добар и благ шампон.

На овој начин освен тоа што ќе ја стимулирате циркулацијата, ќе го намалите и првутот, особено ако станува збор за масен првут.

Доволно е да го правите ова на секои две недели (не претерувајте со честа употреба).

Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе го пробате.

Поздрав и до скоро читање.

Comments