Разубавете ги вашите тераси и балкони на многу економичен начин


Знам дека повеќето од вас се љубители на цвеќе и на сопствените тераси веќе имаат своја мала цветна градина. Честопати освен цвеќето, на терасите ставаме мали украси како свеќи, интересни вазнички и други оригинални украси, со цел истата да изгледа повесело и да на некој начин ја одразува нашата личност.

Во денешнава статија би сакала да ви дадам мали идеи како да ја разубавите терасата без да потрошите многу пари, претежно користејќи ги оние работи кои веќе ги имате во своите домови.

Свеќници од чашки за ракија


Овој вид на свеќници се навистина едноставни за подготовка а премногу убави и ефектни особено кога ќе се запалат свеќичките во нив. Сѐ што ви е потребно да ги направите се мали чашички за ракија кои веќе не ги користите и лак за нокти.

Најнапред со селотејп залепете одереден дел од чашката (онаму каде сакате да остане проѕирна) во форма која вам ви се допаѓа. Потоа со лак за нокти по ваш избор премачкајте го делот каде нема селотејп и оставете да се исуши. Откако лакот ќе се исуши одлепете го селотејпот и вашите оригинални свеќници се готови.


Обвиткување на саксии со материјал


Доколку вашите саксии со цвеќе се обични, може да ги разубавите користејќи било каков материјал кој имате дома на располагање. Може тоа да биде чипка, чоја, завеса која веќе не ја користите или нешто друго по ваш избор.


Овој материјал може да го обвиткате директно врз саксиите или пак да ги измерите димензиите и да сошиете обвивка. Истото може да го направите и со празни тегли кои во случајов ќе служат како свеќници. Материјалот со бела чипка и сина машна кој го гледате на сликата не го направив јас, иако имам правено слични вакви претходно. Овој лично ми го подарија.

Го исеков материјалот на поголеми и помали делови и со нив обвиткав две мали саксии и една стаклена тегла која служи како свеќник.


 Со златестиот материјал кој ми остана од едно миле, направив обвитка за една бела обична саскија. На овој начин саксијата изгледа многу интересно и убаво.


Исто така имав нарасполагање и материјал кој е како вреќа и со него обвиткав една мала саксија со кактус и ставив врвца која ја превиткав во машна.


Оригинални цветни аранжмани

Доколку имате сопствена градина со цвеќе или пак редовно го купувате за да го разубавите домот, наместо само да го ставите во вазна, може да го искомбинирате на друг начин.

Во еден поголем стаклен сад, најнапред ставете камчиња кои може да бидат проѕирни или во боја (доколку одите на одмор соберете камчиња од плажата или морето), или пак доколку имате џамлии дома може и нив да ги искористите.

Наполнете го садот со вода и во него ставете еден или повеќе цветови по ваш избор. Скратете ја прво дршката за да ги собере во садот.
Навистина изгледа многу елегантно и убаво.



Украси кои веќе ги имате дома

Доколку по дома имате украси кои не знаете каде да ги ставите, вашата тераса е идеално место за тоа. Јас имав еден држач за свеќи кој се скрши и останаа само свеќиците. Се одлучив да ги закачам на терасата кај мене за да биде поубава и повесела.



Доколку имате вештачко цвеќе кое не знаете каде да го ставите, искористете го повторно за да ја разубавите терасата. Јас имав празна бамбусова саксија во која го ставив вештачкото цвеќе (претходно го исеков со ножици за да биде пократко).


Се надевам дека овие предлози ви се допаднаа.
Како вие најчесто ги разубавувате вашите тераси???
Споделете некоја ваша оригинална идеја.


Поздрав
Вики

Comments