Природни состојки за нега и сјај на темната коса


После многубројните статии за руса коса, редно е да направам и една за темнокосите :)

Темната коса има потреба од особена нега со внимателно одбрани состојки со цел да го задржи сјајот и убавината. За среќа, природата ни дава голем број на состојки кои одлично помагаат во ова, и не само што даваат поголем сјај туку исто така ја оддржуваат темната боја и ја прават поинтензивна. Некои од состојките одлично покриваат и бели влакна (не веднаш секако со неколку употреби), така да претставуваат валидна алтернатива на црната к'на.

Ајде да видиме кои состојки се најдобри за нега на темната коса и како да го извлечеме максимумот од нив.


1. КАФЕ


Многумина од нас денот го започнуваат со една шоља топло и јако кафе, или пак го конзумираат за време на паузата во канцеларија. Кафето во секој случај е напиток кој е најчесто дел од нашиот доручек или моменти на релакс. Меѓутоа кафето освен што може да го пиеме, може и да го нанесеме на косата со цел да ја направиме темната коса поинтензивна и да го зголемиме сјајот.

Кафето освен тоа што постепено ја затемнува косата, исто така го помага производството на кератин и го намалува опаѓањето на косата, благодарејќи на неговото стимулирачко дејство.


Маска со кафе за поинтензивна боја на косата

Оваа маска е навистина фантастична за косата и со редовна употреба постепено ја затемнува бојата. Доколку вашата коса е природно црна, оваа маска е одлична за оддржување на бојата и дава поголем сјај на влакното. Сѐ што ви е потребно за да а направите е:

- една кафена лажичка талог од кафе;
- половина кафена лажичка јаболков оцет;
- една кафена лажичка мед;
- жолчка од едно јајце

Најнапред направете едно многу јако кафе (дупла доза од она што нормално го пиете). Земете го талогот и помешајте го со останатите состојки. Доколку смесата е многу густа додадете малку од течноста на кафето.

Нанесете ја маската на благо навлажнета коса и оставете да делува од 30 мин. до час време. Потоа измијте ја косата со убав шампон. Доколку вашата коса е многу долга и густа зголемете ги дозите.

2. ИСПЛАКНУВАЊЕ НА КОСАТА СО ЧАЈ


Одредени видови на чаеви се одлични за црната коса со оглед на тоа што ја живнуваат бојата, постепено затемнуваат и даваат огромен сјај на влакното.

Тука спаѓаат:

- црн чај
- зелен чај
- жалфија
- коприва

Сѐ што треба да направите е да ставите две кесички чај по ваш избор во една шоља за чај зовриена вода и да ги чувате сѐ додека течноста да се олади. Доколку сакате, додадете една кафена лажичка јаболков оцет за поголем сјај. Со оваа течност плакнете ја косата по секое миење.

3. ТРЕТМАН СО ОРЕВ 

Оревот е еден од најдобрите јаткасти плодови за косата без разлика на тоа дали го конзумирате внатрешно или да го користите надворешно. Идеално би било комбинација од двете со оглед на тоа што доколку е внесен по внатрешен пат, оревот го подобрува квалитетот на косата, благодарение на големиот број на минерали како фосфор, потасиум, магнезиум, калциум, железо и витамини како Б1, Б2, Б6 и Е.

Надворешно, оревот е една од најдобрите состојки за потемнување на косата. Може да ги користите лушпите или плодовите.

Земете неколку лушпи од орев и убво згмечете ги (што поситно тоа подобро). Ставете ги во врела вода сѐ додека течноста да се олади. Нанесете ја смесата на косата внимателно носејќи ракавици за една употреба затоа што оревот навистина многу бои. Покријте ја со ќеса и ставете врз неа некој постар пешкир. Оставете да делува околу 1 час и измијте убаво со благ шампон.


Доколку сакате може да користите и јатка од орев која претходно ситно ќе ја исецкате варите околу 5 до 10 мин. во една шоља вода покриена со капак. По истекот на времето исклучете и оставите да се олади. Прецедете ја течноста и нанесете ја врз косата околу саат време покриена со ќеса. Убаво измијте со благ шампон.

Овие третмани нема секако да дадат драстични резултати на потемнување на косата уште веднаш, меѓутоа со редовна употреба ќе се воодушевите од резултатите и сјајот на вашата коса.

Се надевам дека овие рецепти ви се допаднаа.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments