Маска за опоравување на косата по летните одмори


Здраво драги мои

многумина од нас веќе беа на летен одмор и прекрасно си поминаа со најблиските на одредената дестинација.

Се вратија со прекрасен тен, многу слики, фантастични спомени...и неколкумина и со малку посува и дехидрирана коса.

Доколку тоа е случај и со вас продолжете да ја читате оваа статија затоа што ќе ви предложам една природна маска која, веќе по неколку употреби, дава фантастични резултати кај оштетената коса по летните одмори.

Многу е лесна за подготовка, а поголемиот број на состојките веќе ги имате во вашите кујни.

Ќе ви дадам две варијанти: обична и веган, каде ќе претставам алтернатива за состојките кои се од животинско потекло.

Ајде да започнеме со подготовката.

1. Маска бр. 1


- жолчка од едно јајце;
- една супена лажица мед;
- една супена лажица маслиново масло (или друго по ваш избор);
- една супена лажица јогурт (може и кисело млеко)
- две кафени лажички растителен глицерин

Во едно пластично, стаклено или порцеланско тањирче помешајте ги сите состојки и смесата нанесете ја на благо навлажнета коса. Нанесувањето правете го во бањата над лавабото или кадата затоа што маскава е доста течна како структура.

Откако ќе ја нанесете ставете обична пластична ќеса и врз неа пешкир и држете ја така најмалку половина час (најдолго колку што можете и имате време).

По истекот на времето измијте ја косата со убав и квалитетен шампон и сушете ја како што обично правите.


Верувајте ми, веќе по три употреби ќе забележите видно подобрување кај вашата коса.

Ви советувам овој период да избегнувате преса или фигаро и доколку сте во можност косата да ја сушите природно или на опција ладен воздух од фенот.

Зошто токму овие состојки:

- Жолчката од јајце е богата со протеини, витамини и масти. Содржи 50% вода, 17% протеини и 30% масти. Жолчката од јајце е во можност длабоко да ја регенерира косата и да направи истата да изгледа поздраво и со повеќе волумен.

-  Медот е одлична состојка кога станува збор за здравјето и убавината на косата. Со редовна употреба го прави влакното повитално и ја спречува појавата на расцветани врвови. Одлично ја омекнува косата и го зголемува нејзиниот сјај.

- Јогуртот го користиме поради киселкастата ph вредност која и те како и одговара на нашата коса. Го зголемува сјајот на влакното а со самото тоа и убавината на нашата коса.

- Растителниот глицерин може да го најдете во скоро сите аптеки. Ја задржува влагата во косата и ја омекнува самата коса.

- Маслиновото масло е едно од најдобрите масла за нега на косата затоа што е богато со витамините Е и А. Лесно може да се најде во сите супермаркети. Доколку немате дома маслиново масло може да употребите кокосово, бадемово или она масло кое го имате дома.


2. Веган варијанта

- една супена лажица маслиново масло (или друго по ваш избор);
- една супена лажица растително млеко (соја, бадем, ориз);
- една супена лажица малтекс или маџун;
- половина кафена лажичка соја лецитин;
- две кафени лажички растителен глицерин


Најнапред во млекото ставете го соја лецитинот и почекајте најмалку два часа додека комплетно да се растопи. Потоа додадете ги останатите состојки и смесата нанесете ја на благо навлажнета коса.

Откако ќе ја нанесете ставете обична пластична ќеса и врз неа пешкир и држете ја така најмалку половина час (најдолго колку што можете и имате време).

По истекот на времето измијте ја косата со убав и квалитетен шампон и сушете ја како што обично правите.


Во оваа варијанта состојките од животинско потекло ги заменивме со оние од растително.

- Малтексот го користиме како замена за медот кој исто така ја омекнува косата.

- Растителното млеко го додадовме наместо јогуртот. Во случајов не е баш комплетна замена со оглед на тоа што јогуртот има киселкаста ph вредност, меѓутоа од друга страна растителните млека како оризово или бадемово одлично ја хранат косата.

- Соја лецитинот може да го најдете во сите продавници за здрава храна и овде го ставивме како замена на жолчката од јајцето. Долго време се мислев што да ви предложам како замена за жолчката и еве соја лецитинот е фантастична замена.

Единствено нешто што треба да запомните е да не се користи лецитинот во голема количина затоа што потешко се отстранува од косата и ќе имате ефект на масна коса.

Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ги задоволив сите читателки па и оние кои се веган.

Доколку сеуште не сте биле на одмор во тој случај прочитајте ја статијата како да ја заштитиме косата за време на летните одмори

Поздрав
Вики

Comments