6 совети како да го задржите бронзениот тен подолго


Здраво драги мои,

оваа статија е за сите вас кои се вративте од летните одмори сo прекрасен чоколаден тен и се прашувате на кој начин да го задржите што подолго.

Верувајте, со овие неколку корисни совети не само што ќе го задржите подолго прекрасниот летен тен, туку истовремено ќе го подобрите здравјето и убавината на вашата кожа.

Совет бр. 1 Хидратација на кожата

Од огромна важност за убава кожа и секако подолго оддржан бронзен тен е правилната хидратација на кожата како внатрешно така и надворешно.

Важно е да се пие многу вода со оглед на тоа што ја оддржува правилната хидратација внатрешно и го спречува сушењето на кожата.

Под дејство на сончевите зраци за време на сончањето, кожата сепак малку се суши и затоа важно е да ја хидрираме пред сѐ од внатре и да го спречиме додатното сушење. Пијте најмалку литар ипол дневно.

Освен внатрешната хидратација, потребно е кожата да ја хидрираме и надворешно со помош на убави високо хидратантни креми без силикони.

Совет бр. 2 Исхрана


Од голема помош во продолжувањето на бронзениот тен е и конзумирањето на голема количина овошје и зеленчук особрно оние со портокалова боја. Тука спаѓаат: морков, диња, кајсии, праски, тиква и.т.н. Сите овие содржат бетакаротен кој делува како аниоксиданс и ја оддржува убавата потемнета боја на кожата.

Исто така од огромна важност е и конзумирањето на црвено овошје како на пример малини кои се богати со витамините А и Ц и претставуваат одлични антиоксиданси.

Совет бр. 3 Туширање наместо топла бања

Многумина сметаат дека честото миење придонесува да го загубите побрзо бронзениот тен, меѓутоа ова мислење не е сосема точно.

Мој совет ви е да преферирате туширања со млака вода наместо топли бањи, и секогаш да користите нежни производи за миење на кожата.

Овде се подразбира нежни гелови за миење на база на глукозиди или добро избалансирани формули, со оглед на тоа што премногу агресивните гелови се непријатели не само на убавата кожа туку и на бронзениот тен.

Совет бр. 4 Тапкајте ја кожата со пешкир

Откако ќе се истуширате, не ја тријте кожата со пешкир туку благо тапкајте ја. На тој начин го апсорбирате вишокот на вода од кожата без да правите механички пилинг на истата.

 Совет бр. 5 Природни состојки за продолжување на бронзениот тен


Како нега на кожата по секое туширање може да нанесете масло од морков кое одлично ја негува кожата и го продолжува убавиот бронзен тен. Може да купите веќе готово масло од морков, во сите продавници за здрава храна, или сами да го направите дома.

Детален рецепт со слики ќе ви дадам во една од наредните статии.

Алое вера гелот е исто така една од најдобрите состојки за вашата кожа, со оглед на тоа што длабоко ја хидрира и ја задржува потемнетата боја.

Шеа путерот има одличн дејство во продолжувањето на бронзениот тен со оглед на тоа што длабоко ја храни кожата и ја оддржува еластична.

Совет бр. 6  Производи кои го истакнуваат бронзениот тен на кожата

Добар начин да го оддржите тенот што подолго е да користите и производи кои помагаат во истакнувањето и оддржувањето на бронениот тен како гелови и масла со светки. Внимавајте на состојките кои ги содржат овие производи и избегнувајте да користите производи со силикони и нафтени деривати.

Во една од наредните статии ќе говорам и за овој вид на производи.

Ова беа моите 6 совети за продолжување на прекрасниот летен тен кој на сите премногу ни се допаѓа.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Како вие најчесто го оддржувате тенот по враќањето од летните одмори?

Вашите коментари се добредојдени под текстот.

Comments