Стоп на расцветани врвови на косата


Здраво драги мои,

како што можевте да прочитате од самиот наслов денес ќе ви предложам рецепт за еден домашен производ кој може да го употребувате како заштита од расцветување на врвовите на косата.

Ова секако не значи дека доколку врвовите ви се расцветани овој производ ќе направи да исчезнат, туку значи дека со редовна употреба ја спречува појавата на расцветани врвови и ја оддржува убавината на косата.

Може да се користи на сува коса како стајлинг или на мокра коса пред сушењето.
Знам дека сте нетрпеливи да започнеме со подготовката, па затоа да не должиме.

Сѐ што ви е потребно за подготовката на овој производ е:

2 кафени лажички кокосово масло
1 кафена лажичка арганово масло (или јојоба)
половина кафена лажичка маслиново масло
1 ипол кафена лажичка шеа путер или 1 кафена лажичка какао путер
1 полна кафена лажичка пчелин восок
етерични масла по избор (лимон, лаванда)

Во еден сад ставете ги сите состојки и стопете ги на пареа. Откако ќе ја тргнете смесата од водената пареа оставете малку да се разлади па додадете ги етеричните масла (доволни се 4 капки).

Убаво промешајте и префрлете ја смесата во едно празно кутивче. Може да користите и некое рециклирано од веќе завршен козметички производ.

Оставете да се зацврсне и вашиот производ е готов.


Кокосовото масло во овој производ е обавезно, меѓутоа доколку немате арганово или масло од јојоба, ставете само кокосово. Маслиновото масло е одлично за косата и исто така е неизбежно во овој производ. Меѓутоа доколку го немате ставете бадемово.

Шеа путерот е прекрасен за нега на косата, меѓутоа доколку го немате може да користите и какао путер. Во случај да користите какао путер ставете една рамна кафена лажичка пчелин восок а не полна, за да добиете убава структура.

Овој произвид како што веќе ви напоменав се нанесува на два начина и тоа:

на влажна коса по миењето (пред да ја исушите);
или на веќе сува коса сосема мала количина само на врвчињата како стајлинг.

Со редовна употреба ќе забележите дека вашата коса е поздрава и поубава. Овој домашен производ претставува и одлична замена на силиконските капки кои може да ги најдете во продажба.


Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој домашен производ.

Доколку тоа е така, пишете ги вашите импресии под самиот текст.

Поздрав
Вики



Comments