Нови 6 производи под 500 денари кои навистина функционираат


Здраво драги мои,

еве ме во овомесечното издание на вашата најомилена статија за економични и функционални козметички производи кои сама ги купувам и пробувам за вас.

Навистина во денешно време бомбардирани од милион реклами за производи кои сидржат силикони, минерални масла, нафтени деривати и што сѐ не, тешко е да се најде некој пристоен и соодветен производ кој сепак ќе дава убаво дејство врз кожата или косата, а притоа да има и пристапна цена.

Затоа јас за вас пробувам разни производи, и она што мене лично ми се допаѓа ви го рецензирам овде. Не правам реклама на ниедна компанија со оглед на тоа што како што веќе напоменав сама си ги купувам производите, и верувајте имам купено уште повеќе од ова што денес ќе ви го претставам, меѓутоа неколку од нив не ми се допаѓаат или не сум задоволна од резултатот, и затоа не ги предлагам овде.

Знам дека сте нетрпеливи па затоа да започнеме.

1. Светкав (шимер) балзам за уста на Alverde


Овој балзам за уста го видов случајно и го земав на попуст 50 денари. Имам навистина многу балзами кои ги купив во последно време за да ги пробам, меѓутоа овој ме привлече затоа што на него пишуваше дека е шимер (односно светкав) и многу благо ја бои усната во розево.

Со оглед на тоа што е лимитед едишн веднаш го земав да не ми исчезне од продавниците.

Најнапред да напоменам дека балзамов има неверојатен мирис, ти доаѓа да го изедеш. Нешто помеѓу вишна или малина, навистина преубаво.

Има убава структура, во смисла на декларација и она што ми се допаѓа е што навистина дава природен благ розевкасто светкав изглед на усните (идеален за преку ден), а истовремено навистина негува благодарение на високо хранливите состојки употребени во него.

Јас сум презадоволна затоа што одлично ја навлажнува и храни устата во текот на денот, а навистина изгледа и секси, како да сте ставиле сјајче (иако не е воопшто нападно туку нежно  и благо светкаво).

2. Гел за туширање со мед од Yves Rocher


Иако Yves Rocher не е органска марка и сите производи не се комплетно природни, сепак се наоѓа по некој производ кој е добро формулиран, со убава декларација или пак дел од нив органски или биоразградливи. Таков е случајот со овој гел од мед од линијата BIO.

Имаше 4 различни видови на гел и најискрено се мислев помеѓу овој и оној  со масло од арган и алое вера гел, меѓутоа сепак се одлучив за овој со оглед на тоа што има висок процент на шеќери кои знаеме одлично ја омекнуваат кожата и го прават самиот производ поделикатен.

Без разлика на тоа што содржи амониум лаурил сулфат кој се смета за доста агресивен, во оваа формула одлично е избалансиран со останатите состојки кои максимално ја ублажуваат неговата голема измивачка моќ.

Има преубав мирис на мед и 99% од состојките се од природно потекло.

Како што ви напоменав одредени производи од оваа марка содржат силикони и нафтени деривати, секогаш гледајте ја декларацијата пред да купите нешто.

Цената на овој гел е 199 денари.

3. Маска за нормална до комбинирана кожа на Alverde


Маскава ја купив случајно затоа што земав други производи на  Alverde и ја видов на полицата за козметика за лице. Ми се допадна затоа што е микс на состојки кои хранат како масла и путери, со состојки кои имаат благо астрингентно дејство како цитрусна вода, вода од јаболко и разни убави екстракти. Содржи и глицерин кој ја омекнува кожата. Според мене навистина одлично е формулирана и одговара за нормална до комбинирана кожа.

Од истава марка ја земав и оваа маска од роза која е наменета за сува кожа и без разлика на тоа што немам сува кожа сакав да ја пробам. Мора да кажам дека е фантастична и дека ја препорачувам на сите оние кои имаат сува кожа и на кои им е потребна маска која ќе им ја нахрани и омекне кожата на лицето, особено во овие денови кога станува се поладно и кога студот има големо влијание врз нашата кожа.

Маскиве на попуст ги платив околу 45 или 49 денари.

4. Етерично масло од пачули на La Soy


Ова етерично масло е со долна нота што значи дека се користи како база при производство на парфем или крем, со оглед на тоа што етеричните масла со долна нота најдолго траат, последни испаруваат и со себе ги врзуваат етеричните масла со срцева и горна нота и прават нивниот мирис подолго да трае.

Како и сите етерични масла со долна нота, ова масло има многу интензивен и силен мирис (на почеток малку непријатен, меѓутоа во комбинација со друго етерично масло е одличен), и во ароматерапијата се користи на повеќе начини за повеќе цели.

Доколку го користите како масло за освежување на просторија, ова масло ја подобрува самодовербата и претставува природен метод за смирување и го подобрува расположението.

Во козметички цели (додадено во креми, серуми или масло) ова етерично масло најчесто се користи за подобрување на тонусот и еластичноста на кожата, има ревитализирачко дејство и особено е од корист кај повозрасната кожа, со оглед на тоа што ја спречува појавата на брчки.

Ова е едно од ретките етерични масла кое е одлично како превенција против стрии доколку се помеша со било кое базно масло како бадемово, маслиново, сончогледово и.т.н. и редовно се користи како масло за масажа на оние делови каде сакаме да ја спречиме појавата на стрии.

Цената е 350 денари.

5. Балзам за уста со калинка од Sante


Овој балзам исто така го најдов на попуст во Сити Мол и се решив да го пробам.

Има многу убав мирис и убава структура. Ми се допаѓа составот на самиот производ и декларацијата кои се беспрекорни, меѓутоа и ефектот кој го дава врз усните. Содржи екстракт од калинка и прекрасни масла и путери кои ја омекнуваат кожата.

Најчесто го користам под кармин затоа што навистина ја омекнува устата, или пак во текот на денот кога веќе сум го изела карминот :) и го ставам како заштита.

Инаку да напоменам дека овој балзам има мат ефект во смисла само негува а не свети и не дава никаков сјаен изглед на усните, така да е погоден и за машките кои сакаат да ги заштитат усните од претстојното ладно време (сите знаеме каква е зимата во Македонија).

Како што веќе напоменав јас го земав на попуст 90 денари, а основната цена е 180 денари.

6. Балзам за фарбана/шатирана коса со калинка и акаи бобинки Alverde


Овој балзам го земав затоа што прво ми изгледаше преубаво, а потоа секако премногу ми се допадна декларацијата и состојките кои се употребени во него.

Содржи органски екстракт од акаи бобинки и калинка, потоа инулин кој е прекрасен за косата и протеини од пченица кои се од основна важност за убава и здрава коса.

Го пробав веќе трипати и ефектот кај мене е навистина фантастичен (ова е секако мое лично искуство). Ми ја прави косата помека, полесна за расчешлување и дава неверојатен сјај на влакното.

Формулата на овој производ е така убаво направена што според мене не само што интензивно ја храни и негува косата, туку и ја заштитува бојата без разлика дали станува збор за фарба, к'на или шатирана коса.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека доколку пробате некој од производиве кои ви ги предложив ќе пишете ваш коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики 

Comments