Природна депилација со лимон и шеќер за перфектно мазни нозе

Здраво драги мои,

во изминатиов период добив навистина многу прашања за шеќерната депилација како природна замена на парафинскиот восок кој најчесто се користи за оваа цел, што се одлучив не само да напишам нешто околу тоа, туку и да ви дадам рецепт како најдобро сами да ја направите дома.

Шеќерната депилација е навистина стар метод на депилација за чија подготовка потребни се само две состојки и тоа шеќер и лимон. Претставува природна и економична варијанта на класичната депилација со восок која не само што ќе ги направи мазни вашите нозе, туку и истовремено ја негува кожата со оглед на тоа што шеќерот претставува одлична состојка за омекнување и нега на самата кожа.

Одлично ги отстранува и најмалите влакненца и истoвремено ги отстранува мртвите клетки од кожата. Лесно се отстранува со вода, со оглед на тоа што станува збор за шеќер, така да по депилацијата го немате она лепливо чувство како кај класичната каде е потребно масла и пудра за да се отстрани.

Ајде најнапред да започнеме со подготовката на смесата, па потоа ќе ви кажам на кој сѐ начин може да ја користите.


Постојат повеќе методи и начини за подготовка на оваа шеќерна паста, и јас лично имам пробано неколку различни. Она што мене најдобро ми одговара е следново:

18 супени лажици шеќер
сок од три лимони

Оваа доза е секако повеќе од она што ви е потребно, меѓутоа убавото е во тоа што може да ја направите повеќе одеднаш и да ја загревате секојпат кога ќе ви биде потребна.

Најнапред со помош на една цедилка исцедете го лимонот и прецедете го во едно тенџере за да избегнете да навлезат евентуалните парченца лимон или семки.

Додадете го шеќерот и убаво промешајте. Вклучете ја ринглата на ниска температура и откако смесата ќе почне да врие варете точно 11 минути со постојано мешање. Имам пробано и со помалку и со повеќе време, меѓутоа доколку го вариме помалку не се добива онаа убава смеса за депилација а со повеќе смесата не е иста, така да 11 мин. од мое искуство се идеални.

Многу е важно да се вари на ниска температура. Со текот на времето шеќерот ќе добива боја (накај кафенка) таќа да кога ќе добие убава бакарно кафенкаста боја готов е за употреба.

Еве ви приказ на процедурата


Префрлете ја смесата во една тегла и оставете комплетно да се излади. Откако ќе се излади смесата ќе биде премногу тврда. Јас секогаш ја правам оваа смеса ден претходно а ја користам ден потоа, затоа што подобри резултати ми дала кога повторно ќе ја загреам.

На сликата ја ставив смесата (дел од неа) во мала тегличка за да биде поелегантна сликата на блогот. Инаку се добива многу повеќе од ова што го гледате.

Наредниот ден загрејте вода, ставете ја теглата со шеќерната смеса да се растопи и подгответе се за употреба на истата.

Нанесете смесата со помош на еден тап нож (како овој на сликата) или една шпатула за депилација (доколку ја имате) директно на оној дела каде сакате да го депилирате. Внимавајте само смесата да не биде премногу жешка за да не се изгорете. Пробајте ја секогаш со прстот пред да ја нанесете.


Врз смесата ставете едно парче материјал исечено како лента. Материјалот може да биде памучна маица, стари фармерки или стара постелнина која веќе не ја употребувате. Убаво притиснете ја лентата врз шеќерната смеса и повлечете во правец спротивно од растењето на влакната.

По потерба повторете ја депилацијата на истото место. Една иста лента може да ја користите повеќепати.



Кои се предностите на овој вид на депилација?

1. Најнапред е доста хигиенска со оглед на тоа што ја користите само еднаш и потоа правите нова. Лимонот има антибакретиско и антисептичко дејство.

2. Овој вид на депилација е доста економична со оглед на тоа што потребни се само шеќер и лимон кои може да ги најдете во сите супермаркети. Со кило шеќер ќе се издепилирате навистина многупати (во зависност од густината на влакното).



3. Овој вид на депилација е навистина многу еколошка со оглед на тоа што е составена од природни состојки кои може и да се конзумираат и лесно се разградуваат во природата, за разлика од парафинскиот восок кој не е биоразградлив. Оваа природна варијанта може да кажеме и дека е пријател на нашата околина.

4. Шеќерната депилација ја измазнува кожата и ја прави како свила. Благодарение на моќта на шеќерот, кожата ќе биде убава и мека. иритациите ќе бидат намалени, а и појавата на поткожни влакна се намалува.

5. Овој вид на депилација помалку боли од класичната. Ова секако е и индивидуално, меѓутоа поголем број на девојки кои се префрлиле на овој вид на депилација сфатиле дека е помалку болна од класичната. Јас веќе долго време ја користам оваа депилација во комбинација со машинка за депилирање која одлично ми одговара со оглед на тоа што имам малку влакна кои се тенки.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист.

Дали и вие ја користите шеќерната депилација и колку сте задоволни од истата?

Доколку се обидете да ја направите според овој рецепт пишете како ви се допаднала.

Поздрав
Вики


Comments