Хранлива маска за рамна и мазна коса сѐ до врвовите


Сите посакуваме прекрасно мазна и рамна коса без пегла чија преголема топлина има тенденција да ја оштети и исуши косата.

Затоа во денешнава статија ќе направиме еден третман кој ќе ја подготви косата за полесно исправување само со фен и четка. Верувајте ми резултатот ќе ве остави без зборови.

За оваа маска потребни ви се следниве состојки:

- 2 супени лажици пантенол раствор;
- 1 супена лажица какао путер;
- 1 кафена лажичка растителен глицерин;
- 1 кафена лажичка кокосово масло (или некое друго по ваш избор);
- 1 кафена лажичка мед;


Најнапред на пареа стопете го какао путерот и во топлата смеса додадете го маслото.
На друга страна помешајте ги медот, пантенол растворот и глицеринот.

Полека помешајте ги двете смеси заедно и рамномерно нанесете ги на косата по целата должина, особено на краевите.

Покријте ја со ќеса и пешкир, загрејте минута две со фен и оставете да делува околу саат време (или преку ноќ).

По истекот на времето убаво измијте ја косата со благ шампон и завиткајте ја во пешкир.

Држете го пешкирот барем 10 минути за да го собере вишокот на вода, а сепак да не ја извлече целата влага од косата.

Потоа ставете го вашиот производ за стајлинг (пена, масло, крем и др., секако што поприродно може без силикони и нафтени деривати) и сушете ја најнапред косата со прстите и фен. Откако ќе биде сува околу 80%, почнете да ја сушите косата обликувајќи ја со соодветна четка за вашата должина и густина на косата.

Оваа маска толку ќе ја омекне и измазни вашата коса, што верувајте ми, фенирањето ќе ви биде песна. Ќе оди толку глатко и косата ќе ви биде прекрасно свиленкаста и сјајна.


Доколку немате некои од состојките може слободно да направите модификација.

Наместо пантенол раствор ставете алое вера гел, или доколку немате глицерин изоставете го од рецептот.

Можете да ја направите и само со какао путер, кокосово масло и мед затоа што маската повторно ќе има прекрасен ефект врз косата. Во овој случај нанесете ја маската на благо навлажнета коса.


Доколку се решите да ја пробате оставете ваш коментар под текстот за ефектот врз вашата коса.

Поздрав
Вики

Comments