Збогум на расцветани врвови со маслото од ленено семе


Со почетокот на зимскиот период кога температурите сѐ повеќе опаѓаат, под дејство на студот, ветерот и дождот, нашата коса го губи сјајот и виталноста и станува сѐ послаба и покршлива.

Тука на помош доаѓа маслото од ленено семе кое претставува едно од надобрите природни средства за здрава и убава коса, со оглед на тоа што одлично ја храни косата и ја спречува појавата на расцветаните врвови. Ова негово дејство се должи на поголемото присуство на линолеинската киселина која ја помага хидратацијата на косата и го спречува губењето на влагата од истата, како и на алфа линолеинската киселина која ја зголемува еластичноста и отпорноста на косата.

Овие две масни киселини се есенцијални и од огромна важност, со оглед на тоа што нашиот организам не е во состојба да ги произведе.

1. Како правилно да го избереме маслото?

 Маслото од ленено семе може да го најдете во скоро сите продавници кои се специјализирани за здрава храна и во одредени поголеми супермаркети. Доколку е возможно, најдобро е да го бирате она масло кое доаѓа во темно шише со оглед на тоа што темното стакло подобро го заштитува самото масло.

На самата етикета на производот треба да има само една состојка и тоа Linum Usitatissimum Oil.


Апсолутно избегнувајте ги мешавините со минерални масла, силикони или течен парафин. Бирајте само чисто масло и по можност ладно цедено.

2. Кои се придобивки за нашата коса од третманите со масло од ленено семе?

Маслото од ленено семе длабински ја храни сувата коса. Особено е корисно и за онаа коса која има претрпено одредени “трауми“ како фарбање, пеглање, шатирање и.т.н., како и коса која премногу е изложена на хлорот од базените (во случај да се занимавате со пливање како спорт).

Ова масло има голем број на бенефицци врз нашата коса и тоа:



Длабински ја храни косата и го зголемува сјајот на влакното:
редовната употреба на третмани на база на масло од ленено семе помагаат во оддржување на сјајот и здравјето на косата. Ја прават косата повитална, поотпорна и поздрава.

Ја спречува појавата на расцветани врвови:
маслото од ленено семе можеби е и најдоброто средство во спречување на расцветаните врвови. Секако доколку веќе ги имате нема да ги излечи, меѓутоа со редовна употреба и тоа како ќе ја спречи нивната појава. 

Помага при проблеми со првутот:
ова масло е одлично и во спречување на првутот на косата, особено доколку е сув и доколку имате суво и чувствително теме на главата.

3. Како најдобро да го користиме?

- Маслен третман пред шампонирање:
на благо навлажнета коса нанесете од маслото по должината на косата и на врвовите, Избегнете да го нанесете на коренот (освен ако имате многу сува кожа на темето) затоа што е многу тешко као масло. Оставете да делува најмалку половина час и измијте ја косата со благ шампон.

За да ја зголемите ефикасноста на ова масло, може да го користите во комбинација со жолчка  и мед или пак во комбинација со алое вера гел.

Јас лично го нанесов во комбинација со алое вера гел и резултатите беа овие:



- Третман по миење на косата за здрави врвови:
маслото од ленено семе е одлична замена на штетните силиконски капки кои само го задушуваат влакното и немаат никаква улога во негата на косата. Доколку по миењето на косата (откако малку ќе ја засушите) на благо навлажнета коса нанесете неколку капки масло од ленено семе по должината на косата и на врвовите, не само што ќе ја заштитие косата, туку и ќе имате одличен ефект на мазна и сјајна коса.

Исто така, доколку ја фенирате косата, ова масло одлично ја измазнува косата, го спречува оној ефект на наелектризирана и подуена коса и го зголемува нејзиниот сјај.

Ова масло може да го користите и откако ќе ја исушите косата, две до три капки само на врвчињата на косата. Со оглед на тоа што има навистина многу силен и карактеристичен мирис, може да додадете малку етерично масло од лимон во самото шишенце, кое не само што ќе го подобри мирисот на ова масло, туку и ќе го зголеми сјајот на косата.

- Третман против првут:
како третман против првут, во случај на многу сува кожа на главата, ова масло се нанесува само на темето пред шампонирањето, се остава да делува околу 15 минути и се мие со благ шампон. Ова правете го еднаш неделно.


Дали досега го имате пробано ова масло и колку сте задоволни?

Вашите коментари се добредојдени под самиот текст.

Вики

Comments