6 совети за коса без силикони и како да издржиме во намерата


Здраво драги мои,

доколку редовно ме следите веќе ви е добро позната мојата филозофија за силиконските производи за коса. Во последен период сѐ повеќе читателки ми пишуваат дека ги оставиле или почнуваат да ги оставаат производите за коса на база на силикони и ме прашуваат што да почнат да користат за нега на косата и како најбрзо да ја ослободат косата од силикони.

Брза постапка за жал не постои (потребно е време), туку “сигурна постапка“ односно онаа која со сигурност ќе ви донесе резултати и на крај коса без силикони.

Оваа статија ја пишувам за сите вас кои сакате засекогаш да ја ослободите косата од силикони. Во неа не само што ќе ви дадам неколку навистина корисни совети кои ќе ви помогнат, туку и ќе ви предложам неколку производи кои може да ги користите во така наречената преодна фаза од силиконските шампони кон органската козметика. Станува збор за производи кои не се 100% природни, меѓутоа сепак се убаво избалансирани и со добри формули и декларации.

Ајде да започнеме

1.Зошто без силикони?


Силиконот се добива по хемиски пат од силициумот и во зависност од начинот на комбинација на самите хемиски елементи се добиваат разни видови на силикони кои се масовно користени во производите за нега на косата. Силиконите се антистатички, отпорни на високи температури и што е најлошо не се биоразградливи.  Немаат никаква улога во негата на косата.

Силиконите имаат таква структура да се лепат за влакното, создаваат еден вид на филм кој го задушува самото влакно и многу тешко се измиваат од косата. Даваат ефект на мека и негувана коса, меѓутоа воопшто не ја негуваат косата. Во одредени случаи ја мастат и отежнуваат косата, а најлошо нешто е што не може да откриеме каков вид на коса имаме доколку истата е обложена со силикон (дава лажна слика).

2. Колку време е потребно?

Навистина е тешко да се одговори на ова прашање затоа што секоја коса е различна, а и првенствено зависи од тоа колку долго сме користеле силиконски производи и со каков интензитет. За мене лично беа потребни 20 миења.

Откако ќе преминете на некој шампон без силикони и конечно ги одмиете оние кои ви се залепиле во косата, ќе ви се чини дека косата ви е посува, помасна, не може да ја средите и ви доаѓа да плачете. Тоа не е резултат на новиот шампон, туку од шампоните пред него. Тоа е за жал вистинската состојба на вашата коса и конечно ќе знаете која е вистинската нега и ќе започнете да ја применувате.

3. Како да започнеме


Започнете посетепено, со користење на производи кои не мора да бидат 100% природни или органски. Тоа ќе и овозможи на косата постепено да се исчисти од силиконите, а верувајте ми вам ќе ви го намали шокот кога конечно ќе видите што се криело под нив.

Овие производи без разлика на тоа што не се комплетно природни, сепак имаат убави формули и се добро избалансирани.

4. Листа на преодни производи

Во продолжение ќе видадам листа на шампони, регенератори и маски кои некои ги имам пробано за вас и според мене се одлични не само како преодни производи, туку и во комбинација со органското од време на време (кај нас изборот на органски шампони сеупте не е голем, така да комбинирањето ќе помогне косата да не се засити од еден ист производ).

Шампони

- Шампон за волумен на Yves Rocher
- Шампон против првут  на Yves Rocher
- Шампон Pure and Shine  на Garnier
- Шампон со 6 билки на Garnier



Балзами и маски

- Балзам за коса со авена на Yves Rocher
- Маска за коса со авена на Yves Rocher
- Балзам за коса  Pure and Shine  на Garnier
- Маска за коса Glenova
- Серум за коса со манго и кокос на Balea

5. Додатни третмани (домашни маски и масла за коса)

Во фазата на прочистување на косата од силикони, многу е важна додатната нега на влакното со домашни маски, особено со растителни масла како кокосово, бадемово, арганово, сусамово, ленено семе и.т.н.

Маслата се од огромна важност за оддржувањето на убавината на косата, со оглед на тоа што ја хранат, го враќаат сјајот и ја негуваат оштетената коса. Во зависност од ефектот и резултатот кој сакаме да го добиеме маслата може да се нанесат на два начини на косата и тоа:

како третман (маска) за коса;
како серум за оштетени врвови (здрава алтернатива на силиконските капки кои само го задушуваат влакното и воопшто не го негуваат).


Како третман маслата за коса секогаш се нанесуваат на благо навлажнета коса никако на сува. Ако го нанесете на сува маслото продира длабоко во влакното и се врзува со мастите природно присутни во нашата коса. По одмивањето тоа со себе ги носи тие природни масла и наместо сјајна и убава коса може да добиеме комплетно спротивен ефект.

На благо навлажнета коса маслото делува само на надворешниот слој од влакното без да навлезе длабоко во него затоа што водата служи како еден вид на бариера и го штити. Косата по измивањето ќе ви биде мека, сјајна и лесно ќе ја обликувате. Третманот за коса се држи најмалку саат време а може да го оставите да делува и цела вечер.

Како серум за коса маслата кои лично ги препорачувам се: кокосово, арган и јојоба. Две три капки од маслото се втриваат меѓу прстите и се нанесуваат само на врвовите од косата.
Верувајте ми не постои подобар и поздрав серум за коса од вака нанесеното масло.

6. Јупиииии конечно чиста коса


Оваа е најубавата фаза со оглед на тоа што конечно сме ја ослободиле косата од силикони. Сега сме подготвени за оганските шампони (или шампони со еко-органска формула) и тука спаѓаат:

Шампони
 
- Шампон за сува коса со авокадо на Alverde
- Шампон за волумен на Alverde
- Шампон за фарбана коса на Alverde
- Шампон за честа употреба на  Gamarde
- Шампон за честа употреба на Aloedermal
- Шампон за масна коса на Aloedermal

Овие шампони ги имам пребано и за нив лично гарантирам. Секако како што веќе реков кај нас е мал изборот на органски шампони кои истовремено се и економични, така да може да правите комбинации од време на време со оние во преодната фаза за да не се засити влакното од еден ист вид на производ.

Регенератори и маски

- Сите регенератори на марката  Alverde
- Маска за коса на марката Alverde
- Регенератор за коса на Sante


Се надевам дека оваа статија ви се допадна и запомнете клучен збор за да се ослободите од силиконите е упорноста.

Не се откажувајте, дури и во најтешките моменти кога косата ви изгледа за никаде продолжете во намерата, потребно е време, меѓутоа косата потоа ќе заблиска во својот вистински сјај и вашиот труд ќе биде награден.

Поздрав и до следно читање
Вики

Comments

  1. Здраво драга Вики,дали органските шампони помагаат во побрз раст на коса и дали знаеш што би можело да го забрза растот на мојата коса? Ги применувам твоите совети и квалитетот на мојата коса многу се подобри но би сакала да го забрзам растот. Би ми било многу мило ако ми одговориш. Поздрав.❤

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, најнапред ти благодарам на коментарот. Не би било фер да тврдам дека органските шампони ќе ти го забрзаат растот, меѓутоа она што со сигурност може да ти го потврдам е дека видно ќе го подобрат здравјето и квалитетот на косата, а кога коста е здрава (од темето па до врвовите) подобро и побрзо расте. Мило ми е што квалитетот на твојата коса се подобрил и продолжи и поматаму. Ти советувам исто така и да ја збогатиш исхраната особено со јаткасти плодови, јајца, овошје и зеленчук. Поздрав и за било што слободно пиши.

      Delete

Post a Comment