Маска за истакнување на сјајот и убавината на русата коса


Здраво драги мои,

маските за коса се неопходен дел од мојата рутина за нега на косата и јас лично ги правам еднаш неделно. Секогаш испробувам нови и разни маски за коса со природни состојки од кои повеќето може да се најдат во нашите кујни.

Денес би сакала да ви предложам една фантастична маска за коса за која се инспирирав од познатата маска за коса Marilyn на Lush, наменета за оние девојки кои имаат руса коса, со оглед на тоа што оваа маска го потенцира сјајот на русата коса и ја прави поубава.

Ајде најнапред да ја разгледаме оригиналната декларација на оваа маска од Lush

Linseed Mucilage (Linum usitatissimum) , Chamomile Infusion (Anthemis Nobilis and Chamomilla Recutita) , Saffron Infusion (Crocus sativis) , Cetearyl Alcohol and Sodium Lauryl Sulfate , Fresh Organic Lemon Juice (Citrus limonum) , Cetearyl Alcohol , Organic Extra Virgin Olive Oil (Olea europaea) , Lemon Oil (Citrus limonum) , Chamomile Oil (Anthemis nobilis) , Soya Lecithin , *Citral , *Limonene , Fragrance , Methylparaben , Propylparaben

Како што може да забележите има прекрасни состојки како гел од ленено семе, чај од камилица и шафран, соја лецитин, сок од лимон, маслиново масло, меѓутоа има и два парабени кои се користени како конзерванси и токму затоа ќе ви кажам како сами да ја направите дома без конзерванси. Секако без никаков конзерванс маскава ќе биде само за една употреба, односно во моментот на подготовката.


Мора да напоменам дека оваа домашна варијанта, која ќе ви ја претставам во продолжение, дава навистина фантастични резултати. Не само што го зголемува сјајот на косата, туку ја омекнува косата, ја прави лесна за чешлање и длабински го храни самото влакно.

Ајде да видиме кои сѐ состојки ни се потребни за нашата домашна маска за коса:

2 супени лажици гел од ленено семе (приготвен со камилица и шафран)
1 кафена лажичка мед
2 кафени лажички маслиново масло (јас користев една лажичка масло од куркума и една од ленено семе)
1 кафена лажичка свежо цеден сок од лимон (доколку немате лимон може и портокал)
жолчка од едно јајце или соја лецитин
1 кафена лажичка путер за коса или густа маска
4 капки етерично масло од лимон (доколку имате)


Најнапред подготете го гелот од ленено семе како што е прикажано во процедурата во оваа статија само што заедно со лененото семе ќе додадете и суви цветови од камилица и шафран.

Оставете го да се олади малку гелот. Земете две супени лажици од овој гел и додадете му една кафена лажичка мед и две кафени лажички маслиново масло со постојано мешање. Јас наместо маслиново масло употребив една кафена лажичка домашно масло од куркума и една кафена лажичка масло од ленено семе, меѓутоа само затоа што ги имав дома.

Додадете ја и жолчката убаво мешајќи за сѐ да се спои. Во оригиналниот рецепт има соја лецитин, меѓутоа јас во моментов го немав па ставив жолчка од едно јајце која е исто така богата со лецитин и одлично ја храни косата.

Потоа додадете го сокот од лимон.

Со оглед на тоа што оригиналната маска на Lush има Cetearyl Alcohol кој и дава густина на маската, ние ќе додадеме една кафена лажичка густа маска за коса или путер за коса, секако без силикони. Јас го користев путерот за коса на Alverde.

Повторно убаво промешајте ги сите состојки (за да ви биде полесно може да мешате со електрично апаратче за нескафе) и на крај додадете го етеричното масло од лимон.


Нанесете ја маската на сува коса (нема потреба да ја мокрите со оглед на тоа што содржи и водени и маслени компоненти) и оставете да делува околу саат време. Секако за подобар резултат ставете една пластична ќеса или фолија и врз неа пшекир, и загрејте околу две минути со фен.

По истекот на времето измијте ја косата со убав и што поприроден шампон без силикони и исушете ја како што нормално правите.

Уште по првата апликација ќе забележите како косата ви е помека, свиленкаста на допир, сјајот е поголем, а самото влакно е некако поживо.

 


Со редовно користење буквално ќе ја препородите вашата коса.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие доколку се обидете да ја направите пишете како сте задоволни од ефектот под самиот текст.

Поздрав и ве гушкам сите.
Вики

Comments