Витаминска бомба за вашата коса: Natura Siberica шампон со измазнувачки ефект плус витамини за коса


Здраво драги мои,

помина октомври кој беше топол и убав, и зачекоривме во ноември со нешто поладни денови. Сеуште сме во есенската сезона, каде најнапред се забележуваат сите невниманија за време на летниот период врз косата, а потоа и самата сезона ја прави косата послаба и понеотпорна. Неправилното третирање и нега на косата за време на летните одмори, може да ве доведат во состојба да овој период се најдете со сува коса која е без сјај и не делува убаво. Есента во никој случај не ја подобрува состојбата затоа што при сезонските промени косата трпи уште повеќе и потребно е на некој начин да се прилагоди кон новонастанатата состојба.Токму овие временски промени секогаш ме тераат да барам нови производи и решенија кои ќе го вратат сјајот и виталноста на косата.

Сите добро знаеме дека овој период е идеален за конзумирање на храна богата со витамини со цел да го одбраниме од настинки и вируси. Зошто истото да не го сториме и со косата? Што ако ви кажам дека за вас имам подготвено еден навистина прекрасен витамински третман кој ќе ја препороди вашата коса, ќе го обнови влакното и ќе го врати сјајот на вашата коса? Да, да вистина е, верувајте ми, и доколку сте заинтересирани продолжете да читате, затоа што производиве што ќе ви ги претставам дефинитивно заслужуваат внимание.

Станува збор за два прекрасни производи од марката Natura Siberica за која веќе говорев во една од претходните статии кога зборував за детски производи (доколку сте пропуштиле да прочитате ви оставам линк овде.) односно шампон и витамини за коса.


Според мене најдобриот начин да ја одбраниме косата од претстојниот студен период и да ја наполниме со витамини е да ги искористиме токму оние билки кои се полни со витамини и издржливи и на -50°C во прекрасниот Сибир. Моќта на овие билки во комбинација на правилно избалансирани сурфактанти и многу ценети масла, се преточени во еден прекрасен шампон за коса со огромно хранливо дејство врз сувата коса односно шампонот Oblepikha Siberica со измазнувачки ефект врз влакното.

Овој шампон го открив благодарение на една читателка на блогот која ме праша за него.


Нешто што е најважно кога станува збор за еден шампон е формулата да биде избалансирана и да не е агресивна за темето на косата. Во овој производ како главен сурфактант е користен Sodium Coco Sulfate кој ја има главната измивачка моќ овде и избалансиран е со многу нежниот и благ сурфактант Coco Glucoside и секако со бетаинот, односно Cocamidopropyl Betaine кој е исто така многу важен во формулата. Вака избалансираните сурфактанти дозволуваат еден производ да прави добра пена, а сепак да биде нежен за скалпот.

Шампонот содржи витамински комплекс на сибирски билки во комбинација со масла кои одлично ја заштитуваат косата и се препорачуваат особено кај оние кои имаат слаба коса, тенко влакно или оштетена коса, со оглед на тоа што овој комплекс има за цел да ја заштити косата, да ја зголеми нејзината отпорност од надворешните влијанија и да го измазни влакното.

Исто така содржи и пантенол кој е фантастичен за косата, особено онаа оштетената, па масло од соја кое има хранливо дејство вра косата. Секако овој шампон освен ова масло содржи и масло од арган и масло од ленено семе кои имаат големо регенеративно дејство врз косата и ниацин кој е витамин Б3 и од огромна важност за здрава и убава коса.

Едвај чекав да преминам на екстрактите, односно оној витамински комплекс за кој ви зборував претходно. Во овој шампон најнапред може да забележиме присуство на еден екстракт кој јас лично го обожавам, а тоа е екстрактот од дивиот волчји трн. Овој екстракт содржи најголема концентрација на витамини и полифеноли на целата северна хемисфера. Има петнаесет пати повеќе витамин Ц од портокалот и доста е богат со витамините Е, А и К, како и многу есенцијални киселини.


Дејството на овој екстракт е потенцирано од маслото од атлајска бобинка кое исто така содржи голем процент на витамин Ц. Од други екстракти може да ги напоменам оние од златен корен и снежна кладонија. Златниот корен одлично ги намалува иритациите и црвенилата, и затоа според мене е одличен во формулата на овој шампон кој може да одговара за секаков вид на теме, па и она најчувствителното. Снежната кладонија е неверојатно отпорна билка која ја задржува зелената боја и на температури до -50°C. Богата е со уснинска киселина која има големо регенеративно дејство врз кожата.

Да не ги заборавиме и протеините од пшеница кои имаат извонредно дејство врз косата и го прават самото влакно повитално, како и полипептидите и аргининот кој ја зајакнува косата.

Драги мои се изнапишав за декларацијата, меѓутоа сметав дека е многу важно да ви објаснам зошто шампонов заслужува толку многу внимание. А и имаше што да се напише со сите овие прекрасни масла и екстракти. Ајде сега да преминеме на структурата и ефектот врз косата, кое според мене е нешто што многу ќе ве интересира.

Шампонот има прекрасна портокалова боја и средна густина со мирис на бобинки. Навистина мирисот премногу ми се допаѓа.


Како што веќе напоменав прави убава пена, не премногу ама сепак доволна за одлично да се измие косата.


Решив да го пробам само шампонот без никаков регенератор после тоа за да може да го видам ефектот врз самата коса. Она што ме воодушеви е следното: уште за време на самото миење косата ја чувствував премногу мека (да напоменам дека јас имам тенко влакно), меѓутоа со некои други шампони уште при миењето знам дека ми е потребен регенератор после. Овде откако го измив шампонот косата беше толку мека и прстите лесно минуваа низ неа. Е сега следува наинтересниот дел: се сеќавате дека во најавата реков дека овој шампон има измазнувачко дејство врз косата, односно како косата да сте ја фенирале??? Епа јас тоа ви го тврдам. Откако ја измив ја исушив само со фен и прсти, без никаква четка и без никаков друг производ за измазнување на косата и резултатов беше овој:


И мене не ми се веруваше, а тек да ја исправев со четка којзнае колку ќе беше права. Косата има неверојатен сјај и навистина беше многу лесна за чешлање и средување.

Изутрината ставив од витамините за кои ќе говорам во продолжение и ја навиткав косата и го добив овој ефект


Според мене шампонов е одличен за сите оние кои имаат тенка и слаба коса или пак коса која е посува, малку оштетена и има потреба од длабока регенерација.

Витамините за коса на Natura Siberica или како што тие ги нарекуваат Natura Siberica Vivid Vitamins се нешто навистина иновативно и за прв пат кај нас на пазарот. Овој производ ми се допадна навистина многу најнапред поради лесната структура која воопшто не ја масти косата, а потоа и според ефектот кој го дава на самото влакно, особено високиот сјај.



Базата на овој производ се вода и глицерин кој има одлично омекнувачко дејство врз косата и почнуваат веднаш екстрактите. Во декларацијата се наоѓа и по некое масло (како на пример маслото од бор кое го обожавам, потоа каприлик каприк кое е масло кое веднаш се впива и не масти), меѓутоа присуството не е големо и не ја масти косата, а сепак ја храни и го подобрува сјајот. Значи не станува збор за производ кој е на маслена база и при кој треба да внимавате на количината за да не добиете ефект на масна коса, туку за производ на водена база чија цел е длабока хидратација и сјај на влакното.


Во својот состав содржи екстракти од билки кои се извонредно богати со витамини и токму заради тоа претставува вистинска витаминска бомба за косата (иако може да го користите и за кожата). Од екстрактите би сакала да ги напоменам оние од јапонски багрем, даурска шипинка и дива боровница. 

Јапонскиот багрем е природен извор на рутин и ја поттикнува регенерацијата на кожата и косата. Даурската шипинка е богата со витамин Е и бета каротен. Дивата боровница е богата со Ц витамин. Исто така може да забележиме присуство на ниацин, односно витамин Б3 и ретинол (витамин А). Во производов се користени сибирски билки со различен витамински состав, намерно за да се направи еден комплекс на витамини кои меѓусебно се надополнуваат и го даваат крајниот ефект на производот.

Доколку го земете производов може да го користите на повеќе начини. Јас лично го користам само за косата, меѓутоа вие може да го пробате и за кожата (јас моментално го користам нивниот серум од кавијар кој премногу ми се допаѓа). Мислам дека ќе го коритам само за коса, затоа што тешко да најдам друг производ кој не масти, а ја остава косата толку сјајна и убава. Може слободно да го нанесете по целата должина на косата, па дури и на коренот. Нема ни малку да ви се измасти, навистина нешто неверојатно!!!

Освен овој витамински комплекс производов содржи и пантенол и пшенични протеини кои се навистина одлични за косата.

Еве го ефектот врз влакното


Јас сум премногу задоволна од комбинацијата на овие два производа заедно и планирам да ги користам овој период.

Драги мои, се надевам дека статијата ви се допадна и дека ви беше од корист.

Голем поздрав и до следно читање.
Вики

Comments