Како ја негувам мојата коса

Здраво драги мои,

по големиот интерес за статијата во која го опишав мојот личен режим за нега на кожата, се одлучив да напишам една и за косата. Целта на оваа статија е да со вас споделам сѐ она што за мене лично функционира, колку пати неделно ја мијам косата, начинот на кој ја мијам, производите кои за мене се must have и секако кои маски и третмани најчесто сама си ги приготвувам дома. Јас имам сува коса, така да советите и производите кои ќе ги најдете во продолжение одговараат токму на овој вид на коса.

Миење на косата

1. Шампон

Во нормални услови косата ја мијам двапати неделно (секако при физичка активност кога многу се потам или летно време на море ја мијам и почесто во зависност од ситуацијата и потребата). Користам секогаш многу благи шампони со убаво избалансирани формули (за ова веќе подготвувам една статија и ќе ви ја објавам многу скоро) и секогаш ги разредувам со вода пред да ги нанесам на косата. Во едно чисто шишенце од потрошен шампон најнапред ставам мал дел од шампонот а потоа ставам вода и на тој начин го разредувам. Имам приметено дека вака разредениот шампон е подобро да се нанесе на темето на главата, затоа што без разлика на тоа колку еден шампон има блага формула сепак за темето на главата претставува шок доколку директно се нанесе.


Во деновите кога пред шампонирањето не ставам никаква маска, маслен третман или путер за коса, доволно е само еднаш да ја измијам косата, но кога претходно правам маслени третмани или нанесувам разни маски или путер за коса, правам две шампонирања на косата со цел убаво да ги измијам маслата од неа, затоа што доколку убаво не се измие маслото, кога косата ќе се исуши ќе делува масна како да не сме ја измиле.
Како што веќе напоменав користам убаво избалансирани шампони (формулата на состојките и сурфактантите е многу важна) и од оние кои за мене се покажале фантастични на прво место се трите од линијата на Alverde и тоа:

- шампонот за коса од авокадо (наменет за сува коса)
- шампонот за руса коса
- шампонот со к'на и маслина (наменет за волумен и висок сјај на косата)

Летно време го користев и шампонот на Gamarde наменет за честа употреба, особено за оние кои имаат чувствителна кожа на темето, и можам да кажам дека е многу деликатен шампон, одлична формула, а сепак убаво измива.


2. Регенератор (балзам)

Имам пробано многу регенератори или балзами за коса, меѓутоа со оглед на тоа што имам сува коса за мене најдобро дејство даваат производите leave in, односно оние кои не се измиваат. Најчесто овие производи сама си ги правам со оглед на тоа што поголемиот дел готовите производи на пазарот содржат силикони. Еден од моите омилени регенератори кои не се измива е оној со веќе готов балзам. За неговата подготовка детално говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_4.html. Секако го правам со убав производ без силикони (во мојов случај користам маска за коса на Schultz).


Исто така како производ за нега на косата кој е без измивање го правам и спрејот со алое вера гел кој одлично ја хидрира и храни косата. И за него веќе говорев ама еве сепак ќе ви ја повторам постапката. Потребно ви е:

- 50 мл вода (најдобро деминерализирана);
- 50 мл масло (може да користите едно масло или пак комбинација од повеќе масла, важно е да не преминувате повеќе од 50 мл);
- 10 мл гел од алое вера (може а и не мора)

Во едно празно спреј шишенце ставете ја најнапред водата, потоа маслото и на крај гелот. Доколку немате гел спрејот ќе биде доста функционален и само со маслото. Гелот од алое вера ќе му даде додатен навлажнувачки ефект на самото влакно, а со тоа и поголема хидратација.

Убаво помешајте ги сите состојки и протресете пред секоја употреба.

3. Маски, путери и третмани за коса

Е, тука навистина многу експеримнтирам и менувам во зависност од она што го имам дома на располагање, но и од ефектот кој што сакам да го постигнам на самата коса. Од производите на пазарот досега ги имам користено маската за волумен на Casyopea која навистина дава многу убави резултати http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/casyopea_25.html и путерот на Alverde http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/alverde.html.


Од домашни маски и третмани обожавам третмани со чисти масла (кокосово, масло од ленено семе, маслиново, арган) во комбинација со етерични масла, потоа разни путери како чист шеа путер или пак путерот која сама го приготвив и за кој веќе говорев во статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/09/blog-post_14.html.


Третманите секогаш ги нанесувам на благо навлажнета коса, со оглед на тоа што на сува коса се врзвуваат со маслата природно присутни во влакното и при измивањето ги носат истите со себе и резултатот е сува коса. Водата креира еден вид на бариера каде маслото сепак го храни влакното и делува врз неговата надворешност, без притоа да успее да навлезе длабоко во неговата структура. Откако ќе го нанесам маслото, путерот или маската, одозгора најнапред ставам најлонска ќеса а врз неа пешкир. Доколку не е жешко времето, загревам 2 мин. со фен и оставам така да делува најмалку два саати, а понекогаш и преку ноќ за подобри резултати.

4. Серум за коса (за врвови)

Како серум за врвови и како замена за лошите силиконски капки, секогаш на влажна коса (пред сушење) или на сува откако ќе ја исушам, нанесувам една до две капки арганово масло или пак мала количина од путерот кој го направив. На овој начин косата добива сјај, а и самите масла дополнително ја хранат.

5. Пена и лак за коса

Многу ретко употребувам пена за коса. Ја имам пробано пената за коса на Alverde, меѓутоа забележав дека доколку често ја употребувам ми ја суши косата. Лак за коса не употребувам речиси никогаш иако еднаш се обидов и да го направам сама од природни состојки (и за тоа ќе говорам во некоја наредна статија, секако доколку има интерес)

Сушење на косата


Мојата коса е природно виткана (благо виткана, крупни локни), меѓутоа кога сакам да ја исфенирам тоа најчесто го правам на следниов начин: по измивањето на косата, нанесувам балзам спреј кој не се измива и косата убаво ја сушам со фен (или природно ја оставам да се исуши доколку е топло). Кога ја сушам со фен, гледам колку е можно повеќе фенот да го држам на што поголемо растојание од косата со главата наведната надолу за да и дадам и поголем волумен. Кога косата е скоро сува, поминувам со фен и четка за да ја исфенирам. На овој начин косата помалку се оштетува од фенирањето. Никако немојте косата да ја чешлате додека ви е мокра, затоа што тогаш влакното е најосетливо и лесно се крши, и резултатот ќе биде оштетена коса. Додека ви е мокра може да ги користите вашите прсти како чешел и нежно да поминете низ неа за да ги раздвоите прамените. Дури кога поголемиот дел од неа ќе биде сув, тогаш слободно може да поминете со чешел или четка.

Ете драги мои, ова беше мојата нега на косата и она што јас го правам за да имам здрава и убава коса. Секако како што напоменав мојата коса е сува и тенка и се обидувам максимално да ја хранам и негувам користејќи квалитетни природни и органски производи.


Каква е вашата нега на косата и што најчесто користите да го задржите сјајот и убавината на истата? Вашите коментари и искуства се повеќе од добредојдени.

Поздрав

Вики

Comments