Како до поздрава и поубава коса


Косата е заштитен знак на секоја од нас и преку неа на некој начин ја изразуваме нашата личност и стил. Густината и здравјето на косата најнапред зависат од генетските фактори кои за жал не може да ги промениме, меѓутоа може многу да делуваме кога станува збор за исхраната, производите за нега на косата и маслените третмани. Во продолжение ќе разгледаме што сѐ може да направиме за да го подобриме квалитетот и здравјето на нашата коса.

ЗДРАВА И УРАМНОТЕЖЕНА ИСХРАНА

Исхраната има огромна улога во убавината на косата и треба да биде богата со витамини и минерали, но и омега 3 масни киселини. Затоа од голема важност е конзумирањето на свежи овошје и зеленчук (особено зелен зеленчук), потоа риба (на пример лосос), житарици, јаткасти плодови, ленено семе и др. Верувајте,убавата и погуста коса започнува токму од устата, односно од она што го внесуваме внатре. Доколку сакате да дознаете што треба да кознумирате за поздрава и погуста коса прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.com/2015/04/blog-post_20.html

СТОП НА СИЛИКОНИТЕ


За здрава и убава коса, од огромна важност е да употребуваме што поприродни шампони, регенератори и маски без силикони. Силиконите имаат таква структура да се лепат за влакното, создаваат еден вид на филм кој го задушува самото влакно и многу тешко се измиваат од косата. Даваат ефект на мека и негувана коса, меѓутоа воопшто не ја негуваат косата. Во одредени случаи ја мастат и отежнуваат косата, а најлошо нешто е што не може да откриеме каков вид на коса имаме доколку истата е обложена со силикон (дава лажна слика).

Исто така избегнувајте ги и силиконските капки и на нивно место користете чисти растителни масла за коса. Многу девојки ме прашале зошто да се грижат за тоа дали во производот има или нема силикони кога не станува збор за коренот, туку за врвовите кои практично веќе се “мртви“....
Еве зошто: доколку редовно се нанесуваат на косата, силиконите се “лепат“ за влакното со таков интензитет што верувајте ми потребни се навистина многу миења на косата со шампон кој не содржи силикони за да ги “одлепите“. Тие создаваат филм врз самото влакно кој не дозволува да во косата допрат хранливите состојки на маските, маслата, путерите или третманите за коса, така да сѐ додека користите силиконски капки, бадијала се сите третмани со било каков вид на масло, со оглед на тоа што хранливите состојки остануваат врз силиконот и не допираат до влакното. Доколку сакате домашен рецепт за природни силиконски капки прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/10/blog-post_25.html


МАСЛЕНИ ТРЕТМАНИ ЗА КОСА


Маслата се од огромна важност за оддржувањето на убавината на косата, со оглед на тоа што ја хранат, го враќаат сјајот и ја негуваат оштетената коса. Во зависност од ефектот и резултатот кој сакаме да го добиеме маслата може да се нанесат на два начини на косата и тоа:

како третман (маска) за коса;
како серум за оштетени врвови (здрава алтернатива на силиконските капки кои само го задушуваат влакното и воопшто не го негуваат).

Како третман маслата за коса секогаш се нанесуваат на благо навлажнета коса никако на сува. Ако го нанесете на сува маслото продира длабоко во влакното и се врзува со мастите природно присутни во нашата коса. По одмивањето тоа со себе ги носи тие природни масла и наместо сјајна и убава коса може да добиеме комплетно спротивен ефект.
На благо навлажнета коса маслото делува само на надворешниот слој од влакното без да навлезе длабоко во него затоа што водата служи како еден вид на бариера и го штити. Косата по измивањето ќе ви биде мека, сјајна и лесно ќе ја обликувате. Третманот за коса се држи најмалку саат време а може да го оставите да делува и цела вечер.

Како серум за коса маслата кои лично ги препорачувам се: кокосово, арган и јојоба. Две три капки од маслото се втриваат меѓу прстите и се нанесуваат само на врвовите од косата.
Верувајте ми не постои подобар и поздрав серум за коса од вака нанесеното масло.


Прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/giveaway.html  кое масло најдобро одговара на вашиот вид на коса.

МИЕЊЕ НА КОСАТА

Обидете се да ја миете косата најмногу 2 до 3 пати неделно со млака вода. Избегнувајте да користите премногу топла вода со оглед на тоа што ја ослабнува косата. На крај миењето завршете го со поладна вода (онолку колку може да издржите секако, без претерување).

СУШЕЊЕ И ЧЕШЛАЊЕ НА КОСАТА


Доколку косата ја сушите со фен, користете го на средна јачина и што подалеку од косата. За поголем волумен ви советувам косата да ја сушите со главата надолу. Откако косата ќе биде сува околу 80%, може да почнете со чешлање. Запомнете никако да не ја чешлате косата додека е мокра со оглед на тоа што е многу нежна и може многу лесно да се оштети.

Иато така избегнувајте или намалете ја на минимум употребата на преса или фигаро. Нивната топлина ја гори и ослабнува нашата коса, и по многу употреби косата го губи својот сјај и се добива ефект на оштетена коса. Доколку сакате да да ја навиткате вашата коса на природен начин прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_30.html


ТРЕТМАН СО ПИВО

Верувале или не, пивото е состојка бр. 1 која дава волумен на косата. Освен волуменот, пивото има способност и нежно да ја осветли косата, односно да ви даде убави топли прамени, во зависност од вашата природна боја на косата. За пивото да биде помалку агресивно за косата, ден претходно отворете го и оставете го да изветрее. Еве ви еден рецепт за маска за коса од пиво која лично ја правам и е одлична за косата:

- половина чаша пиво;
- жолчка од 1 јајце;
- една супена лажица маслиново масло;
- една кафена лажичка мед

Помешајте ги добро сите состојки и нанесете ги на благо навлажнета коса, ставете фолија и пешкир и оставете да стои најмалку саат време. Потоа измијте ја убаво косата со благ шампон и на врвовите нанесете регенератор.


ПЛАКНЕЊЕ НА КОСАТА СО ОЦЕТ

За поголем сјај на косата како последно плакнење користете раствор од 500 мл. деминерализирана вода, една лажица јаболков оцет и 7 капки етерично масло од лимон или лаванда. Со вака подготвената смеса се полева косата по шампонирањето како последно измивање и не се одмива. Резултатот е мека, сјајна и прекрасна коса. Со сушењето на косата мирисот на оцетот исчезнува, а останува оној на етеричните масла.


Оцетот има киселкаста ph вредност која е од огромнo значење за убавината и здравјето на нашата коса и дава огромен сјај. Идеалната ph вредност на нашата коса е помеѓу 4 и 5 така да јаболковиот оцет навистина помага во оддржување на истата. Исто така јаболковиот оцет ја затвора кутикулата на влакното и како резултат на тоа косата е сјајна и мазна. Ова е многу важен факт затоа што, на тој начин ја задржуваме природната влага во косата, и на некој начин ја спречуваме појавата на расцветани врвови.


Comments