Како да ги рециклираме и чистиме потрошените козметички производи



Здраво драги мои,

еве една многу интересна тема која ќе им биде од корист на сите оние кои редовно сами си прават дома козметички производи, или пак сакаат да почнат да прават. Кај нас за жал многу ретко може да се најдат нови кутивчиња за козметички производи, така да една одлична идеа е да ги рециклираме оние од веќе потрошените козметички производи. На тој начин заштедуваме, не фрламе безпотребно пластика или стакло и имаме оригинални кутивчиња за нашите следни проекти.

Јас лично, не само што ги рециклирам моите, туку ги собирам и оние од моите роднини и пријатели. Кој како завршува некој производ ми го дава кутивчето и јас го чистам и подготвувам за некој следен мој рецепт.

Еве ви неколку совети како најдобро и најбрзо да ги рециклирате кутивчињата.


Стаклени кутивчиња за креми или теглички

Доколку сте го завршиле вашиот омилен крем за лице или тело и сакате убаво да ја исчистите тегличката или кутивчето и да го корстите за вашиот следен проект, најнапред со една салфетка убаво исчистете го остатокот од производот. Потоа убаво измијте ги тегличките со топла вода и детергентот кој го користите за садови. Исплакнете со многу топла вода. Потоа ставете ги да се сушат природно врз крпа превртени надолу. Оставете ги така неколку дена додека комплетно не се исушат (во тегличката не треба да има ниедна капка вода).


Спреј шишенца

Доколку во шишенцето имало чисто масло, во тој случај ставете многу топла вода со детергент за садови. Протресете го и почнете да испрскувате или испумпувате од течноста. Оваа процедура повторете ја трипати и потоа измијте со многу топла вода. За да убаво го исчистите самото шишенце користете четка за заби или стара четка од маскара доколку шишенцето е помало. На крај убаво исплакнете.



Доколку во шишето имало производ со силикони (на пример масло за коса со силикони) во тој случај процедурата повторете ја најмалку шест пати и со четкичката убаво исчистете ги ѕидовите на шишенцето.

Шишенца од лак за нокти

Откако сте го завршиле лакот за нокти или се исушил, а сакате шишенцето да го употребите за други проекти (на пример домашно масло или серум за поцврсти нокти), во тој случај потребно е да го исчистите. Лакот од ноктите го вадиме со помош на ацетонот, па исто така и овде.

Во шишенцето најнапред ставете ацетон (шишенцето наполнете го до половина), затворете со четкичката од лакот и убаво протресете. Оваа постапка повторете ја неколкупати со нов ацетон, сѐ  додека убаво не го отстраните целиот лак, па потоа убаво измијте со средство за миење садови и топла вода. Користете ја четкичката од самиот лак за убаво да го исчистите дното на шишенцето.

Кутивчиња од стара маскара


За ова веќе говорев во оваа статија каде имате детална постапка со слики, меѓутоа ќе повторам накратко. Најнапред со помош на една игла или турпија за нокти (онаа железна со остар врв) отстранете го делот на врвот од кутивчето маската (она кое го регулира количеството на маскара која излегува со помош на четката).

Сите три дела (четкичката, малото делче и кутивчето) потопете ги во еден сад со топла вода околу 30 мин. По истекот на времето со помош на сапун или сјај за садови и топла вода убаво чистете го кутивчето со помош на четкичката. Најдолниот дел исчистете го со помош на една четкичка за ајлајнер или тенка четка за сликање.

Ќистото кутивче наполнете го со вода и оставете го цела вечер. Утредента уште еднаш убаво исчистете и оставете да се исуши убаво врз една крпа.

Следен пат кога ќе завршите некој производ како крем, тоник, маскара или серум, не го фрлајте веднаш кутивчето или шишенцето. Доколку сте љубител на производите направи сам, убаво измијте го и подгответе го за вашиот следен рецепт.

Што сѐ може да рециклираме и користиме за нашите следни домашни проекти?


Освен оригинални шишенца од масла и кутивчиња од креми исто така може да рециклирате шишенца и од други производи. На пример како шишенца за вашите домашни масла може да рециклирате темни шишенца од сируп или мали шишенца од вино (330 мл), мали шишенца (500 мл) од масло или оцет и.т.н.

Шишенцата со темно стакло се многу корисни за чување на маслата со оглед на тоа што ги штитат од оксидација, особено ако станува збор за некое почувствително масло.

Исто така може да рециклирате и мали интересни теглички од мармалад или разни намази и сосови. Не мора секогаш да купувате нови теглички, штом некоја тегличка ви се допадне (во смисла на форма и големина) сѐ што е потребно да направите откако ќе го потрошите производот во неа е убаво да ја измиете како што ви опишав.

Јас обично откако ќе ги исчистам сите шишенца, ги поминувам со врела вода и ги оставам да се исушат превртени надолу. Откако ќе се исушат и пред да ги употребам за некој рецепт, обично испрскувам малку алкохол за внатрешна употреба како дезинфекција. Откако алкохолот испарил, шишенцата се подготвени за употреба.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
До следно читање.
Вики

Поздрав
Вики

Comments