Како да ги избереме маслата за масажа


Маслото кое се користи за време на масажите е од огромна важност не само затоа што го олеснува самиот процес на масажа, туку и затоа што претставува средтсво за пренесување на топлината од рацете на масажерот врз кожата на тој што ја прима масажата.

Истовремено, маслото ја прави кожата помека, ја храни, и ја прави самата кожа поеластична.

Во продажба постојат многу разни растителни масла кои честопати се користат за оваа намена и многумина од вас постојано ме прашуваат кое масло е најпогодно и најдобро за масажа на кожата. Одговорот на ова прашање е : “зависи“.

Сите сме различни па и изборот на вистинското масло за масажа како што напоменав зависи тоа од повеќе фактори како: видот на кожата, видот на масажа, нашиот сопствен вкус (на сите не ни се допаѓаат сите масла и понекогаш не го поднесуваме природниот мирис на одредени масла).

Како и да е целта на оваа статија е да ви дадам неколку совети на што да внимавате при изборот на едно добро масло и секако како да го употребувате.

Маслата за масажа, во зависност од типот на масажа, најчесто се состојат од базно масло (она кое се користи како база) и етерично или микс од етерични масла кои се додаваат во базното масло. Видот и количината на етеричното масло зависи пред сѐ од видот на масажа и делот каде таа масажа треба да се изведе (лице, тело, антицелулитна и.т.н)

Како правилно да го избереме базното масло


Најнапред базното масло го избираме според видот на нашата кожа и целта на третманот.

Доколку имаме намера да избереме масло за масажа на лицето а имаме на пример комбинирана до масна кожа во тој случај најдобри масла за оваа намена се: јојоба, лешник и масло од семки на грозје.

За нормална кожа може да одберете кокосово масло, арганово масло, масло од макадамија и.т.н.

Доколку кожата на лицето е екстремно сува во тој случај избираме: масло авокадо, масло од пченични никулци, маслиново масло, бадемово масло и.т.н.

За масажа на телото доколку имате многу сува кожа може да одберете маслиново масло, масло од сусам или бадемово масло, а доколку сакате некое полесно масло како база може да изберете масло од ориз, сончогледово масло или масло од семки на грозје.


Претходно напоменав дека изборот на маслото освен видот на нашата кожа зависи и од нашиот личен вкус, така да многумина би избрале сончогледово или бадемово масло кое е без мирис, отколку на пример маслиново чиј мирис е потежок и се чувствува.

За едно масло да биде комплетно, во него се додава/ат и етерични масла во зависност од ефектот кој сакаме да го добиеме и целта на третманот.

Без разлика на тоа кое масло ќе го одберете, би сакала само да ви дадам неколку совети кои се однесуваат на сите видови на масла, односно на што да внимавате при нивниот избот:

- бирајте само чисти растителни ласно цедени масла и апсолутно избегнувајте ги производите на база на течен парафин или минерални масла. Нема ништо полошо отколку да ја мачкаме кожата со вакви нафтени деривати кои воопшто и не ја негуваат кожата, туку ја запушуваат и оневозможуваат истата правилно да дише.

- одредени видови на масла како маслиново, масло од сусам, сончогледово и масло од семки на грозје, може слободно да ги купите од супермаркетите (во одделот за масла за исхрана). Не само што премногу ќе заштедите (во супермаркетите литар ладно цедено масло ја има истата цена како 100 грама ладно цедено масло за козметчки цели), туку и самото масло ќе може да го користите како за надворешна, така и за внатрешна употреба.


- внимавајте на готовите масла за масажа кои се наоѓаат во продажба: голем дел од нив се на база на минерални масла.

Во продолжение би сакала да ви дадам неколку корисни информации за најчесто употребуваните масла за масажа.

БАДЕМОВО МАСЛО

Ова масло е едно од најупотребуваните масла и одлично за масажа со оглед на тоа што нема мирис и може да се користи само или во комбинација со други масла.

Друга позитивна работа околу ова масло е што истото доста трае и тешко ужегнува (односно се расипува).

Одлично ја негува сувата кожа на телото и има големо омекнувачко дејство.

КОКОСОВО МАСЛО


Ова масло одлично ја негува и храни кожата. Има благ мирис на кокос, па доколку не сте љубители на овој мирис ви советувам да одберете некое неутрално масло.

Ова е едно од моите омилени масла за масажа, особено еден вид на кокосово масло со мирис на монои од тахити кое едноставно го обожавам.

Единствена негативна страна е што зимно време се стврднува, па секогаш кога ќе сакате да направите масажа, потребно е претходно да го растопите на пареа или помеѓу дланките.

МАСЛО ОД СУСАМ

Ова е едно од најупотребуваните масла за масажа во ајурведската медицина. Содржи висок процент на есенцијални масни киселини ( на пример лонолеинска) и антиоскиданти.

Го подобрува тонусот на кожата, има благо прочистувачко дејство и одлично е како третман за грчеви во мускулите и проблеми со циркулацијата.

Ова масло може да се користи за масажа само или во комбинација со други масла.

МАСЛО ОД ЈОЈОБА


Маслото од јојоба исто така е многу лесно масло и е едно од маслата кое по структура е најблиску до нашата кожа. Одлично е како масажа на лицето доколку имате комбинирана или масна кожа.

Ова масло е одлична база за скоро сите етеични масла. Исто така е едно од најтрајните масла, со оглед на тоа што навистина многу тешко оксидира и ужегнува и е доста трајно.

Доколку сакате да прочитате повеќе за ова масло и да дознаете за што се може да го употребувате, ви предлагам да ја прочитате статијата масло од јојоба: вистински дар од природата.

МАСЛО ОД ПЧЕНИЧНИ НИКУЛЦИ

Ова масло е премногу густо за да се користи само за масажа, така да најчесто се користи како додаток (10%) во комбинација со други полесни масла како бадемово или сончогледово.

Маслото од пченични никулци е фантастично за сува и возрасна кожа затоа што има навистина висок процент на витамин Е.

За масажа на лицето ова масло видно ја подобрува структурата на кожата и ја подобрува нејзината еластичност.

Како масло за масажа на телото, особено е корисно кај спортистите со оглед на тоа што ја олеснува болката во мускулите.


 МАСЛО ОД АВОКАДО


За ова масло веќе имам пишувано во оваа статија, меѓутоа ќе напоменам дека компонентите присутни во ова масло го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обновување на клетките на кожата, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и имаат големо анти ејџ влијание.

Редовната апликација на ова масло на кожата на лицето ја намалува појавата на брчки на лицето и ја оддржува елстичноста на кожата, а со тоа и самиот сјај и свежина. Одлично е за сува или многу сува кожа, како и за возрасна кожа и кожа без сјај.

МАСЛО ОД ЛЕШНИК

Ова е многу убаво и лесно масло кое е одлично за проблематична и комбинирана кожа, со оглед на тоа што лесно се впива и воопшто не масти, меѓутоа одлично е и како база за антицелулитни третмани.

Може да се користи чисто или во комбинација со други масла.

СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО


Сончогледовото масло исто така е едно од најупотребуваните масла кога станува збор за масажа на телото со оглед на тоа што е без мирис, лесно и одлично се комбинира со скоро сите останати базни масла.

Може да се користи чисто или во комбинација со други масла.

МАСЛИНОВО МАСЛО

Ова масло е идеално за масажа на телото за многу сува кожа.

Може да се користи чисто, меѓутоа единствена маана му е силниот мирис кој не секој го поднесува.

АРГАНОВО МАСЛО


Наречено еликсир на природна убавина, маслото од арган има терапевтски, но пред се естетски бенефиции.

Маслото од арган е богат извор на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за убавината на кожата: витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа, витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата, додека витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата.

Најдорбо е доколку се користи чисто.

МАСЛО ОД МАКАДАМИЈА

Слично на маслата од јојоба и лешник, и маслото од макадамија одлично се впива во кожата без да ја масти. Според тоа и ова масло е одлично за оние кои имаат комбинирана до масна кожа со оглед на тоа што можеби е единствено кое содржи палмитолинска киселина која е природно присутна и во нашиот себум.

За масажа на телото, препорачливо е да се користи во комбинација (10%.) со бадемово масло или масло од лешник.

За на крај би сакала да ви посакам пријатна масажа и до следно читање.

Вики

Comments