Здрава исхрана и рецепти

 

Saturday, August 6, 2016

Малина: чувар на нашето здравје, добросостојба и убавина


Малината не само што претставува едно од највкусните овошја кое честопати се наоѓа на нашите трпези, туку и вистински еликсир за здравје и добросостојба на целиот организам.

Ова малечко овошје кое може да го конзумираме свежо во текот на целиот летен период, не снабдува со многу вредни витамини и минерали кои пред сѐ штитат од многу болести, меѓутоа ја помагаат и убавината на нашата кожа.

Малините се богати пред сѐ со витамините А и Ц како и некои од групата Б (Б1, Б2, Б3 и Б9) кои се од неопходна важност за нашето здравје, меѓутоа и моќни антиоксиданси кога станува збор за убавината на нашата кожа.

Исто така содржат голем број на минерали како потасиум, железо, содиум, фосфор, калциум и цинк и богати се со влакна пред сѐ пектин.

Благодарени на сите овие елементи кои се во комплетен склад и хармонија, малините имаат безброј бенефиции врз нашиот организам како:


- го зајакнуваат организмот;
- го подобруваат варењето на храната (благодарение на големиот број на влакна присутни во нив);
- ја прочистуваат крвта и го намалуваат лошиот холестерол (доволно е да се конзумираат 50 гр. дневно за да се добијат одлични резултати);
- го штитат срцето;
- помагаат при менструални болки;
- одлични се за време на менопаузата (го балансираат производството на женските хормони во организмот);
- од голема помош се доколку сакате да изгубите некој колограм (го зголемуваат чувството на ситост);
- го помагаат производството на колаген во кожата;
- имаат огромно антиоксидантно дејство и го спречуваат влијанието на слободните радикали;
- содржат фолна киселина и витамин П кои се од огромно значење за време на бременоста;

За да се добијат многу од овие бенефиции врз организмот, потребно е да конзумирате барем 50 гр. малини дневно во текот на целиот летен период кога се свежи. Може да ги конзумирате на повеќе начини и тоа:


- свежи за доручек или ужина;
- во овошни салати (секако без додаток на шеќер);
- како смуди за доручек или ужина со јогурт или млеко (од растително или животинско потекло);
- како дресинг за салати од зеленчук во комбинација со маслиново масло, оцет и малку мед (во еден блендер изблендирајте ги сите состојки и додадете го како дресинг на салатите од зеленчук).

Совет плус: малината лесно се расипува во контакт со друга малина, така да во фрижидер траат најмногу до 4 дена. Купувајте само онолку колку што може да конзумирате во тие 4 денови.

Што се однесува до убавината на кожата, малините се богати со една состојка која во контакт со кожата го подобрува производството на колаген и еластин. Ја подобрува еластичноста на самата кожа, го спречува предвременото стареење, го намалува влијанието на слободните радикали и го подобрува тенот и сјајот на кожата.

За да добиете дел од овие ефекти, пробајте ја мојата прекрасна антиоксидантна маска со избелувачки ефект.


Се надевам дека статијата ви се допадна и дека ова што го прочитавте ќе ве натера да внесете по некоја малина во вашата секојдневна исхрана.

Поздрав и до скоро читање
Вики

Sunday, July 3, 2016

Вкусни и летни морски тестенини


Здраво драги мои,

рецептот кој ќе ви го предложам денес секако не е чест кај нас со оглед на тоа што морската храна потешко се наоѓа (или може да ја најдете замрзната), меѓутоа знам дека многу читатели и читателки се љубители на риба и морска храна.

Доколку е тоа случај и со вас, би сакала да ви предложам еден интересен начин на кој може да ги припремите тестенините за некоја посебна прилика, за саканата личност, за да ги изненадите гостите или едноставно за себе си.

Во овој рецепт како морска храна ќе ги користиме школките.

Како што веќе напоменав школките може да ги најдете веќе замрзнати и исчистени во скоро сите поголеми супермаркети во текот на целата година. Меѓутоа во овој период доста често ги носат и свежи. Доколку ги најдете свежи и не знаете како да ги исчистите и подготвите, продолжете да ја чистате статијата.


Да започнеме со подготовката

Загрејте солена вода во едно тенџере и кога ќе почне да врие ставете ги шпагетите. 

Во меѓувреме додека водата се загрева да ги исчистиме школките.

Најнапред рачно отстранете го делот од школката кој излегува од самата школка помеѓу двата краја. Само нежно повлечете нагоре и ќе го извадите. Ова повторете го со сите школки.


Потоа со помош на едно железно сунѓерче почнете да ги чистите одозгора и мијте ги со ладна вода. Бидете внимателни да не ги скршите.


Откако убаво ќе ги исчистите, може да започнеме со подготовката.


Во едно тенџере најнапред ставете малку кромид и лукче (количината зависи од вас и вашиот вкус) и пропржете ги кратко со маслиново масло.

Додадете ги школките, промешајте кратко и додадете малку бело вино и мали шери домати (јас во моментот немав шери, па исеков поголем домат на парченца).


Поклопете со капак и остевете околу 3-5 мин. додека школките да се отворат. Нема потреба да ставате сол овде затоа што школките се доста солени, така да ви препорачувам прво да пробате, па доколку сметате дека треба да биде посолено, потоа да додадете.

Откако ќе се отворат школките во смесата додадете ги варените шпагети. (ви советувам тестенините да не ги преварите многу претходно, затоа што во сосот треба да отстојат најмалку две минути за да ги впијат сите вкусови).


Убаво мешајте околу 2-3 минути додека шпагетите да го апсорбираат вкусот од сосот.

Потоа може да сервирате.


Овој рецепт е навистина доста вкусен но и лесен, особено во овие летни денови кога нема потреба од тешка храна и сосови.


Доколку не ви се допаѓаат домати или пак сте алергични на нив, во тој случај наместо домати во сосот од вино додадете половина цеден портокал. Вкусот на јадењето ќе биде фантастичен. По желба може да додадете и маслинки.

Се надевам дека ви се допадна.

Поздрав и до следно читање.
Вики




Многу вкусни лајт тестенини со лосос


Здраво на сите,

тестенините се дефинитивно една од омилените намирници на многумина од нас и често ги конзумираме во разни форми и со разни сосови.

Како што имам напоменато во една од моите статии, тестенините не се непријател на добрата линија, разликата е во она што го нанесуваме врз нив.

Исто така важно е да напоменам дека е секогаш подобро доколку бирате интегрални тестенини, со оглед на тоа што белите се доста преработени и рафинирани и не ги содржат диеталните влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на организмот.

Во оваа статија сакам да ви предложам еден италијански рецепт кој е навистина многу вкусен, а убавото нешто е што ќе го направиме во лајт верзија, погодна за летниот период.

Состојките кои ви се потребни за овој вкусен рецепт за 4 лица се:

200 гр димен лосос
500 гр. кратки тестенини
1 пакетче растителен сос (овес, ориз, соја)
лукче
црн пипер
магдонос


Традиционално во овој рецепт се користи димен лосос кој може да го најдете во сите поголеми супермаркети, меѓутоа доколку немате може и свеж или замрзнат лосос.

Тестенините треба да бидат кратки, нешто слично како макарони.

Што се однесува до сосот, во оригиналниот рецепт се користи хопла, путер и сирење. Според мене ова е премногу тешко за организмот особено во овие жешки денови, така да ќе употребиме крем од овес, соја или ориз кој може да го најдете во сите продавници за здрава храна.

Најнапред во едно големо тенџере со вода, ставете ги макароните да се варат. Времето е различно во зависност од тоа дали се бели или интегрални, така да следете го упатсвото на опаковката.

Додека тестенините се варат, да го подготиме сосот.

Доколку користите димен лосос нема потреба од многу готвење. Во едно друго тенџере, ставете го растителниот сос со малку лукче (по ваша желба свежо или во прав). Потоа додадете го димениот лосос исечен на мали парченца и гответе кратко (околу 2-3  минути).

Откако макароните ќе се сварат, процедете ги и префрлете ги во тенџерето со сосот и убаво помешајте околу минутка две додека сѐ убаво да се спои.


Доколку користите свеж лосос во тој случај исечете го на мали парченца. Во едно тенџере ставете малку лукче и маслиново масло и кратко пропржете. Додадете го лососот и малку бело вино и гответе сѐ додека рибата не е готова. Додадете го растителниот крем и на крај ставете ги тестенините. Убаво промешајте додека смесата да се спои.

Важно е да напоменам дека доколку користите димен лосос нема потреба да додавате сол затоа што самата риба е солена. За свежиот или замрзнатиот лосос додадете сол по ваш вкус.

Откако сѐ е готово, доколку сакате ставете малку црн пипер, сервирајте во еден голем тањир и украсете со малку магдонос или некоја друга билка по ваша желба.


Лососот е одличен извор на омега 3 масни киселини кои ја активираат работата на цревата и јод кој е одличен за тироидната жлезда. Редовното конзумирање го подобрува метаболизмот и го помага топењето на мастите.

Растителниот сос е одлична и поздрава замена на обичната хопла за готвење. Можеби калориската вредност е слична, меѓутоа она што се менува е видот на мастите кои се употребени. Растителните сосови не содржат холестерол и се поздрави за организмот.

Како што веќе напоменав може да ги купите во сите продавници за здрава храна, меѓутоа може и лесно да ги подготвите и дома (ќе ви дадам детален рецепт во посебна статија).


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

 

Saturday, June 18, 2016


Нискокалоричен овошен леден сладолед

Здраво на сите,

со овие високи температури сите размислуваме како да се освежиме и оладиме. Пиеме ладни чаеви, вода, конзумираме овошни салати и зошто да не и по некој сладолед.

Во оваа статија ќе ви предложам еден одличен нискокалоричен овошен леден сладолед. Навистина е доста освежувачки и на водена база (што значи дека е одличен и за веганите), а според мене претставува и одлична можност на децата да им даваме овошје велејќи им дека јадат сладолед.

Голем број од овој вид на сладоледи во продажба содржат вештачки бои, ароми или голем процент на шеќери. Токму затоа ние ќе си го направиме дома, одбирајќи го нашето омилено сезонско овошје.

За ледениот сладолед кој го направив јас употребив:


100 гр. малини
100 гр. вода
1 банана
1 супена лажица кафеав шеќер

Во еден сад најнапред ставете ја водата со шеќерот и загрејте сѐ додека убаво да се стопи. Во блендер ставете ги малините и бананата и работете сѐ додека не добиете убава густа смеса.


Откако водата е изладена помешајте ги убаво двете смеси и доколку сакате процедете ги низ една цедилка за чај и ставете ги во калапчиња за сладолед.
Јас лично не ги процедив затоа што ми се допаѓаат ситните парченца од малина.Ставете ги во замрзнувач неколку саати и потоа  може слободно да ги конзумирате.




Оригиналниот рецепт содржеше само вода малини и шеќер и тоа многу повеќе шеќер од она што употребив јас. Се одлучив малку да го променам оригиналниот рецепт со тоа што ставив банана која е слатка и има здрави природни шеќери и само една лажица кафеав шеќер.

Мора да напоменам дека со овие количини испадна многу вкусен (барем според мој вкус).

Овој рецепт секако не претставува оригинален сладолед, туку еден вид на леден овошен сладолед или замрзнато овошје, меѓутоа одлично освежува.


Може да го направите со овошје по ваш избор, не мора да бидат малини, меѓутоа без разлика на овошјето што ќе го изберете, ви советувам секогаш да користите банана за засладување.

Се адевам дека ви се допадна овој рецепт.

До скоро читање.
Вики


Saturday, April 16, 2016


Мали совети за постигнување и оддржување на идеалната тежина



Во денешно време и со денешниот ритам на живот, да се дојде до идеалната тежина (а и задржи) на природен начин е навистина голем луксуз. Научени да јадеме на брзина, честопати прескокнувајќи ги оброците поради обврски во канцеларија, или јадејќи несоодветна храна колку да ставиме нешто во желудникот, не само што не ги добиваме посакуваните резултати, туку му правиме и шок на организмот. 
Најнапред важно е да напоменам дека не сум нутриционист по професија и ова што ќе го прочитате во продолжение се само совети кои може да ви ги дадам, и кои доколку ви се допаѓаат може да ги вметнете во сопствениот животен стил без драстично да ја промените вашата секојдневна рутина. За било што, секако консултирајте се со вашите нутриционисти или матични лекари.
ПРИСТАП КОН ХРАНАТА И ФИЛОЗОФИЈА
Најнапред да кажам дека сѐ започнува во главата, преку мислата, нашиот став, страв или доверба ние го контролираме нашиот ум, а тој ги контролира сите останати работи во животот. Затоа најважно е внатре во себе да се помирите со одредени ставови, стравови и сфаќања, и да почнете работите да ги гледате со поинакви очи. Важно е да изградите убав однос со храната, да сфатите дека таа може да биде и вашиот најдобар пријател, дека сѐ е добро и потребно за организмот доколку се конзумира во умерени дози. 
Секако предност треба да се даде на свежата храна како зеленчукот и овошјето кои се од огромна важност за внесување на витамини и минерали во организмот, на житариците, мешунките и рибата, меѓутоа верувајте, ако изедете една пица еднаш во неделата ништо нема да се случи.  
ЧЕСТО ЈАДЕЊЕ
Многумина од нас кога се на диета, избегнуваат да јадат или прескокнуваат оброци (доручек или ручек) со цел да се заштеди на калории, меѓутоа потоа навечер стигнуваат толку гладни што одеднаш конзумираат трипати повеќе од она што нормално би го изеле. 
Кога јадеме премногу одеднаш организмот складира како резерва голем дел од храната, затоа што сфатил дека следниот ден ќе му го направиме истото, односно ќе прескокнуваме оброци, па за сигурност мора самиот тој да си создаде резерви и да се заштити од нашата агресија врз него. 
Кога јадеме често и во умерени количини, организмот постојано работи, не складира храна затоа што знае дека по три часа повторно ќе ја добие, а на тој начин се забрзува и самиот метаболизам.
ГЛАДНИ ИЛИ ЖЕДНИ?
Веќе добро знаеме дека конзумирањето на вода е од огромна важност за правилното функционирање на целиот организам, како и за оддржувањето на убавината и елстичноста на нашата кожа. 
Советот да се пијат најмалку два литри вода секако најнапред се однесува на ова што досега го кажав, меѓутоа и на фактот што честопати ги мешаме чувството на жед и глад. Ми се случило многупати и мене лично да почувствувам глад, а всушност сум била жедна. Затоа мој совет ви е, доколку не сте сигурни дали сте гладни или жедни, најнапред да испиете една голема чаша вода и да почекате околу 20 мин. 
Доколку чувството на глад исчезне значи сте биле жедни, во спротивно навистина сте гладни и време е да внесете нешто во организмот.
ГАЗИРАНИТЕ НАПИТОЦИ ЗАМЕНЕТЕ ГИ СО ВОДА
Во текот на денот навика на поголем број од нас е да пиеме газирани напитоци кои освен тоа што не ја згаснуваат жедта (или подобро речено моментално ја згаснуваат жедта) полни се со шеќер. Неместо нив пијте вода, чаеви (засладени со малку мед) и детокс вода која може самите да ја направите претходната вечер. 
Детокс водата е вода во која се додава разно овошје или зеленчук (по ваш избор), која одлично го прочистува организмот и го елиминира вишокот на течности. Овој напиток е одлична здрава алтернатива на купечките сокови кои, како што веќе кажавме, најчесто содржат шеќери и вештачки бои. 
Рецепти за домашна детокс вода ќе најдете http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_25.html и http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_13.html
ПРОНАЈДЕТЕ ЈА ВАШАТА ДИЕТА
Постојат многу видови на диети (иако зборот диета е всушност начин на исхрана а не изгладнување) и вие самите треба да го пронајдете она што вам ви одговара. Не она што пријателката ви го кажала, или она што функционира за комшиката. Сите сме различни и она што одговара за мене не мора да одговара и за вас. 
Некои луѓе се чувствуваат подобро кога конзумираат протеини, други кога внесуваат јаглени хидрати, кај некои одговара хроно диетата, кај други пак не. Затоа од огромна важност е да го запознаете вашето тело и потребите, да дознаете што е она што му одговара и што прави да функционира подобро. 
Мое мислење е дека е потребно да се конзумира сѐ, и никогаш не сум била фан на диетите каде се исфрла цела една група на храна (иако можеби во одредени случаеви е потребно за почеток), меѓутоа сепак сметам дека нашиот организам има потреба од сѐ, во умерени дози и во одредено време. На пример ако јадеме само овошје, доколку е претерано ќе има контра ефект иако станува збор за една здрава намирница.
ПОДГОТВУВАЈТЕ ЈА ХРАНАТА ОД ДОМА

Ова ќе ви изгледа смешно меѓутоа верувајте ми, спас е за вашата линија. Многумина од нас работат на места каде не секогаш има избор за јадење (или се продава нездрава храна како на пример брза храна), или пак поради многубројните обврски немаат време да излезат и купат нешто па го прескокнуваат оброкот. 
Доколку уште од вечерта подготвите храна од дома, утредента може да бидете сигурни дека ќе имате здрав оброк на работа и дека успешно ќе истраете во вашата намера. Во зависност од тоа колку часа поминувате на работното место, освен главниот оброк од дома може да понесете и овошје кое ќе го козумирате како ужина помеѓу оброците или јаткасти плодови.
Може ќе ви изгледа и малку комплицирано, меѓутоа верувајте ми организмот ќе ви биде благодарен, а вие ќе успеете да ја задржите виталноста во текот на целиот ден.
РЕАЛНИ РЕЗУЛТАТИ
Возможно е да се изгубат 5 кила за само една недела ??? НЕ!!! Или подобро кажано може, доколку се изгладнувате и го измачувате организмот, меѓутоа тоа не ни е цел. 
Од огромна важност е да бидете реални во очекувањата на ефектот на една диета, и да знаете дека губитокот на премногу килограми одеднаш не е секогаш добар знак. Таканаречените јо-јо диети не само што имаат краткотраен ефект туку се и штетни за организмот и предизвикуваат појава на стрии (со оглед на тоа што кожата се шири и стеснува). Подобро е да си одердите помали цели и чекор по чекор да ги остварувате. 
На пример ако сакате да ослабнете 5 кила, не велете од одма дека треба да ослабнете 5 кила, туку поставете си цел најнапред 2 кила, па потоа уште две и.т.н. На овој начин ќе бидете помирни и самите вие, а и секако ќе издржите во вашата намера.
ЧАСТЕТЕ СЕ СЕБЕ СИ
Еден од најдобрите совети кои можам да ви ги дадам е частете се себе си. Кога сте излезени надвор, дозволете си сѐ во умерени количини, меѓутоа дома внесувајте само здрава храна. Многу луѓе секогаш кога ќе излезат во град или кога ќе отидат на гости се устручаваат да јадат велејќи “не благодарам на диета сум“, а дома фрижидерот полн со нездрава храна. 
Не е толку страшно ако кога излеземе се почастиме себе си со сладолед, изедеме парче пица или пак сендвич. На крајот на краиштата човечки суштества сме не роботи. Она што е важно е што внесуваме секојдневно во сопствените домови. Јас на пример фрижидерот и креденецот го полнам со здрава храна (житарици, јатксти плодови, овошје, зеленчук, природни засладувачи и.т.н.), значи не дозволувам дома да внесувам секојдневно нездрава храна па да паѓам во искушение, или да мора да ја конзумирам за да не се расипе. Меѓутоа кога излегувам надвор и тоа како ќе се почастам себе си со нешто од кое моето тело има потреба во моментот, и кое ми се јаде во одредена прилика. 
 Верувајте ми ова функционира, затоа што од голема важност е она што го конзумираме редовно на секојдневна база, а не она што еднаш неделно или месечно ќе се почастиме и засладиме. Секако частењето не треба да биде секој ден, умерено и со усул, што би се рекло.
ЛЕБ И ТЕСТЕНИНИ

Многумина од нас кога се на диета мислат дека треба комплетно да го исфрлат лебот и тестенините, меѓутоа јас не се согласувам со ова, освен ако не станува збор за некој посериозен проблем каде нутриционистот за почеток ќе ви советува вакво нешто. Постои леб и леб, тестенини и тестенини. Не се сите исти. 
Јас лично конзумирам исклучиво интегрални житарици (леб, тестенини, ориз и др.), кои содржат доста влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на метаболизмот. Лебот и тестенините, доколку се конзумираат умерено, може да бидат од голема корист. Она што дебелее е она што го ставаме врз нив.
На пример ако конзумираме интегрални шпагети со домашен сос од домати, секако нема да претставува трагедија и може да биде од корист во нашата исхрана, меѓутоа ако на шпагетите им додадеме тешки сосови направени на пример со мајонез, калориската вредност и те како се менува. Затоа она што прави разлика е она што го нанесуваме врз нив. 
КОКОСОВО МАСЛО
Секојдневно конзумирам една лажичка кокосово масло на ден. Најчесто тоа го правам наутро во чај, кој не само што дава одличен вкус на чајот, туку и дава неверојатна енергија во текот на денот. Кокосовото масло е добро затоа што ја регулира работата на метаболизмот и на некој начин помага во слабеењето. 
Внимавајте да не претерувате со количината, секое претерување дава контра ефект. Исто така е важно да не го користите ова масло како замена за маслиновото или сончогледовото (во зависност какво масло користите за готвење и зачинување), туку да биде дополнување во исхраната.
 

СПОРТ
Од огромно значење е да практикуваме некаков спорт или барем да пешачиме, со оглед на тоа што правилната исхрана може да даде фантастични резултати само доколку е во комбинација со некаква физичка активност. Во зависност од вашата физичка подготвеност и кондиција, може да одберете трчање, планинарење, пливање, па дури и секојдневно пешачење од половина час е подобро отколку ништо. 
Не мора веднаш да си поставувате високи цели кои не може да ги достигнете и да се откажете на половина пат. Подобро е постепено да почнете и полека да ја постигнете вашата цел. На пример доколку сакате да трчате а не сте во кондиција, најнапред започнете со прошетки, потоа со брзо одење и откако ќе се подобри вашата кондиција пробајте да трчате. 
Може да правите и комбинации на пример 15 мин. брзо одење со 5 мин. трчање и постепено да го зголемувате времето. На тој начин ќе бидете истрајни во она што го правите, нема да се откажете, а и резултатите (физички и психички) ќе ви дадат поголем елан да продолжите понатаму.
Запомнете, не постојат волшебни диети, третмани, апчиња или напитоци. Треба секојдневно да се чувствуваме добро сами со себе и на некој начин она што го правиме да не прави среќни. Ако се устручаваме од многу работи и држиме строги диети поради кои сме заборавиле да се смееме, не сме направиле ништо. Слушајте се себе си и она од кое имате потреба. Гледајте што е она што ви прави добро или лошо, и што е она што за вас лично функционира.

Wednesday, April 13, 2016


Гоџи бери: намирница за долг живот


Старите народи велеле: “Во здраво тело здрав дух“ и апсолутно биле во право со оглед на тоа што нашата целокупна психофизичка состоба зависи од она што секојдневно го конзумираме. Природата ни нуди навистина безброј фантастични намирници кои ни помагаат во задржувањето на здравјето и виталноста, а една од  нив е гоџи бери или гоџи бобинки.

Оваа намирница потекнува од Кина, каде жителите редовно со генерации ја конзумираат со оглед на тоа што веруваат дека ја подобрува целокупната здравствена состојба и придонесува за подолг живот. Од тука го добива и епитетот намирница за долг живот. Го јакне имунитетот, помага во детоксификацијата на црниот дроб, ја подобрува мускулната издржливост, помага при периоди на стрес и ја оддржува еластичноста и убавината на кожата.

Во секое зрно од гоџи бери се наоѓаат сите основни состојки за добросостојба на нашиот организам како: витамини Ц и Е кои се од огромно значење во спречувањето на дејството на слободните радикали (антиоксидантно дејство), каротени како бета каротен, лутеин и ликопен. Од минерали присутни се железо, фосфор и манган кои го регулираат енергетскиот метаболизам, потасиум и магнезиум кои ја подобруваат издржливоста на мускулите (особено важно за спортистите), и секако цинк и хром.


100 гр. гоџи бери содржат:

112 мг. калциум;
1134 мг. потасиум;
9 мг. железо;
2 мг. цинк;
50 микрограми селен;
148 мг. витамин Ц;
7 мг. бета каротен

Може слободно да ги конзумираат и возрасни и деца, трудници, стари лица, спортисти и жени во менопауза. Препорачаната дневна доза за возрасни е од 1 до 2 супени лажици, додека за деца од 1 до 2 кафени лажички. Не се препорачуваат во случај на алергија на домат, при терапија со антикоагуланси или доколку се земаат лекарства за дијабетис.

Исто така важно е да не се претерува со количината затоа што прекумерното конзумирање може да предизвика диареа и грчеви во стомакот.


Јас ги конзумирам секојдневно и може да ви кажам дека навистина даваат виталност и енергија. Начините на кои најчесто јас ги конзумирам се:

за доручек во јогурт
како ужинка
во овошна салата
во ризото (се додаваат две минути пред крајот на готвењето на оризот)
како чај (во комбинација со зелен чај)

Ова се моите омилени начини на конзумирање на гоџи бобинките и секојдневно ги козумирам различно за да ми биде поинтересно.


Постојат разни видови на гоџи бери и според она што го имам прочитано најдобра е варијантата Xing Da затоа што растат на 1500 метри височина каде земјиштето не е загадено. Доколку купувате пакувани и пишува дека се од овој вид тогаш е одлично, меѓутоа кога се купуваат рефус тешко е да се одреди на која сорта припаѓаат (освен ако во продавницата немаат лист со декларација на производот).

Без разлика која сорта да ја купите, сепак ќе уживате во безбројните бенефицци врз вашето здравје и организмот. Со секојдневно конзумирање ќе почувствувате самите вие разлика и ќе сфатите дали и колку вашата виталност и енергија се зголемени.

Дали и вие обожавате да конзумирате гоџи бобинки и како најчесто ги конзумирате? Вашите искуства се добредојдени под текстот.

Вики



 

Tuesday, April 12, 2016


Вкусна диетална руска салата без мајонез и јајца


Руската салата е една од омилените јадења на многумина и присутна на скоро сите родендени. Навистина е вкусна, за тоа нема збор, меѓутоа со оглед на големото присуство на мајонез не може да се конзумира многу често особено од страна на оние кои следат избалансирана диета, имаат проблем со мастите или холестеролот, или пак летно време кога нашиот организам има потреба од свежа и полесна храна.

Меѓутоа без грижа, во продолжение ќе ви го дадам мојот омилен рецепт за руска салата која, со сестра ми ја обожаваме и секогаш ја правиме. Навистина е многу вкусна, лесна за организмот има двапати помалку калории од обичната и одлична е и за време на летниот период. Може слободно да биде конзумирана и од страна на веганите со оглед на тоа што нема ниедна состојка од животинско потекло.

За подготовка на оваа салата потребни ви се:

1 тофу од 200 гр (сирење од соја);
500 гр. зеленчук по ваш избор (морков, компир, пченка, грашок);
3 до 4 супени лажици сенф;
1 до 2 супени лажици сок од свеж лимон
малку маслиново масло
сол и зачини по ваш вкус

Најнапред да го направиме здравиот мајонез за оваа салата.


Во еден блендер ставете го тофуто, лажиците сенф, малку маслиново масло и сокот од лимон, и блендирајте додека да добиете убава густа смеса.


Веганите сигурно знаат, меѓутоа еве за другите да напоменам дека тофу е всушност еден вид на сирење кој се добива од ферментирана соја.  Не содржи лактоза, има протеини од растително потекло, омега 3 и 6 масни киселини, железо и што е најважно низок процент на сол. Во Јапонија, оваа состојка ја сметаат за еликсир на младоста, со оглед на тоа што има огромни бенефиции врз човековото здравје.


Ви советувам да бирате секогаш органско тофу кое е сертифицирано, со оглед на тоа што сте сигурни дека сојата не е генетски модифицирана. За мојата руска салата најчесто користев обично тофу, меѓутоа еднаш немаше па пробав чадено и верувајте ми се заљубив во вкусот кој е многу подобар.

Во едно тенџерче динстирајте го зеленчукот кој го одбравте со малку сол, маслиново масло, еден прст вода и зачини по ваш избор. Во зависност од сезоната може да одберете свеж зеленчук (кога го има во продавниците и на пазарите) или замрзнат сецкан зеленчук за руска салата.


Откако зеленчукот ќе биде готов, додека е сеуште топол помешајте го со здравиот мајонез од тофу (од топлината мајонезот додатно ќе се стопи и ќе стане покремаст).


Cервирајте ја салатата во еден длабок тањир и украсете ја по ваш избор.


Секојпат кога ќе посакате да уживате во една здрава руска салата која освен тоа што е лесна варијанта на оригиналната, помага во намалување на лошиот холестерол и го подобрува варењето на храната. Оваа руска салата е сиромашна со масти, а богата со протеини.

Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе го пробате за да се уверите дека навистина е вкусен. Доколку е така, слободно оставете ваш коментар под самиот текст.

Вики

Thursday, March 17, 2016


Вкусни домашни њоки од компир


Типичен специјалитет на италијанската гастрономија, домашно проготвените њоки се обавезен дел од неделниот ручек во скоро сите италијански домови. Во продажба може да се најдат и веќе готови њоки, меѓутоа верувејте ми вкусот и квалитетот не може ни оддалеку да се спореди со оние кои сами ќе си ги направиме дома (како впрочем и со сѐ што е домашно нели). Овој специјалитет е лесен за подготовка (иако одзема малку време), а може да го зачините со она што имате на располадање, или со сос според ваш сопствен вкус.

Во денешнава статија заедно ќе подготвиме домашни њоки од компир и ќе ги потпечеме во рерна со прелив од домашен доматен сос, пармезан и босилек. За тестото односно њоките потребно е:

- 1 кг. компир;
- 250 до 300 гр. брашно по ваш избор;
- малку сол

Во оригиналниот рецепт има и јајца, меѓутоа мене лично ми се многу поубави без јајца. Доколку сакате да ја направите верзијата со јајца додадете едно цело јајце.

Најнапред компирот сварете го во едно тенџере. Откако ќе биде готов и додека сеуште е топол, излупете го компирот и со помош на еден толчник за правење пире згмечете го. Во таа смеса додадете го брашното (и јајцето доколку го користите) и направете еден вид на тесто. Контролирајте ја сами количината на брашно. Може да користите бело или интегрално брашно, по ваш вкус. Јас користев брашно од ориз кое сакав да го завршам. Од добиенотот тесто направете долги резанки и со помош на еден нож сечете ги на еднакви делови (убавината на домашните њоки е во тоа што секоја њока е различна и рачно изработена, за разлика од купечките кои се сите исти).


Добиените њоки ставете ги во еден тањир. Во меѓувреме ставете да врие едно тенџере со солена вода (на средно тивок оган) и откако ќе почне да врие ставете ги њоките (не сите одеднаш, од три до пет заедно) во тенџерето да се сварат околу минутка две.


Кога самата њока ќе исплива на површината на тенџерето значи дека е готова.


Њоките се вака готови за јадење и треба само да ги зачините по ваш вкус со сос или сирење. Меѓутоа, мене многу повеќе ми се допаѓаат доколку малку ги потпечам во рерна, така да откако ќе ги извадам од тенџерето ги редам во едно тавче во кое како подлога имам ставено рендан пармезан (понекогаш го правам и со моцарела ама дента кога ги правев сликите немаше во продавница). За овој рецепт користев рендан пармезан, домашен сос од домати кој го направи мајка ми и свеж босилек.


Врз пармезанот ставам ред од њоките, па повторно врз нив ставам пармезан, малку сос од домати и овојпат ставив и малку власец (еден вид на кромидче). Откако го наредив едниот слој ја повторив процедурата.


Потоа тавчето се става во загреана рерна на 180 степени околу 20 мин. односно додека њоките малку поруменат и додека пармезанот се стопи. Откако ќе ја извадите тавата од рерна додајте го босилекот, затоа што со термичка обработка се губи добар дел од неговиот вкус и станува малку горчлив.


Толку едноставно за правење, а премногу вкусно. Овој рецепт е идеален за да ги фасцинирате гостите или пак со сопственото семејство да уживате во еден прекрасен мирен неделен ручек.


Се надевам дека рецептот ви се допадна, а вие доколку го испробате, пишете коментар под самиот текст. Секако постојат и други варијанти на њоки на пример од жолта тиква или спанаќ, па доколку има желба ќе ви покажам како се приготвуваат.

Добар апетит
Вики

 

Monday, February 15, 2016


Како ја победив кашлицата???

Здраво на сите,

оваа зима е навистина чудна, топли скоро пролетни денови се менуваат со ладни температури, еден ден одиме со тенка јакничка и кошула, а ден потоа со бунди. Како последица на овие нагли промени кашламе и се здобиваме со полесни или потешки настинки.

И јас секако не бев исклучок и се здобив со кашлица, со која за среќа се справив на природен начин уште на самиот почеток. Ова секако е мое искуство и совети за природен пристап кон третманот на болно грло и кашлица. За посериозни проблеми посоветувајте се со вашите матични лекари.

Како што ви напоменав одненадеж почнав да кашлам. Прво од грло, меѓутоа се уплашив кога почна малку да ме боли и во градите (она благо почетно). Она што го направив во наредните два дена беше конзумирање на чај од ѓумбир и третман со етерично масло од еукалиптус.


За чајот со ѓумбир во 500 мл. вода ставив 80 гр. свеж корен од ѓумбир со 8 листови од ловоров лист. Варев на многу тивок оган околу 15 мин. поклопено со капак, (почнете да го сметате времето од почетокот на вриењето на водата) и потоа ја процедив смесата. Ја пиев наутро и навечер (со овие количини добивате околу две шољи чај (навечер повторно ја загревав смесата затоа што ја правев наутро). Во чајот наутро додавав една лажичка кокосово масло, а во чајот навечер една лажичка мед.

Кога го пиете чајот ќе почувстувате топлина и благо пецкање во грлото.

За третманот со етерично масло од еукалиптус кое е одлично кога станува збор за кашлица, потребно е да се земе една супена лажица базно масло (јас користев сончогледово) со три капки етерично масло од еукалиптус. Базното масло најнапред загрејте го малку на парното, во една чашка, па додадете го етеричното масло од еукалиптус. Пред легнување намачкајте ги градите со оваа смеса, ставете една памучна или ленена крпа и врз неа волнен шал. Легнете така да спиете и оставете смесата да делува преку ноќ.


Ете, ова за среќа делуваше кај мене, па сакав да го споделам и со сите вас.
Дали и вие сте имале некое слично искуство и како најчесто се справувате со кашлицата?

Вики

Saturday, February 13, 2016


Направи сам: домашно кокосово млеко


Кокосовото млеко е растително млеко кое се добива од ренданата полпа на свежиот кокос и претставува одлична алтернатива на кравјото или козјото млеко за веганите. Ова млеко воопшто не содржи лактоза што е одлично за оние кои имаат проблеми со нејзиното варење во организмот. Како и сите останати млека од растително потекло, и кокосовото млеко не содржи холестерол. Богато е со лауринска киселина која го зголемува нивото на добриот холестерол HDL и одлично делува на срцето и крвните садови. Како и да е кокосовото млеко е доста калорично, купечкото обично содржи 197 калории за 100 грама, така да не треба да се претерува со козумирањето. Кога станува збор за домашно подготвено млеко, за жал не може со прецизност да кажеме колку калории има (ниту пак колку хранливи состојки извлекло од кокосот), меѓутоа сепак треба да се биде внимателни.


Кокосовото млеко може да го направиме од свеж кокосов плод и од кокосово брашно, меѓутоа од искуство ви кажувам дека од свежиот кокос добивате многу поквалитетно и повкусно млеко, барем според мој вкус. Ги имам пробано и двата методи, и овој што во продолжение ќе ви го претставам најмногу ми се допаѓа како вкус и квалитет. Ајде да започнеме.

Најнапред за да го отвориме кокосот, со помош за отворач на вино треба да направиме две дупчиња во оној дел каде има три темни точки на самиот кокос. Потребно е да се направат две затоа што од едното излегува водата, а од другото влегува воздух за да ја олесни процедурата. На овој начин ќе ја извадиме кокосовата вода која природно е присутна во плодот, и која верувајте ми е толку вкусна и здрава што ќе посветам цела една статија за неа.



Откако ќе ја извадите водата со помош на една цедилка и палома марамица за да спречите нечистотиите од кокосот да завршат во неа, со помош на еден чекан почнете внимателно да го кршите кокосот во средината. Откако ќе го скршите кокосот извадете ја со помош на еден нож (многу внимателно) кората од плодот. Ете вашиот кокос е готов за понатамошна обработка.



Исплакнете го кокосот со малку вода и едната половина изрендајте ја со помош на едно ренде (рачно или електрично). Измерете колку точно рендан кокос имате (јас користев чашки за мерење, а вие може да користите и сад со бројки за литар и грами). Откако ќе утврдите колку грама рендан кокос имате, знајте дека треба да ставите двојно повеќе вода за да добиете млеко. На пример, јас имав две ипол чашки рендан кокос, така да додадов пет чашки вода (значи дупло).



Ренданиот кокос ставете го во еден блендер, а во меѓувреме загрејте ја водата се до степен на вриење (не треба да врие, туку баш пред степенот на вриење тргнете го тенџерето од рингла). Врелата вода додадете ја во блендерот и убаво блендирајте ја смесата да ја иситните колку што може повеќе.


Потоа во еден сад врз кој ќе ставите цедилка и чиста крпа процедете го кокосовото млеко и она што ќе остане во крпата убаво истиснете го за да го испушти целото млеко. Префрлете го во едно стаклено шише, и ете вашето млеко е готово.


Зошто да го направиме сами дома?

Најнапред затоа што заштедуваме премногу. Една мала конзерва кокосово млеко (околу 400 мл.) чини 200 денари (барем јас го земав толку минатиот пат).
Свежиот кокос го платив 60 денари, за рецептов потрошив само една половина од него (значи 30 денари), а добив цел литар домашно кокосово млеко.
Потоа, задоволството е секогаш големо кога ќе направиме нешто сами дома (барем за мене), а и знаеме дека ова домашно млеко е без конзерванси, масла и шеќери. Вкусот е одличен вака, меѓутоа доколку сакате, засладете го со малку мед.


Полпата од кокосот од која сме го исцедиле цело млеко не ја фрлајте.
Може да ја користите за подготовка на бисквити, да ја додадете во корн флејкс за доручек, или да ја употребите како пилинг за тело со додаток на некое масло (бадемово, маслиново, кокосово).



Сетете се пред секоја употреба убаво да го протресете шишето со млеко.
Може да го конзумирате за доручек, како ужина, да го користите за готвење, или да си направите вкусен веган милк шејк со овошје.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете сами да го направите дома кокосовото млеко. Доколку е тоа така, споделете ги овде вашите импресии.

Доколку ве интересира како се прави оризово и бадемово млеко ви ги оставам следниве линкови:
http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_30.htmlhttp://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_99.html

Едит: заборавив да напишам дека во фрижидер еден дел од млекото (оној помасниот) ќе се стврдне, така да пред конзумирање или оставете го малку на собна температура да парно да се стопли или со една подолга лажица (онаа за нескафе) помешајте го тој дел со остатокот од течноста.

До скоро читање.
Вики


 

Sunday, October 11, 2015


Калинка: природна вакцина за добро здравје и еликсир за убавина


Калинката е едно од моите најомилени есенски намирници, и од октомви месец па сѐ додека ја има на пазарот, го конзумирам нејзиниот сок наутро на гладно срце.

Богата е со витамините А,Ц и Б (содржи повеќе Ц витамин од портокалот) и минерали како потасиум и фосфор. Ова есенско овошје го зајакнува целиот имунолошки систем и навистина доколку се конзумира секојдневно, барем во текот на месеците октомври и ноември, делува како природна вакцина која штити од настинки, кои и те како се чести во овој период. Калинката има оргомно позитивно влијание врз срцето и артериите и благодарение на големото присуство на флавоноиди, претставува одлично средство за задржување на еластичноста на крвните садови.

Неодамнешните испитувања покажале дека благодарение на високото присуство на антиоксиданси и фитоестрогенти, калинката има одлично балансирачко дејство врз хормоналниот баланс во телото кај мажите и жените. Ги контролира промените во расположението за време на менопаузата кај жените и според едно испитување од страна на универзитетот Висконсин во САД, ова овошје има огромна моќ во контрастирање на канцерогените клетки, особено во случај на рак на простата.


Потоа калинката (особено нејзиниот сок) помага при проблеми со диареата која честопати е проблем во овој период особено при стомачните вируси од кои страдаат многумина. Како што веќе ви напоменав јас обавезно од октомври конзумирам цеден сок од калинка и токму затоа во продолжение би сакала да ви кажам зошто е толку корисен и како е најдобро да се конзумира.

Сокот од калинка може навистина многу лесно да се подготви дома, со помош на цедилка за портокали која се надевам сите ја имаме во нашите домови. Со помош на еден нож, калинката се сече на два дела и се цеди некзиниот сок, притискајќи ја врз цедилката (доколку е обична) или држејќи ја одозгора доколку имате електрична цедилка за портокали. Од две калинки со просечна големина (ни многу големи, ни многу мали) се добива сок како оној на сликата.


Вака исцедениот сок се конзумира наутро на гладно срце веднаш откако ќе го приготвите. Сокот ја подобрува работата на срцето, го зајакнува имунитетот, и на телото му ги дава сите потребни витамини и минерали. Како лек за заштита на срцето и подобрување на имунитетот, е препорачува конзумирањето на овој сок секојдневно барем во текот на два месеци.


Доколку наутро немате многу време, а сепак сакате да ја конзумирате калинката во текот на денот, со сокот може да ја зачините вашата салата наместо оцет или лимон, или пак во самата салата да додадете зрнца од калинка и да ја направите поздрава и похранлива. Исто така може да направите прекрасно ризото со калинкa.

Секако, не би била биодевојка доколку не ви дадам и некој рецепт за убавина со сокот од калинка.

1. Маска за лице

Оваа маска за лице претставува витаминска бомба која го враќа сјајот на лицето, ја омекнува кожата и ја подобрува бојата на самата кожа. По употребата кожата ќе биде поздрава и ќе има прекрасен здрав тен. Сѐ што ви е потребно за реализација на оваа маска е:

- 1 кафена лажичка свежо цеден сок од калинка
- 1 кафена лажичка мед
- 1 кафена лажичка маслиново масло (како замена може и бадемово, арган, јојоба или било кое друго лесно масло кое го имате дома).

Се мешаат сите состојки и со помош на една четкичка се нанесува на убаво исчистена кожа на лицето. Се остава да делува 15 мин. и се мие со многу млака вода.


2. Третман за висок сјај на косата

Ова овошје позитивно делува и врз косата со тоа што дава навистина висок сјај на самата коса. Во еден сад помешајте по една супена лажица од следниве состојки: свежо цеден сок од калинка, свежо цеден сок од портокал, мед и маслиново масло (може и друго како бадемово, рицинусово, арганово итн). Смесата нанесете ја пред шампонирање на косата и оставете да делува околу половина час. Потоа убаво измијте со млака вода и убав шампон. Секако зголемете ја количината во зависност од должината на косата.


3. Скраб за прекрасна кожа на телото

Во еден сад помешајте шеќер со масло (бадемово, маслиново итн.) се додека не добиете убава кремаста скраб смеса. Додадете една супена лажица сок од калинка и по потреба уште маслку шеќер. Со оваа смеса направете скраб на целото тело.

Се надевам дека она што го прочитавте во оваа статија беше доволно за да ја внесете калинката во секојдневната исхрана со цел да го подобрите вашето здравје, убавина и добросостојба.

Голем поздрав и до следната статија.
Вики


 

Sunday, October 4, 2015


Здрава есенска крем супа од тиква


Округла или долгнавеста, жолта или црвена, тиквата е дефинитивно една од моите омилени есенски намирници. Се смета за кралица на есента и тоа не е случајно. Таа е богата со витамините А и Ц кои се од неопходна важност за целокупниот наш организам, а и за убавината на кожата, ноктите и косата. Потоа, содржи бетакаротен и минерали како калциум, фосфор, цинк и потасиум. Богата со вода, а сиромашна со шеќери, оваа намирница содржи 15 калории на 100гр. и има навистина низок процент на масти помеѓу кои е присутен и најголемиот пријател на срцето: омега 3 масните коселини.

Еве ги најзначајните бенефиции на тиквата врз човековиот организам:

- го подобрува сонот;
- го намалува стресот и анксиозноста;
- ги зацврснува ноктите;
- ја подобрува структурата и убавината на кожата;
- го подобрува варењето на храната;
- го штити срцето;
- ја штити простатата;
- ја подобрува структурата на косата;

Мислам дека горенаведените податоци се доволна причина зошто тиквата треба да биде дел од нашата есенска исхрана. Токму затоа во оваа статија сакам да ви предложам како да направите кремаста супа од тиква и тоа на два начини, односно во две варијанти: солена и слатка варијанта.


1. Солена супа од тиква

За оваа варијанта потребни ви се следниве намирници:


- 1 поголем кромид;
- 4 моркови;
- 3 до 4 поголеми парчиња тиква

Во едно тенџере се ставаат исецкани сите намирници, се додава малку маслиново масло и лажица природна веѓета и се пропржува кратко за да омекне кромидот, а и намирниците да пуштат од своите сокови и вкус. Потоа се додава вода и се вари на тивок оган сѐ додека намирниците не омекнат. Готовата смеса се префрла во еден бледнер, се пасира и вашата супа е готова.


2. Слатка супа од тиква

Најнапред тиквата треба да ја сварите или испечете (ако имате голема тиква и сакате дел од неа да ја јадете печена а дел да ја направите како супа, тогаш испечете ја). Откако тиквата е готова, ставете ја во блендер заедно со малку млеко (доколку сте вегани употребете млеко од соја, бадем, ориз и.т.н.) и малку цимет. Секако количината на млекото и циметот регулирајте ја сами во зависност од тоа колку сакате да биде густа или слатка супата. Изблендирајте и вашата супа е готова, и може да ја комзумирате за ручек, но и како ужинка кога ќе посакате нешто слатко а здраво.


Се надевам дека ви се допаднаа овие две варијанти на супа од тиква и дека ќе ги направите. Во една од следните статии ви најавувам употреба на тиквата и во козметички цели.

Голем поздрав
Вики

 

Friday, October 2, 2015


Агрофуд 2015 на Скопски саем


Здраво драги мои,

вчера официјално започна меѓународниот саем на широка потрошувачка со акцент на македонската зимница и органската храна.
Кога прочитав дека ќе има и органска храна одлучив апсолутно да појдам и направам статија затоа што бев навистина љубопитна, а пред сѐ многу среќна со оглед на тоа што станува збор за македонски органски производи и производители и дај Боже да ги има сѐ повеќе и повеќе.


Штандовите на разни македонски производители и продавачи на органска храна се сместени во една хала, каде посетителите може да пробаат дел од производите и да се уверат во квалитетот и вкусот и да одберат нешто за себе по промотивни цени. Може да се најдат производи од најосновните како овошје, зеленчук и разни видови на житарици, до готови производи како мед, џем, природни доматни сокови, па и до несекојдневни и ексклузивни производи како мед со тартуф.


Освен штандовите каде потрошувачите може да се запознаат и сѐ повеќе доближат до органската храна и производи, програмата на оваа манифестација предвидува и отворен час за консултации на одредени штандови каде може да се дознае повеќе за филозофијата и приказната на одердени производители, да се дознае повеќе за растенијата и органскиот начин на одгледување на истите, како и за органските сертификати. Вкусот и едукацијата споени на едно место. Секако за подетални информации околу програмата отидете на сајтот на скоспки саем или јавете се на нивните телефони.


Само да напоменам дека саемот трае до недела, така да доколку сеуште не сте го испланирале викендот и доколку сакате да се доближите повеќе до концептот на органска храна, топло ви препорачувам да отидете. Халата е отворена од 11 до 19 часот. Утре (сабота) ќе има и организирани дегустации на органски производи на одредени штандови.


Еве каква беше атмосферата на некои од штандовите на саемот.






До скоро читање.
Вики

 

Wednesday, September 16, 2015


Домашен намаз од босилек (Pesto alla Genovese)


Здраво драги мои,

еве ме повторно  во рубриката за храна, овојпат со еден многу вкусен рецепт за намаз од босилек кој, верувајте ми, просто ќе ве воодушеви. Овој вид на намаз оригинално е познат под името песто ала џеновезе (Pesto alla Genovese), и е дефинитивно еден од моите најомилени намази кога станува збор за убав тањир паста. Во продажба може да најдете и готови теглички, меѓутоа во некои марки има конзерванси. Доколку обожавате да готвите и експериментирате во сопствените кујни, еве како да го подготвите сами дома.

За 4 лица потребни ви се:


- 100 гр. свеж босилек;
- 15 грама индиски ореви
- 50 грама пармиџано
- 1 чешне лук
- малку маслиново масло


Во еден блендер ставете ги сите состојки и блендирајте се додека не добиете убава кремаста структура. Ете вашиот намаз е готов. Обично во оригиналните рецепти наместо индиски ореви се користат пињоли, меѓутоа прво многу е тешко да се најдат кај нас, а друго доколку успеете да ги најдете чинат 2500 денари за кило. Оваа замена со индиски ореви е најверодостојна по вкус на овој намаз.


Обично традиционално се подготвува рачно во сад за толчење на зачини, меѓутоа за тоа е потребно доста време. Доколку немате толку време или пак таков сад, може да го подготвите и во блендер како што ви прикажав погоре.


Откако ќе ги сварите тестенините (по ваш избор шпагети, макарони или друг вид на паста), нанесете малку маслиново масло врз тестенините за да не се залепат и потоа врз нив ставете го намазот и убаво промешајте.


Вкусот на овој намаз е фантастичен и незаменлив и доколку сакате да ги изненадите вашите гости со нешто уникатно ви препорачувам да го направите. Пастата може да ја конзумирате само со намазот, или по ваш вкус да ја збогатите со домат и моцарела.


Се надевам дека и овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.
Поздрав и до скоро читање.

Вики

 

Friday, August 28, 2015


Многу вкусна торта со мармалад- кростата


Здраво драги мои,

еве уште еден рецепт кој апсолутно го обожавам и го правам навистина многу често. Идејата за овој рецепт ја добив од еден многу познат италијански слаткар чии рецепти ги обожавам, меѓутоа јас малку ја променив со оглед на тоа што ги исфрлив маргаринот и шеќерот и на нивно место додадов масло и малтекс. Исто така и квасецот во оригиналниот рецепт го заменив со пекарска сода и оцет. Навистина е многу лесна како храна, не го оптоварува организмот, а идеална е за доручек, ужинка или пак како десерт. Многу лесно се приготвува а од состојки потребни ви се:

- 300 гр. брашно (јас користев микс од повеќе брашна пченично интегрално, брашно од хељда, ржано брашно и брашно од соја);
- две големи лажици масло;
- една мала лажичка пекарска сода;
- една голема лажица оцет;
- 3 големи лажици малтекс (доколку сакате послатко, може да ставите и 4);
- вода;


Во еден сад најнапред со помош на едно сито иситнете го брашното и додадете ја содата. Потоа додадете го оцетот, маслото, малтексот и на крај водата. Како масло најнапред користев неутрално (сончогледово), меѓутоа еднаш пробав и со маслиново и воопшто не е силно и не се чувствува мирисот. Така да доколку ви се допаѓа маслиновото слободно може да го користите. Смесата убаво спојте ја и на една побрашнета површина со помош на сукало развлечете го тестото нешто поголемо од вашата тава во која ќе го печете.

Откако ќе го сместите тестото во тавата (и ќе го тргнете вишокот на тесто од страните кое виси), еве ви еден трик како вашата торта да биде успешна и многу лесна. Со помош на една вилушка направете дупчиња по целото тесто со цел да може воздухот слободно да навлезе и тестото да остане што пониско. Доколку не го сторите ова тестото под дејство на оцетот и содата кои ги користиме како замена за квасец ќе нарасне и ќе добиете леб наместо убава ниска торта, а тоа не ни е целта, секако.


Одозгора намачкајте го џемот. Може да одберете било каков вид на џем. Јас овојпат одбрав еден навистина многу вкусен џем, кој честопати го гледав и конечно се решив да го пробам. Станува збор за манастирки мармалад кој го прават во манастирот Св. Јован и верувајте ми навистина е превкусен. Овој мармалад може да го најдете во продавницата на Beorg e Fresh (мислам дека само таму и го има, не сум го видела на друго место), меѓутоа верувајте ми навистина вреди да се проба. Има повеќе вкусови, а јас го избрав овој од вишни.


Откако ќе го нанесете мармаладот, од остатокот на тестото кое го извадивте додека го сместувавте тестото во тавата, направете мали ленти со кои делумно ќе ја покриете оваа торта или кростата.



Откако ќе го сторите тоа ставете ја да се пече во загреана рерна. Јас ја ставам на 200 степени затоа што мојата рерна е послаба, меѓутоа доколку имате понова и поубава рерна довлно е на 180. Откако ќе се испече извадете ја, оставете ја да се олади и ете, вашата кростата е готова и може да ја конзумирате како што сакате вие.


Гледате ли колку беше лесен овој рецепт, веднаш се прави, не се потребни многу состојки или време, а сепак добивате здрава, диетална и многу вкусна варијанта на класичната кростата.


Се надевам дека уживавте и во оваа статија, а ние се читаме многу наскоро.
Поздрав

Вики

 

Monday, August 24, 2015


Киноа: мајка на сите зрна


Киноата води потекло од Јужна Африка и многу често се смета како житарица што е погрешно. Без разлика на изгледот и вкусот, киноата всушност е дел од фамилијата на спанаќ. Нејзините лисја може да се прогитват на истиот начин како спанаќот и го имаат истиот вкус. Станува збор за една навистина многу античка билка одгледувана од страна на Инките кои ја нарекувале “мајка на сите зрна“. Киноата не може да се одгледува насекаде и најголеми производители се: Боливија, Чиле, Еквадор и Перу.

Киноата е многу сиромашна со глутен затоа е одлична храна и за оние кои страдаат од целијакија (нетолеранција на глутен). Многу е богата со јаглени хидрати (55% ) кои во поголемиот дел се хранливи влакна, потоа протеини (12%) поради кои претставува одлична замена за животинските протеини кај веганите . Во нејзиниот состав се присутни две многу важни аминокиселини кои се од особено значење за организмот односно: лизин и метионин. Понатаму, содржи добро количество на витамини и минерали особено магнезиум, витамин Ц и витамин Е. Во 100 гр. киноиа има 64 гр. јаглени хидрати, 14 гр. протеини и 6 гр. масти, со калориска вредност од 370 kcal.


Нејзините зрна се покриени со една горчлива состојка која се нарекува сапонин која ја штити киноата од уништување од птиците. Оваа состојка може да биде токсична за нашиот организам, затоа при подготовката на јадења, треба најнапред да се стави да кисне во вода околу саат време, а потоа убаво да се измие пред да се почне со термичката обработка. Постојат повеќе видови на киноа, меѓутоа основните се разликуваат според бојата на зрното и тоа: црвена, жолта и црна киноа.

Откако ги разгледавме потеклото и хранливите вредности на киноата, би сакала да ви предложам еден навистина лесен, здрав и многу вкусен рецепт, погоден за сите со црвена киноа која е моја омилена.


За подготовката на овој рецепт потребни ви се:

- киноа (количината изберете ја сами во зависност од тоа за колку души ја подготвувате, меѓутоа имајте на ум дека со варењето нејзината маса се зголемува),
- зеленчук по ваш избор (јас одбрав бамја, пиперки, морков, кромид, домат и тиквички),
- вегета или зачини по ваш избор
- вода

Ова е мојот начин на подготовка на киноа со зеленчук: во едно поголемо тенџере на малку маслиново масло со сол зачини или веѓета, ставете ги кромидот, пиперката, доматот, морковот и бамјата и пропржете ги додека да пуштат од својот вкус и додека да омекне кромидот.


Потоа додадете ја киноата и додадете два пати повеàе вода (на пример ако користите 70 гр. киноиа ставете 150 гр. вода). Варете на ниска температура околу 20 мин. Некаде околу 3 мин. пред крајот додадете ги и тиквичките. Откако ќе помине времето потрбно за подготовка, тргнете го тенџерето на страна и оставете малку да се олади.

Ете вашиот здрав оброк со киноа е готов. Многумина киноата ја варат посебно од зеленчукот па дури потоа ја зачинуваат, меѓутоа мене лично повеќе ми се допаѓа вака, затоа што на некој начин при варењето ги впива вкусовите од зеленчукот.

Вкусот на киноата е фантастичен, мене лично ме потсетува на сусам. Според мене дефинитивно треба да стане дел од вашата секојдневна исхрана, со оглед на тоа што вашиот организам ќе извлече милион бенефиции.


 


Сервирајте ја онака како што вие сакате и збогатете ја со малку магдонос, соја сос или пак гомасио (по ваш избор).

На крај ми останува да ви препорачам пријатен апетит и да ви закажам слена средба многу наскоро.


Вики

 

Домашно суши (со она што го имаме во нашите кујни)


Здраво драги мои,

дефинитивно едно од моите омилени јадења, фантастично за секоја пригода, особено ако сакате да направите мал коктел од типот finger food со мали залчиња и за повеќе души. Повеќето од вас можеби сметаат дека е комплицирано за изработка. Епа денешнава статија има за цел да ви докаже дека суши може да го направиме со било која состојка која ја имаме дома, според наш вкус и дека подготовката е навистина многу лесна (откако ќе се навежбате).

Во насловот на оваа статија споменав “со она што го имаме во нашите кујни“ токму така драги мои. Знаеме дека за подготовка на овој специјалитет секако ни е потребен специјален ориз за суши, оцет од ориз, алга нори и состојки по наш избор за полнењето. Оригиналниот ориз за суши е насвистина одличен (тоа и му е намената мора да биде одличен :)), и е навистина тешко да се најде барем кај нас. Единствено место каде го има (барем јас таму сум го видела а може да го има и на други места) е супермаркетот Carrefour во т.ц. City Mall, меѓутоа проблемот е тоа што го нема секогаш. Трет пат како што го барам и го нема на лагер. Потоа оцетот од ориз може да биде доста скап. Го имам видено во Carrefour и во некои продавници за здрава исхрана, меѓутоа многумина не би го земале затоа што е нешто што не го употребуваат често или пак затоа што е потешко да се најде.


Меѓутоа не се грижете, најдов одлична “домашна“ алтернатива за овие состојки и со оглед на тоа што јас суши правам многу често, може да ви кажам дека вкусот е многу сличен, ако не и ист како оној направен со оригиналните материјали.

Да не ве држам во неизвесност затоа ајде да започнеме.

За моето домашно суши потребно ви е:

- 150 гр. бел ситен ориз
- 3 парчиња алга нори
- јаболков оцет
- сол
- шеќер (јас користев интегрален)
- лосос (или било која друга риба која ви се допаѓа)
- краставичка (или било кој друг зеленчук како морков, целер)

Што се однесува до оризот кој го користев во рецептот, навистина не ја знам марката, меѓутоа важно е да е ситен. Јаболковиот оцет ќе го користиме како замена за оцетот од ориз и тоа помешан со шеќер и сол. Верувјте ми ја има истата функција на оцетот од ориз, а и вкусот е доста сличен во крајниот производ.


Најнапред оризот измијте го многу убаво со ладна вода, се додека водата не стане бистра (на почетокот додека го миете водата ќе биде бела ама инсистирајте, потребно е трпение). Откако убаво го измивте оризот ставете го во едно тенџерче и додадете вода за да го покриете (малку над оризот). Ставете го да се вари (покриено со капак) на многу ниска температура околу 15 мин. За време на варењето никако не го кревајте капакот. Пожелно е да ставите проѕирен капак за да може да го надгледувате оризот. Откако ќе поминат 15 мин. тргнете го тенџерето од рингла и оставете го така да стои уште 10 мин.


Во едно ѓезве загрејте го оцетот заедно со шеќерот и солта. За количината на ориз која ја користев доволно ми беше околу четвртина шоља за кафе оцет (малку повеќе од четврт) во која ќе растворите половина лажичка шеќер и малку сол (на врвот на лажичката). Откако смесата ќе се олади сипете ја врз оризот и убаво помешајте. Секако вие експериментирајте со количините и откако ќе го најдете вкусот што ви се допаѓа така и правете го.

Оставете го оризот на страна додека убаво не се олади и потоа ставете го во фрижидер во еден сад (јас користев порцелански) со капак да отстои цела ноќ. Може да се запрашате зошто цела ноќ? Затоа што од искуство ви велам дека е многу подобар ден потоа отколку истиот ден.

Изутрина, извадете го оризот од фрижидер, земете ја алгата и ставете врз неа убава количина од оризот. Намокрете ги рацете да спречите оризот да ви се лепи на нив.


Оставете простор на едниот крај од алгата за да можете полесно да ја затворите. Врз оризот ставете го она полнење кое ви се допаѓа. Јас направив два вида: со пушен лосос и пушен лосос со краставица.


Полека почнете да виткате внимателно и накрај спојте ги краевите премачкувакќи ги со малку вода.


Ете вашето суши/маки е готово.

Доколку немате алга или пак не ви се допаѓа не очајувајте. Може да направите сашими. Едноставно земете мал дел од оризот, формирајте го како издолжена топка, и врз него одозгора ставете го парчето пушен лосос.



Откако ќе ги направите сите ролни со суши/маки, земете убав остар нож и сечете ги на парчиња со средна дебелина и сервирајте ги онака како што вам ви се допаѓа.



 Ете драги мои, не е потребно да купувате специјални производи. Пробајте ја мојава домашна варијанта и оценете сами дали вкусот е добар како и оригиналните.


Доколку сакате ставете малку соја сос во едно чинивче на страна и макајте ги секој од овие суши маки пред да ги изедете. Овој сос им дава навистина прекрасен вкус и мирис. При изборот на соја сосот ве молам земајте секогаш органски, затоа што сме сигурни дека во него нема ГМО (со оглед на тоа што е забранет во органската култура).

Секако ви благодарам многу на вниманието и се надевам дека некој од вас ќе се обиде да ги направи. А доколку е тоа така, слободно пишете ми импресии под текстот.

До следната статија.

Вики

 

Thursday, August 13, 2015


Многу вкусни интегрални лајт мафин


Одличен за појадок или ужинка, мафиниот е едно многу вкусно слатко задоволство кое може да биде и навистина многу здраво. Се зависи од начинот на подготовката. Токму затоа во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам еден фантастичен рецепт за лајт верзија на традиционалните мафини. Овој рецепт е со интегрално брашно, не содржи јајца, млеко и путер, ниту пак квасец. Одлични се и за веганите.

Се што ви е потребно да го подготвите овој навистина делициозен рецепт е:

- 280 гр. брашно (јас користев мешавина од интегрално пченично и брашно од хељда);
- 150 гр. шеќер (јас користев кафеав)
- две лажички сода бикарбона (јас ја користам пекарската сода на биокосмос);
- 250 мл. вода
- 2 супени лажици оцет
- 100 мл. масло од сончоглед (ви советувам да користите од сончоглед затоа што маслиновото се чувствува и дава тежок вкус на слатките)
- 100 гр. полнење по ваша желба (јас користев 50 гр. капини и 50 гр. темно чоколадо)


Е сега, сигурно која ја читавте листата се запрашавте...оцет??? Да не полудела Вики??? Оцетот во комбинација со содата е всушност природна замена за квасец. Ќе му помогне на тестото да нарасне, а воопшто нема да се почувствува ни мирисот ни вкусот во финалниот производ. Јас имам една листа на природни состојки кои се всушност одлична замена на индустрискиот кавсец (ќе ви ја објавам во некоја од следните статии), и секогаш ги употребувам кога правам слатки или солени работи.

Ајде да започнеме со подготовката. Најнапред со помош на едно сито просејте го брашното заедно со двете кафени лажички сода во еден длабок сад, со цел да ја спречите формацијата на грутки. Во таа смеса додадете го и шеќерот. Доколку како мене користите кафеав шеќер, во тој случај знаете дека овој вид на шеќер се лепи и е склон кон создавање на грутки. Слободно убаво разработете го заедно со брашното во садот со помош на рацете, се додека не ги иситните сите грутки. Потоа тргнете го садот на страна.

На друго место ставете ја најнапред водата, потоа двете супени лажици оцет и на крај маслото и убаво измешајте. Помешајте ја течната со сувата смеса.


Не мешајте многу затоа што сепак смесата треба да остане потечна, и на крај во неа додадете го вашето полнење. Може тоа да бидат малини, боровници, ореви, чоколадо...по ваш избор. Јас лично смесата ја поделив на два дела и во едниот ставив 50 гр. капини, а во другиот 50 гр. темно чоколадо. Вака добиената смеса излијте ја во калапи за мафин каде претходно имате ставено украсна хартија за мафин, и одозгора украсете со она полнење кое сте го ставиле внатре.

Е сега еден мал трик како успешно да ја излиете смесата без да направите лом насекаде. Префрлете ја смесата во едно поголемо ѓезве (она за чај или кафе) и на тој начин излејте ја во калапот. Мене вака ми беше најлесно и веднаш ги наполнив сите калапи за мафин,.

Вака подготвената смеса ставете ја во загреана рерна на 180 степени.


Доколку имате послаба рерна како мојата може и на повисока температура. Сепак раководете се според вашите рерни. Исто така и времето на печење не е исто за сите рерни. Секако во модерните рерни ќе бидат готови за 18 мин., додека во мојата беа потребни 25. Така да тоа е индивидуално, без да ви кажувам колку минути да ги печете, сепак готови се кога ќе поруменат убаво. Направете тест со чачкалица за да се осигурате дека се добро печени.

По истекот на времето, извадете ги од рерната и оставете да се оладат. Ете вашите здрави и вкусни мафин се готови и чекаат на вас да ги конзумирате како што сакате.


Верувајте ми според мене одлични се за доручек со чај или јогурт, или пак за ужинка. Навистина здраво и слатко задоволство кое дефинитивно треба да го пробате.


Да напоменам дека со горенаведените количини се добиваат 10 големи мафин.

Се надевам дека уживавте и во овој рецепт и дека ќе се обидете да го направите. Ако тоа е така, не ми преостанува ништо друго туку да ви посакам пријатен апетит.

Се читаме наскоро.

Вики

 

Tuesday, August 11, 2015


Здраво и вкусно јадење: кус кус со зеленчук


Здраво драги мои,

со жешкото секако нашиот апетит се намалува и се повеќе и повеќе имаме потреба од освежувачка храна која за цел има да ни ги врати минералите изгубени преку потта, и на некој начин да го освежи нашиот организам. Затоа во денешнава статија би сакала да ви предложам едно прекрасно летно јадење кое е навистина лесно за подготовка, има огромни бенефиции  за самиот организам, со оглед на тоа што е лесно сварливо, и претставува одлична алтернатива на тестенините во летниот период. Станува збор за едно од моите најомилени јадења, односно кус кус.

Кус кус е всушност еден вид на житарица која претставува пченични гранули кои се веќе претходно малку сварени, така да за неговата подготовка потребно е навистина малку време. Една од главните карактеристики на кус кусот е големото присуство на хранливи влакна (а знаеме сите колку е важно во нашите диети да внесуваме намирници богати со диетални влакна), и е одличен алеат во регулирањето на целиот метаболизам и како помош во исфрлањето на непотребните материи од телото. Потоа, богат е со витамините од групата Б и витаминот А, како и потасиум, фосфор, магнезиум и калциум. Содржи навистина многу маслку масти. 



Ќе го најдете во специјализираните продавници за здрава храна. Јас лично го земав од продавницата на Beorg за која ви говорев веќе во статијата за органска храна http://biodevojka.blogspot.com/2015/06/beorg-e-fresh.html, каде искористив и да земем свеж сезонски зеленчук за да ви го подготвам денешниов супер лесен летен рецепт. Може да го подготвите на разни начини комбинирајќи го со риба, месо или пак само со сезонски зеленчук. Во денешниов рецепт ќе ја направам третата варијанта, односно само со зеленчук, со цел да биде еден вид на универзален рецепт за сите оние што ме следат, па и за оние кои не конзумираат месо. 

За 4 до 6 лица потребни ви се:

- 2 до 3 парчиња кромид (во зависност од големината)
- 4 моркови
- 2 тиквички (или една поголема)
- 4 пиперки
- 2 модри патлиџани
- 1 црвен домат
- 250 грама кус кус


Најнапред на малку маслиново масло пропржете ги ситно исецканиот кромид, морков, пиперка и модар патлиџан додека не омекнат, додадете една лажичка природна вегета и малку водичка. Оставете зеленчукот да омекне на многу ниска температура. 


Откако зеленчукот убаво ќе омекне додадете ги тиквичките заедно со доматот и оставете да се вари уште околу 5 мин. Проверете го вкусот и ако е потребно додадете малку сол (со оглед на тоа што користам домашна веѓета која веќе има внатре сол, јас лично ретко додавам сол затоа што вкусот е во ред. Доколку ве интересира рецептот за природната веѓета погледнете ја статијата http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html)

Кога зеленчукот ќе биде готов исклучете и тргнете го тенџерето од ринглата. Во посебно тенџерче ставете го кус кусот, и додадете малку маслиново масло и убаво мешајте со една лажица или вилушка, за да ги раздвоите зрната и да спречите да се залепат во текот на подготовката. 


На страна во едно друго тенџерче загрејте вода. Количината треба да биде пропорционална со количината на кус кусот кој го користите (во случајов 250 мл. вода). Додадете малку сол, која може да ја ставите во водата или пак во тенџерето со кус кус заедно со маслиновото масло. Јас ја ставам во водата уште кога е ладна. Откако водата ќе почне да врие, тргнете ја внимателно од ринглата и истурете ја во тенџерето со кус кус, покријте го и оставете го така од 5 до 7 мин. По истекот на времето, полека со една вилушка раздвојувајте ги зрната кус кус, и додадете го во тенџерето со зеленчукот и убаво промешајте.

На крај може да го зачините ова јадење со еден од следниве зачини: кари, гарам масала или пак да му додадете куркума и малку црн пипер (во зависност од вашиот вкус). Вака подготвеното јадење може да се конзумира топло, но уште е повкусно доколку го конзумирате ладно. Одозгора по ваш вкус може да додадете и маслинки кои одлично се сложуваат.



Се надевам дека овој летен, лесен и многу вкусен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. 


Голем поздрав и до следната статија.

Вики














 

Tuesday, August 4, 2015


Здрава и урамнотежена исхрана: моето лично искуство



Откако почнав да говорам за здрава исхрана и да објавувам рецепти кои го прочистуваат организмот како детокс водите од малина и краставица, добив навистина многу барања да напишам една статија за сите состојки кои ќе ви помогнат да ја намалите телесната тежина, на кој начин може секогаш да се оддржите во форма и каква храна да се конзумира.

Со оглед на тоа што не сакав да напишам статија која ќе биде еден вид на предавање од типот јадете ова...правете она...избегнувајте ова...(а немам ни право да ви кажувам што да правите во животот и како да се исхранувате), се решив да ви го откријам мојот личен метод на оддржување на формата и телесната тежина. Така да во денешнава статија ќе ви ја напишам мојата приказна што се однесува до исхраната, крајностите во кои одев во одредени периоди во животот и како конечно го пронајдов одличниот баланс.

Најнапред важно е да напоменам дека не сум нутриционист по професија и ова што ќе го прочитате во продолжение е она што за мене лично функционира. А верувајте додека стигнав до еден стадиум каде пронајдов рамнотежа во исхраната, спортот и добросостојбата, поминав низ милион различни фази одејќи од една крајност во друга. Секако ова се само совети кои може да ви ги дадам, и кои доколку ви се допаѓаат може да ги вметнете во сопствениот животен стил без драстично да ја промените вашата секојдневна рутина. За било што, секако консултирајте се со вашите нутриционисти или матични лекари.

Јас и исхраната- мојата лична приказна


Храната може да биде лек и отров... ах колку е само вистинита оваа реченица...златно правило. Ние сме она што го јадеме и храната не само што влијае врз нашиот организам, убавина, кожа и коса, туку и врз нашето однесување. Од дебелко детенце, до претерано слаба тинејџерка, па се до конечно избалансирана, здрава и доста добро оддржана 37 годишна, верувајте ми скоро цел живот талкав од една крајност до друга, се додека конечно не ја пронајдов сопствената рамнотежа во поглед на исхраната. Извесен период од животот одбивав да јадам благо, потоа претерував со благото, го исфрлив лебот за повторно да го внесам, избегнував млечни производи, за потоа да претерувам со кашкавалот и.т.н., се додека не сфатив дека урамнотеженоста е златно правило во животот. Верувајте ми правев такви претерувања што неможев ни на раат да излезам со луѓе во ресторан, затоа што беше трагедија ако храната содржи ова или она, ако случајно се најде мало делче од некоја состојка која не ја конзумирам, па дури и панично избегнував одредени намирници. Зошто се решив да го напишам сево ова? Затоа што претпоставувам и знам дека ме читаат разни генерации, а меѓу вас и многу млади девојчиња кои сеуште талкаат во потрага по вистинскиот метод преку кој ќе имаат совршена линија. Јас бев една од нив, читав пробував различни режими, и доколку оваа моја исповест и совет помогне на некој друг да многу порано го пронајде сопствениот баланс би била пресреќна. Тоа е мојата желба и целта на ова што го правам.

Значи по долги години талкање пред околу 3 години (што да кажам никогаш не е доцна), за среќа и конечно го пронајдов она што одлично одговара за мене и што ми дозволува да на храната гледам со други очи и секако да ја конзумирам со сласт и уживање.

Најнапред да кажам дека сѐ започнува во главата. Да, токму така преку мислата, преку нашиот став, страв или доверба ние го контролираме нашиот ум, а тој ги контролира сите останати работи во животот. Затоа најважно е внатре во себе да се помирите со одредени ставови, стравови и сфаќања, и да почнете работите да ги гледате со поинакви очи. Важно е да изградите убав однос со храната, да сфатите дека таа може да биде и вашиот најдобар пријател, дека се е добро и потребно за организмот доколку се конзумира во умерени дози. Секако предност треба да се даде на свежата храна како зеленчукот и овошјето кои се од огромна важност за внесување на витамини и минерали во организмот, на житариците, легумите и рибата, меѓутоа верувајте, ако изедете една пица еднаш во неделата ништо нема да се случи. 

Знам дека сте нетрпеливи, така да еве веднаш преминувам на сѐ она што за мене функционира и од кое не само што гледам резултати, туку се чувствувам одлично и во форма.

- Конзумирам навистина многу течносту во текот на денот. Никогаш не сум под 3 литри дневно. Може да станува збор за чаеви, чиста вода или пак детокс вода. Најважна работа е да се оддржува правилна хидратација на телото за да може целиот организам правилно да функционира. Од време на време правам и третмани на прочистување (најчесто пролетно време), каде конзумирам специјални течности или чаеви за детоксификација на организмот.


- Обожавам да јадам риба и ја јадам два пати неделно. Понекогаш јадам и месо меѓутоа многу ретко затоа што самиот организам не ми бара. Конзумирам многу овошје и зеленчук (по можност сирови) и јаткасти плодови. Конзумирам и доста житарици и никогаш не сум била согласна на диетите каде една група на јадење треба да се исфрли за да се ослабне. Тоа е мое лично мислење. Се водам според златното правило богат доручек, добар ручек и сиромашна вечера (доколку има интерес ќе ви пишам и пример за оброци и здрави намирници, вие само оставете коментар под текстот). Една од работите кои за мене одлично функционира и дава екстра резултати е честото јадење. Можеби ќе ви звучи чудно меѓутоа јадам и до 6-7 пати дневно, на секои 3 саати, меѓутоа по малку. Од она што кај себе лично го забележав е доколку го правам ова, метаболизмот го оддржувам секогаш активен, а тој и кога работи троши. Важно е да се јаде по малку и квалитетно (овошје, шака јаткасти плодови, две три коцки темно чоколадо, салата од зеленчук итн.).


- Секојдневно конзумирам една лажичка кокосово масло на ден. Најчесто тоа го правам во чај, кој не само што дава одличен вкус на чајот, туку и дава неверојатна енергија во текот на денот. Кокосовото масло е добро затоа што ја регулира работата на метаболизмот и на некој начин помага во слабеењето. Внимавајте да не претерувате со количината, секое претерување дава контра ефект. Исто така е важно да не го користите ова масло како замена за маслиновото или сончогледовото (во зависност какво масло користите за готвење и зачинување), туку да биде дополнување во исхраната.


- Конзумирам исклучиво интегрални житарици (леб, тестенини, ориз и др.), кои содржат доста влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на метаболизмот. Исто така белиот шеќер го имам заменето со мед, малтекс и кафеав шеќер. 

- Обожавам слатки и по долга борба со нив (вечната дилема да или не на благите работи), сепак се дел од мојата исхрана. Кога лично си ги правам дома, иако не сум веган, гледам рецептите да ги поедноставам во веган варијанта, без млеко и јајца и обавезно со кафеав шеќер, малтекс или мед. Меѓутоа кога одам на гости или пак со друштво на сладолед, јадам сѐ. Сигурно кафичите и рестораните за мене специјално нема да прават сладолед со кафеав шеќер или пак да им солам памет на луѓето кај кои одам на гости, како да готват.


- Едно од најдобрите совети кои можам да ви ги дадам е честете се себе си. Кога сте излезени надвор, дозволете си сѐ во умерени количини, меѓутоа дома внесувајте само здрава храна. Многу луѓе секогаш кога ќе излезат во град или кога ќе отидат на гости се устручаваат да јадат велејќи “не благодарам на диета сум“, а дома фрижидерот полн со нездрава храна. Не е толку страшно ако кога излеземе се почастиме себе си со сладолед, изедеме парче пица или пак сендвич. На крајот на краиштата човечки суштества сме не роботи. Она што е важно е што внесуваме секојдневно во сопствените домови. Еве јас на пример фрижидерот и креденецот го полнам со здрава храна (житарици, јатксти плодови, овошје, зеленчук, природни засладувачи и.т.н.). Значи не дозволувам дома да внесувам секојдневно нездрава храна па да паѓам во искушение, или да мора да ја конзумирам за да не се расипе, меѓутоа кога излегувам надвор и тоа како ќе се почастам себе си со сѐ она од кое моето тело има потреба во моментот и кое ете ми се јаде во одредена прилика. И верувајте ми ова функционира, затоа што од голема важност е она што го конзумираме редовно на секојдневна база, а не она што еднаш неделно ќе се почастиме и ќе се засладиме. Секако нели умерено и со усул, што би се рекло.


- Друг многу важен совет е: секогаш слушајте го вашето тело. Слушајте се себе си, она од кое имате потреба. Гледајте што е она што ви прави добро или лошо, што е она што за вас лично функционира. Убавината е во тоа што секој организам е различен и она што функционира за мене не секогаш е функционално и за останатите.

- Ве молам избегнувајте ги драстичните диети, оние кои ветуваат чуда за еден месец и преку кои се губат и до 5 килограми. Подобро е постепено, меѓутоа сигурно. Подобро е да губите и по два грама месечно и за една година да го достигнете својот идеал, отколку за два месеци убавата линија да ја платите со сопственото здравје. 

Ете, драги мои, се надевам дека ви се допадна ова што го прочитавте и најважно од се дека ќе извлечете некаква корист од него. Како што веќе напоменав целта не ми е да ви кажувам што да правите, ниту пак да ве убедувам дека ова што јас го правам е најдобро. Треба секојдневно да се чувствуваме добро сами со себе си и на некој начин она што го конзумираме да не прави среќни. Ако јас се лишам од многу работи и држам строги диети поради кои сум заборавила да се смеам, не сум направила ништо. Напротив ги влошувам работите.

Секако доколку има интерес во некоја од наредните статии ќе говорам и за спортот и неговиот удел за здравиот организам и пред се кондицијата и добросостојбата на телото, а дотогаш ве гушкам сите и ви благодарам за вниманието.

Вики

Comments